• петок, 17 мај 2024
МИА Радио флеш

7 мај 2024

-Јавниот превоз во Скопје утре ќе функционира по неделен возен ред, а жичницата нема да работи, соопштија денеска од Одделението за односи со јавност во ЈСП Скопје .

Дежурни од 7 до 14 часот ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров. 

- Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР Сашо Тасевски упати честитка до полициските службеници, пензионирани и идни полицајци, вработени во МВР по повод 7 Мај - Денот на полицијата порачувајќи им на колегите да бидат пример за полициската професионалност и ефикасност во служба на граѓаните.

-Овој ден, 7 Мај - Ден на полицијата, кој од срце ви го честитам, за мене претставува симбол на пожртвуваноста, одговорноста и храброста. Тоа се карактеристики што мора да ги развива секој еден кој положил заклетва пред полициската униформа. Во ваши раце се неселективната борба против криминалот и корупцијата и бескомпромисното владеење на законите, а континуираното зајакнување на воспоставениот концепт на партнерство помеѓу граѓаните и полицијата носи сѐ подобри резултати во спречување на криминогените појави на кои не може да остане имун современиот свет, се наведува во честитката објавена на неговиот официјален фејсбук профил.

- Три лица се повредени во сообраќајката, што утрово се случила на крстосницата од булеварот „Партизански одреди“ и улицата „Ангел Динев“ во скопската населба Влае.  

Како што информира МВР, сообраќајна несреќа во Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје била пријавена во 2:25 часот. Во неа учествувале две возила, едното марка „шевролет“ управувано од 32-годишната Е.С. и автомобил „ауди“, кој бил управуван од 27-годишниот Б.А. од скопски Сарај.

- Во последното деноноќие имало два пожара на отворено. Гореле и биле изгаснати две диви депонии, една во градот Дебар и една дива депонија покрај патот за село Фалише, во Општина Тетово.

Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), во двата случаја било интервенирано со по едно противпожарно возило и двајца пожарникара.

– Министерството за надворешни работи на Грција преку соопштение реагираше за одлуката на турските власти, манастирот Хора да почне да функционира како муслиманска џамија, истакнувајќи дека тоа „претставува провокација за меѓународната заедница бидејќи го менува неговиот карактер како споменик на светското културно наследство на УНЕСКО што му припаѓа на човештвото“, јави дописничката на МИА од Атина.  

Од грчкото МНР додадоа дека „зачувувањето на универзалниот карактер на спомениците и почитувањето на меѓународните стандарди за заштита на верското и културното наследство е јасна меѓународна обврска која ги обврзува сите држави“.

- Во салата во седиштето на Шлезискиот регион во Катовице, пред попладневната седница на чешката влада, откриен е и демонтиран апарат за прислушување, соопшти портпаролот на министерот координатор на полските безбедносни служби, Јацек Добжињски.

Службата за државна безбедност и Агенцијата за внатрешна безбедност ја демонтирале направата и покрената е истрага за тоа кој ја поставил.

Полската влада попладнево ќе одржи вонредна седница во Катовице бидејќи премиерот Доналд Туск и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен се главни гости на меѓународниот економски форум во тој град на југот на Полска.

- Холандската интервентна полиција рано утринава го растури пропалестинскиот протест на Универзитетот во Амстердам, при што уапси околу 125 лица во повремено насилните судири, соопштија властите.

Во пораките објавени во текот на ноќта на социјалната мрежа X, полицијата наведе дека мора да дејствува за да го запре овој настан и да ги растури шаторите поставени од демонстрантите кои беа насилни кон полицијата.

- Неколку лица се убиени или повредени во напад во болница во југозападна Кина, јави ДПА, повикувајќи се на кинеската агенција Ксинхуа.

ДПА пренесе дека во нападот имало најмалку 10 жртви, но првично не било јасно колку се повредени, а колку загинале.

Во првичните извештаи од настанот немало информации за осомничениот сторител.

- Претстојните вежби со нуклеарно оружје се принуден руски одговор на западната реторика, изјави рускиот амбасадор во Вашингтон Анатолиј Антонов.

-Ова е принудна мерка како одговор на арогантната и агресивна политика на колективниот Запад, кој создава неприфатливи безбедносни закани за Русија и нејзините граѓани, рече Антонов, пренесен од руските медиуми.

– Офанзивата на Израел врз Рафа, најверојатно, ќе убие повеќе цивили и се спроведува и покрај експлицитните предупредувања против неа од земјите-членки на Европската унија и САД, изјави високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

- Офанзивата на Рафа повторно почна, и покрај сите барања на меѓународната заедница, САД, земјите членки на Европската унија, сите бараат од Нетанјаху да не напаѓа, изјави Борел, пренесува Тајмс оф Израел.

- Израел минатата ноќ започна копнена офанзива врз Рафа и покрај предупредувањата да не го прави тоа, што дополнително ќе ја влоши катастрофалната хуманитарна состојба во Газа, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел пред почетокот на денешното во Брисел на заседанието на Советот за надворешни работи на Унијата на ниво на министри задолжени за развојна и меѓународна соработка. 

- И покрај сите повиците од страна на меѓународната заедница, САД, земјите членки на ЕУ... до израелскиот премиер (Бенјамин) Нетанјаху да на ја напаѓа Рафа, нападот почна минатата ноќ. Се плашам дека тоа ќе предизвика многу цивилни жртви, додаде Борел.

- Британскиот портал Скај њуз денеска објави дека кинеската влада извршила неколку кибер напади врз платниот систем на британското Министерство за одбрана, кој содржи приватни информации за воениот персонал.

Членовите на Долниот дом на британскиот Парламент денеска ќе бидат информирани за овој инцидент.

Пратеникот на Конзервативната партија Тобијас Елвуд изјави дека Кина „најверојатно бара финансиски слабости“ кај воениот персонал за да натера некои припадници да соработуваат со Кина во замена за пари.

- Минатата година Грција ја посетиле 1.128.000 туристи од Северна Македонија, бројка што е нешто помалку од двојно поголема споредбено со 2022 година, согласно податоците од Институтот на Асоцијацијата на грчки туристички бизниси (ИНСЕТЕ), јави дописничката на МИА од Атина.

Во истражувањето „Кој каде оди? Колку долго останува? Колку троши?“, ИНСЕТЕ ги анализира официјалните податоци на Банката на Грција за туризмот и туристите во земјата во 2023 година, а поконкретно се фокусира на секој од 13-те грчки региони.

Северна Македонија и овој пат е меѓу првите 15 држави според бројот на туристи и останува без промени на 11-та позиција, иако драстично е зголемен бројот на посетители од нашата земја.

- Моето лично мислење е сосема јасно дека земјите членки не треба да присуствуваат на инаугуративната церемонија за новиот мандат на рускиот претседател Владимир Путин во Москва, порача денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел пред почетокот на денешното во Брисел на заседанието на Советот за надворешни работи на Унијата на ниво на министри задолжени за развојна и меѓународна соработка. 

- По многубројните дискусии со претставниците на земјите членки, на сите нив им порачав дека според мое мислење не треба да се присуствува на таа инаугурација и мислам дека мнозинството од земјите членки нема да присуствуваат, изјави Борел.  

Остани поврзан