• сабота, 21 декември 2024
МИА Флеш

            10 декември 2024

 

Скопје - Полицијата во координација со Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) од рано изутрината спроведува акција во Велес, Неготино, Битола, Кичево и Скопје поврзана со работењето на РЕК Битола и РЕК Осломеј за набавка на адитиви. Според проценките, направена е штета и стекната противправна имотна корист од 6, 5 милиони евра.

Со акцијата се опфатени вкупно 29 лица, меѓу кои и поранешниот директор на РЕК Битола Васко Ковачевски, кој се товари за несовесно работење во службата, и не е во државата и за него нема да се бара притвор. Според информациите на МИА, во акцијата полицијата запленила 130.000 евра во кеш.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција потврди дека во тек е акција против организирана група од 23 лица, а меѓу нив е и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, но тој во моментов е надвор од државата и не е достапен за органите на прогнот. Лицата, како што претходно беше објавено според првичните информации се осомичени за криминал во врска со работењето на на електраните РЕК Битола, РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино, а Мицкоски истакна дека станува збор за криминал од околу 6,5 милиони евра. 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека ставањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби и на судијата на Апалациониот суд Енвер Беџети на црната листа на САД поради значителна корупција, е само потврда од стратешките партнери на она што го говореле уште во опозиција за вмешаност во корупција и е само почеток од многу такви случаи што очекува во наредниот период да бидат објавени во јавноста. 

Скопје - Амбасадорката на САД во земјава, Ангела Агелер денеска на прес-конференција информираше дека поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети се ставени на американската црна листа поради политичко мешање и обиди за оцрнување на судството во државата. Таа подвлече дека на нив и на нивните најблиски им е забранет влезот во САД, а во Вашингтон во меѓувреме се разгледуваат и дополнителни санкции.

-Стејт департментот на Соединетите Aмерикански Држави вчера презедоа значаен чекор во борбата против корупцијата, со ставање на поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија Енвер Беџети на американската црна листа, поради политичко мешање во судството. Затоа, на нив и на нивните најблиски членови на семејството им е забранет влезот во САД. Во Вашингтон во меѓувреме се разгледуваат и дополнителни санкции, рече Агелер.

Скопје - Најмалку седум милиони евра и 200 нови работни места, предвидува инвестицијата на швајцарската „ДМ Бау АГ“ за која денеска во Владата Договор потпишаа премиерот Христијан Мицкоски и менаџерскиот тим на компанијата.

Како што информира Мицкоски по потпишувањето, инвестицискиот план ќе се реализира во индустриската зона близу Куманово, а вклучува вложување во купување земјиште, целосна изградба на погони и нивно опремување со машини за производство на модуларни објекти со различна намена.

Скопје - Комисијата за финансирање и буџет денеска ја усвои Предлог одлука за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, која е на дневен ред на 22. пленарна седница што е закажана за 11 часот. 

Целта на предложената одлука е соодветна реалокација на средствата помеѓу буџетските корисници со цел финансирање на приоритетните потреби на буџетските корисници во функција на подобрена реализација на Буџетот за 2024 година, стои во образложението на Владата. 

Скопје - Собранието во рамки на 22. пленарна седница денеска ја започна петдневната расправа за Предлог-буџетот за 2025 година.

Согласно Деловникот на Собранието, на седницата пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на Владата може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска пред пратениците истакна дека следната година ќе биде инвестициска. 

Скопје – СДСМ ја поздравува одлуката на Стејт департментот на САД за впишување нови лица на црната листа, рече пратеничката Јованка Тренчевска.

- СДСМ смета дека исклучително е значајна поддршката на нашите стратешки партнери во борбата против корупцијата во Република Северна Македонија. Сите сомнежи за корупција и злоупотреба на јавни средства во државата треба да бидат истражени од истражните органи. Го охрабруваме целиот правосуден систем да работи посветено и без двоумење, рече таа на денешната прес-конференција.

Скопје - Децентрализацијата е клучна за аспирациите на Северна Македонија кон Европската Унија, со тоа што се јакнат демократијата, локалните самоуправи, се подобрува управувањето и се обезбедува повеќе средства од даночните обврзници, се негува регионалниот развој ... рече меѓу другото, амбасадорката на Шведска во земјава, Ами Ларсон Џаин на годишната конференција за локална самоуправа и децентрализација во организација на Министерството за локална самоуправа, насловена „Кон одржлива локална самоуправа: предизвици, можности и стратегија за иднината“.

