• среда, 08 мај 2024
МИА Флеш

 12 март 2024

 

Скопје - Резолуцијата на Сенатот на САД со која се реафирмира поддршката за отворање на првиот преговарачки кластер на Европската унија со Северна Македонија, без дополнителни билатерални услови, ќе значи охрабрување на нашата држава да продолжиме на тој пат, но и охрабрување до ЕУ дека треба да се забрза евроинтеграцијата на државата во Унијата. Таа е и порака до политичките фактори овде кои заговараат дека се можни алтернативи на членството во ЕУ, оцени денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Скопје - Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска информираше дека е донесена одлука да се објави нов конкурс за избор на генерален секретар на Советот за регионална соработка, при што за првпат нашата држава ќе има свој кандидат. Тој додаде дека ќе се поништи досегашниот процес на избор на генерален секретар, поради немање на консензус. Османи предлага и воведување на ротирачко претседавање на земјите, согласно првата буква од државата или од главниот град. Северна Македонија претседава со Процесот за соработка на Југоисточна Европа од 1 јули 2023 година. Според Османи, ова е важно претседавање на процес, во кој што 13 земји членки од Југоисточна Европа се здружени во една платформа со цел покрај подобрување на регионалната соработка, го поттикнуваат и процесот на евроинтеграции на земјите.

Скопје - Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, денеска во Демир Капија ги посети полициските службеници од пунктот за борба против илегалната миграција и криумчарење мигранти, во рамки на оперативната акција „Рефлекс“, соопшти МВР. -Тука сме директно на терен да посведочиме на остварувањето на работните задачи и планови на полициските службеници, со цел поефикасна борба со сите видови криминал, особено борбата против илегалната миграција, организираниот криминал и корупцијата, а со тоа гарантирање на безбедноста на сите граѓани, потенцираше Бојмацалиев.

Кочани – Шестчленото семејство Грозданови од кочанското село Нивичани денеска се всели во двособен стан во социјалната зграда во Кочани, што го доби од АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДИССДП). Со тоа е решен неколкугодишниот проблем со сместувањето на четирите малолетни дечиња и нивните родители Даниел и Викторија кои живееја во една соба, без струја и храна, во трошна куќарка оддалечена десетина километри од градот.На вселувањето во новиот дом присуствуваа министерот за транспорт и врски во техничката Влада, Благој Бочварски и директорот на АДИССДП, Зоран Ѓоргијев, при што беше истакнато дека станот е со површина од педесетина квадратни метри и ќе овозможи соодветни услови за живеење на младото семејство.

Дебар – Претседателот на Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, Васил Стерјовски, кој ја предводи партиската делегација, продолжува со средби во Брисел, на кои своите соговорници ги запознава со положбата и проблемите на Македонците во Албанија. Последна од повеќето средби е онаа со Кармен Смит, најмладиот член на Домот на лордовите во Парламентот на Обединетото Кралство.

Скопје – Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за време на предизборните кампањи ќе врши засилен мониторинг на вознемирувачкиот говор, како на социјалните мрежи, така и во традиционалните медиуми, информираше денеска претседателот на КСЗД, Игор Јадровски. За таа цел, како што рече, ќе биде изработен прилагоден образец за пријавување вознемирувачки говор кој ќе биде закачен на веб-страната на Комисијата. На прес-конференција што се одржа во просториите на КСЗД, Јадровски кажа дека Комисијата, во соработка со повеќе здруженија на граѓани, ќе врши мониторинг и на пристапноста до и во повеќе гласачки места во државата, за да утврди дали е спроведена општата препорака дадена до ДИК, за што ќе изготви и посебен мониторинг извештај. 

Скопје - Група студенти од природни и технички науки во координација со Македонското еколошко друштво во изминатата недела поставија три прототип замки за заловување  рисови во Националниот парк – Маврово. Дизајнот на замката е избран за победничко решение на Иновацискиот камп што се одржа со поддршка од УНИЦЕФ на кој студентите се посветија на изнаоѓање иновативен начин да се заловат рисовите кои се загрозен вид на раб на изумирање за понатаму да се следат, истражуваат и заштитат од истребување. Прототип замката помага безбедно да се залови рисот и да му се стави ГПС околувратник за екологистите да го проучуваат и следат нивното движење, информираат од УНИЦЕФ.

Куманово - Прва тркалезна маса за размена на идеи со локалните лидери во рамки на проектот „Зајакнување на отпорноста на корупција на општините во Северна Македонија“ се одржа денеска во Куманово, информираа од општината. Развивање на механизми, процедури за подобрување на транспарентноста на општините е целат на проектот кој го имплементира Националниот демократски институт, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка. На состанокот присуствуваат претставници од локалната власт, градоначалник, претседател на совет, раководители на сектори и одделенија од општината.

Скопје - Во следните денови наутро ќе биде свежо и ќе се задржи променливо облачно време со повремен дожд. Како што најавуваат од УХМР, во петок и за време на викендот условите за врнежи ќе се намалат и ќе има повеќе сончеви периоди. 

Скопје – Македонската фудбалска репрезентација до 19 години од 20 до 26 март ќе биде домаќин на квалификацискиот турнир во рамките на Елитната рунда за пласман на Европското првенство кое следната година. Натпреварите од Елитната рунда квалификации ќе се одиграат во Скопје, на тренинг центарот „Петар Милошевски" и на стадионот во Ѓорче Петров. „Црвено-жолтите“ се наоѓаат во групата 7 заедно се репрезентациите на Швајцарија, Украина и Летонија.

Ватикан – Првиот услов за какви било разговори за ставање крај на војната во Украина е Русија да ја прекине својата агресија, изјави денеска државниот секретар на Ватикан кардиналот Пјетро Паролин. Украинското Министерство за надворешни работи вчера го повика папскиот нунциј за да го изрази своето „разочарување“ поради изјавите на папата Франциск дека Украина треба „да ја покаже храброста на белото знаме“ и да почне преговори со Русија за ставање крај на двегодишната војна. Кардиналот Паролин за весникот „Кориере дела сера“ изјави дека Ватикан е за прекин на огнот и оти „агресорот е тој што треба да престане прв да пука“. Изјавата на Франциск од интервјуто објавено во саботата предизвика различни реакции во НАТО и Москва.

Тирана – Претставниците на ЕУ и на САД во Тирана, побараа од албанските политичари преку дијалог да ја надминат ситуацијата во Парламентот, порачувајќи им дека тој „треба да биде во служба на граѓаните, а не на политичарите“ и оти очекуваат „функционален парламент што поскоро“. Во функција на тоа, Дејвид Визнер, вршител на должноста во американската Амбасада, остварил средба со претседателката на Собранието Линдита Никола.

Брисел - Комитетот за правни прашања на Европскиот парламент донесе одлука да поднесе тужба против Европската комисија, поради нејзината „неприфатлива одлука“ од декември минатата година за одмрзнување на средствата за Унгарија од фондовите на ЕУ, објави Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) на платформата Икс.  Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Комитетот смета дека ЕК ја донела ваквата одлука иако Владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан и натаму не ги почитува основните права и принципите на владеењето на правото и затоа бара од претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола да ја тужи Комисијата пред Судот на правдата на ЕУ. 

Прага – Чешкиот премиер Петр Фијала денеска изјави дека Чешка добила ветување за финансирање на уште 200.000 парчиња артилериска муниција, покрај првата испорака од 300.000 парчиња, за што на чешка иницијатива коалиција од 18 земји од Канада, преку Германија до Полска веќе ги одобри средствата.

Москва – Руски воен транспортен авион се запалил и се урнал во регионот Иваново североисточно од Москва, јавија денеска локалните медиуми. На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа како авионот ИЛ-76 се спушта кон земјата со еден од моторите во пламен. На друга снимка се гледа облак црн чад што се издига од местото на несреќата. Руските власти се уште не го коментирале за падот на авионот, пишува Москва тајмс.

Вашингтон - Директорот на американската разузнавачка агенција – ЦИА, Вилијам Барнс, изјави дека е неопходен прекин на огнот за да им се помогне на гладните деца во Газа. На редовното годишно сослушување пред Сенатот за заканите ширум светот, Барнс кажа дека постигнувањето договор за прекин на огнот и заложниците во Газа е клучно за решавање на големата хуманитарна криза во енклавата, пишува Политико.

Токио - Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, денеска изјави дека нема директен безбедносен проблем поради забраната за пристап на украинскиот персонал во нуклеарната централа Запорожје. -Ситуацијата не е одржлива на долг рок. Во исто време... персоналот што е таму може да ја заврши работата, рече Гроси во интервју за Ројтерс. На прашањето дали има некакви безбедносни проблеми кои произлегуваат од тоа што на украинскиот персонал му бил забранет пристапот, тој одговори дека нема директни проблеми.

Лос Анџелес - Објавен е тестаментот на глумецот и комичар Метју Пери. Според документите до коишто дошло списанието „Пипл“ (People), Пери ќе го остави „поголемиот дел од своите работи“ на фондацијата „Алви Сингер ливинг траст“, што тој ја основал и го носи името на главниот лик од филмот на Вуди Ален - „Ени Хол“ од 1977 година. Метју го составил својот тестамент во 2009 година. Таткото на американскиот глумец - Џон Пери и мајка му Сузан Морисон се именувани како корисници на фондацијата. Како корисници се наведени и неговата полусестра Кејтлин Морисон и поранешната девојка Рејчел Дан. За извршители на тестаментот ги назначил Лиза Фергусон и Робин Рузан. Но, Рузан се откажа од оваа должност, па Фергусон ќе треба да се појави сама во Врховниот суд во Лос Анџелес. Во тестаментот се посочува дека децата кои Пери можеби ќе ги има по 2009 година нема да имаат експресно право на неговото богатство. Глумецот сепак немаше деца. 

Лондон - Поранешниот Формула 1 возач Дејвид Култард ги анализираше перформансите на возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон во споредба со тимскиот колега Џорџ Расел на почетокот на сезоната 2024 година. Според Култард, Хамилтон е веќе ментално во Ферари. Тој е сигурен дека седумкратниот шампион со нетрпение очекува да се пресели во Ферари следната година.

Тагови

Остани поврзан