Скопје - Трошоците на животот во ноември 2024 година, во однос на ноември лани, бележат зголемување од 4.3 %, а цените на мало од 4.0 %, соопшти Државниот завод за статистика.

Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во ноември 2024 година, во однос на октомври 2024 година, изнесува 1.0 %.

Скопје - Според податоците на Државниот завод за статистика, во октомври 2024 година се издадени 363 одобренија за градење, што е за 11.7 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 8 469 616 илјади денари, што е за 12.3 % повеќе во однос на истиот месец од претходната година.

Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 02.12. до 08.12.2024 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстраниле 163 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.

Скопје - Здружението на граѓани „Центар за граѓански комуникации (ЦГК)“ во Скопје и активистот Лила Милиќ денеска ја добија државата награда „Мето Јовановски“ за оваа година, која е највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.

Скопје - Во рамките на едукативна програма на Националната Галерија на Македонија покрај останатите едукативни проекти, за 2024 е предвиден и проектот МУЗЕЈ ВО УЧИЛИШТЕ, УЧИЛИШТЕ ВО МУЗЕЈ како дел од Годишната програма.  

Со отворена покана до предметните професори за ликовна култура во повеќе средни училишта низ градовите во Македонија понудивме можност за дополнителна едукација: „Заради неможноста за колективна посета на учениците, со оглед на далечината или распоредот на проектните активности во рамките на наставната програма, дојдовме до идеја, ние да го донесеме музејот/галеријата кај вас и одблизу да ве запознаеме со животот и творештвото на современите македонски уметници.“

Скопје - Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“ продолжува со серијата проекции во рамки на програмскиот сегмент „Зимски МакеДокс“.

Во едукативно-културниот центар „Лабораториум“ во Скопје вечер со почеток во 21 часот,ќе се одржи проекција на македонскиот документарен филм „Градина“ (2024, 75 мин.) во режија на Бојан Тантуровски, ќе биде промовирана новата онлајн платформа „Doc Around Europe - Film Festival Network“, а вечерта ќе заврши со предновогодишно дружење и коктел.

Скопје – Членовите на Алкалоид, Дејан Стојановски и Филип Панчевски се најуспешните Македонци на Европските првенства во забрзан и во брзопотезен шах што се играа викендот во Скопје.

Стојановски со осум бодови од 11 кола го освои 18. место на Европскиот шампионат во забрзан (рапид) шах во конкуренција на 390 шахисти.

Тирана – Албанскиот претседателот Бајрам Бегај денеска на посебен начин им се обрати на младите преку пораката за Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, повикувајќи ги да преземат активна улога во напорите за почитување на човековите права и достоинство за подобра иднина.

Тирана – Во Албанија во последните три години, односно во периодот 2021/23 година убиени се 32 жени, при тоа  90 отсто од овие убиства се извршени од интимен партнер (27), додека остантите од член на семејството, стои во првиот извештај за убиства на жени и девојки и фемицид во Албанија за споменатиот период.

Извештајот, спроведен од Народниот правобранител, со поддршка од UN Women, покажува дека 24 од овие случаи се идентификувани како фемицид, кои, за разлика од обичните убиства, се дефинирани како убиства на жени или девојчиња поради нивниот пол. Приближно 60 отсто од случаите на фемицид се случиле во домот на жртвата.

Атина – Пратеничката од СИРИЗА Рања Траскиа претпладнево соопшти дека си заминува од пратеничката група и станува независна, со што грчката опозициска партија губи уште едно пратеничко место и останува со 26 пратеници од вкупно 47 колку што доби во јуни минатата година на парламентарните избори во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за деветти пратеник кој заминува од СИРИЗА по неодамнешниот вонреден конгрес на партијата што се одржа на почетокот на ноември.

Анкара - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган телефонски разговарал со генералниот секретар на НАТО Марк Руте, јавуваат турските медиуми. 

Според турската Дирекција за комуникации, Ердоган и Руте разговарале за последните случувања во Сирија.

За време на средбата, Ердоган изјави дека Турција се залага за заштита на територијалниот интегритет и стабилност на Сирија уште од првиот ден на граѓанската војна во Сирија.

Атина – По последните случувања во Сирија, Грција го замрзнува издавањето одлука по барањето за азил за сириските бегалци, соопшти генералниот секретар од Министерството за миграција и азил Манос Логотетис во интервјуто за државната телевизија ЕРТ и посочи дека во земјата има над 8.000 Сиријци баратели на азил, јави дописничката на МИА од Атина.

Логотетис објасни дека „она што е замрзнато и мора да се замрзне е делот на донесување решение по барањето“, додавајќи дека тоа е процес што е замрзнат и на европско ниво, но и објасни дека тоа не значи дека нема да примаат нови барања или дека е замрзната процедурата за азил.

Брисел – По соборувањето од власт на сирискиот претседател Башар Асад во повеќе европски држави е покренато прашањето за идниот статус на Сиријците кои изминативе 13 години, за време на граѓанската војна во Сирија, добиваа азил и дозволи за времен престој во земјите членки на ЕУ. 

Неколку членки на ЕУ, како Австрија, Белгија, Данска, Германија, Италија, Финска, Холандија Чешка и Шведска веќе решија да го стопираат разгледувањето на апликациите за азил поднесени од страна на сириските државјани, Франција најави дека размислува да го стори истото, додека  Грција в петок ќе одлучи за ова прашање, како и за статусот на околу 9.000 сириски бегалци кои сега се наоѓаат во земјата. 

Дамаск - Воена болница во Дамаск стана сцена на ужас по пронаоѓањето на 40 тела со видливи траги на мачење, јавија западни медиуми.

Според бунтовнички извори, телата биле пренесени во координација со Црвениот крст за обдукција и идентификација.

- Отворив врата и видов тела со траги на сурово мачење, изјави еден од бунтовничките борци, опишувајќи ја глетката како шокантна.

Брисел – Мандатарот за состав на новата белгиска Влада и актуелен градоначалникот на Антверпен, Барт Де Вевер поднел барање за отштета од терористите кои минатата години планирале атентат врз него, објави антверпенскиот весник „Лацте Њуз“. 

- Барт Де Вевер бара компензација за да упати сигнал до луѓето кои сакаат да ја поткопаат нашата земја, изјави неговиот портпарол Јохан Вермант за весникот. 

Вермант додаде дека доколку Де Вевер добие надомест, тие средства ќе ги распореди на „соодветен социјален начин“ и „нема да ги задржи парите за себе“. 

Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон изразија подготвеност за соработка со новите власти во Сирија, под одредени услови, по соборувањето на Башар ал-Асад, соопшти германската влада по нивниот телефонски разговор.

Лидерите ги поздравија промените, опишувајќи ги како чекор кон подобра иднина за сирискиот народ. Тие се согласија дека соработката ќе зависи од почитување на човековите права и заштита на малцинствата.

Киев - Приказната што треба да ја раскажеме е за Украина 2.0, изјави Олександр Камишин, новиот советник на украинскиот претседателот Володомир Зеленски за стратешки прашања, во разговор за Телеграф.

Камишин, кој секојдневно се среќава со Зеленски за решавање на кризни прашања, ја претстави својата визија за Украина како отпорна, технолошки напредна држава, подготвена за иднината.

Москва - Шефот на руската надворешна разузнавачка служба (СВР) Сергеј Наришкин денеска изјави дека Русија е блиску до постигнување на своите цели во Украина, а Москва, како што рече, ја има стратешката иницијатива во сите области на војната.

-Ситуацијата на фронтот не му оди во прилог на Киев, изјави Сергеј Наришкин, шефот на руската служба за надворешно разузнавање.

Картум - Над 100 лица загинаа, а неколку стотини се повредени во воздушен напад кој вчера го изврши армијата врз пазар во град во провинцијата Северен Дарфур, во западниот дел на Судан, соопшти продемократската организација „Адвокати за итни случаи“.

Лос Анџелес - Рачно изработена и уникатна реплика на легендарниот Формула-1 болид „Лотус 49" од 1967 година, којшто е во вистинска големина, доби функција на симулатор за видеоигри.

Дел од репликата е и компјутер „Скен ПЦ 3x3“ со графичка картичка „Н-видија џи-форс ге-те-икс 1660“ поврзан со 50-инчен „Филипс“ екран со рамен екран. Репликата е долга 2,8 метри и широка нешто повеќе од еден метар. Содржи и мотор со директен погон, којшто генерира околу 20 њутн-метри во вртежи. Има и менувач и електронски прилагодлива кутија со три педали. Внатрешноста ја комплетираат седиштето обложено со кожа и црвениот „Лотус“ волан.

Тагови

Остани поврзан