МИА Радио флеш
- 6 декември 2024
6 декември 2024
Скопје - Во Владата денеска ќе се одржи втора седница на Економско социјалниот совет (ЕСС), на која се очекува да се разговара за зголемување на минималната плата.
По седницата, која треба да започне напладне, прес-конференција ќе одржи претседателот на Владата Христијан Мицкоски.
Скопје - Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска ќе престојува во Охрид, каде ќе ги посети канцелариите за контакт со граѓаните.
Гаши, за време на посетата ќе се сретне со охридскиот градоначалник Кирил Пецаков и со семејството Филеви, кое се занимава со изработка на охридски бисери.
Скопје - Во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, министерот за одбрана Владо Мисајловски заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска ќе присуствува на Денот за високи гости и затворањето на вежбата „Maple Arch 24“ која се реализира во нашата држава од 25 ноември.
„Maple Arch 24“ е меѓународна вежба на која учествуваат околу 600 припадници од четири сојузнички и две партнерски армии. Покрај припадниците на македонската Армија, учество земаа и припадниците на вооружените сили на Канада, Полска, Литванија, Украина и Грузија. Станува збор за компјутерски асистирана вежба, комбинирана со теренски активности кои се одвиваат истовремено на армискиот полигон „Криволак“.
Скопје - Министерството за внатрешни работи (МВР) продолжува со превентивни кампањи со цел на граѓаните да им се укаже за можните последици од употребата на петарди и други пиротехнички средства, посебно актуелни пред и за време на новогодишните и божиќните празници.
- Во соработка со Црвениот крст, спроведуваме низа активности, се делат летоци со едукативна содржина, организираме показни вежби каде граѓаните можат да видат какви сѐ последици може да има употребата на овие средства. МВР презема и репресивни мерки, со цел санкционирање на употребата на петарди и други пиротехнички средства и ги потсетува граѓаните за законските одредби каде е санкционирана употребата на пиротехнички средства и нивната нелегална продажба, потенцираат утрово од МВР.
Скопје - Сто деведесет и два вонредни надзора во малопродажни објекти - мини маркети и продавници за храна, спроведоа минатата недела инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство ( АХВ). Притоа, за утврдени недостатоци се издадени вкупно 30 решенија со наредени мерки за нивно отстранување, а изречени се и 23 парични казни.
Според АХВ, уништени се триесеттина килограми небезбедни производи (замрзнато месо, млечни производи, преработки од месо) и над 66 литри јогурт.
Скопје - Факултетот за музичка уметност - Скопје по повод 58 години од основањето вечер од 20 часот во Филхармонијата организира годишен концерт насловен „Блесок“.
Како што најави факултетот, на концертот ќе учествуваат Симфонискиот оркестар при ФМУ, Мешаниот хор „Драган Шуплевски", камерниот оркестар „Солисти на ФМУ", Оркестарот на народни инструменти и проф. Драган Даутовски, студентите од Катедрата за балетска педагогија и Катедрата за џез и популарна музика, ансамблот перкусионисти, под водство на диригентите Цанев, Татарчевски и Спироски.
Лима - Државното обвинителство на Перу објави дека отвора прелиминарна истрага против претседателката Дина Болуарте за наводно незаконско напуштање на функцијата поради привремена неспособност за која не го известила Конгресот.
Перуанските власти истражуваат дали претседателката привремено ја напуштила улогата на шеф на државата за да направи тајна операција на носот, пишува Блумберг.
Москва - Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека се надева оти Западот „сериозно ја сфатил“ неодамнешната употреба на хиперсонична ракета против Украина и предупреди дека Русија е подготвена да ги искористи „сите средства“ за да се одбрани.
-САД и нивните сојузници, кои доставуваат оружје со долг дострел на режимот во Киев, мора да разберат дека ние сме подготвени да ги искористиме сите средства за да ги спречиме да успеат во, како што го нарекуваат стратешки пораз на Русија, рече Лавров во интервју со американскиот новинар Такер Карлсон објавено вчера во Москва.
Берлин - Долниот дом на германскиот Парламент, Бундестагот денеска ќе одржи дебата за тоа дали да се испратат крстаречки ракети со долг дострел Таурус во Украина, и покрај отпорот на канцеларот Олаф Шолц.
Соодветниот предлог беше поднесен од про-бизнис Слободните демократи (ФДП), кои ја напуштија владината коалиција на Шолц минатиот месец, откако канцеларот го разреши лидерот на ФДП, Кристијан Линднер, од функцијата министер за финансии.
Москва - Рускиот претседател Владимир Путин денеска го назначи шефот на Комитетот за информатичка политика на Државната дума, Александар Хинштајн за вршител на должноста гувернер на регионот Курск.
Указот за назначување на Хинштајн е објавен на веб-страницата на Кремљ.
Кишињев - Молдавската претседателка Маја Санду синоќа го разреши министерот за енергетика Виктор Парликов, а премиерот повика уште двајца високи функционери во областа на енергетиката да поднесат оставки поради неуспехот да се справат со енергетската криза во земјата.
Премиерот Дорин Речан, исто така, рече дека ќе побара од парламентот да воведе вонредна состојба во енергетскиот сектор.
Атина - Посетата на Бејрут на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис закажана за денеска е одложена поради дефект на владиниот авион и ќе се одржи во следните денови, јави дописничката на МИА од Атина.
Од кабинетот на Мицотакис информираа дека согласно известувањето од Генералштабот на воздухопловството, владиниот авион има техничка дефект и не е изводливо да се спроведе планираното патување на премиерот во Либан и додадоа дека посетата се одложува за следните денови.
Букурешт - Рoманија би можела да го избере својот прв екстремно десничарски претседател в недела, на клучни избори за членката на ЕУ и НАТО што граничи со Украина.
Екстремно десничарскиот политичар Калин Георгеску, поранешен висок државен службеник, ја шокираше источноевропската нација со победата во првиот круг од претседателските избори на 24 ноември, наведуваат западни медиуми. В недела, во вториот круг, тој ќе се соочи со Елена Ласкони, градоначалничката на еден мал романски град.
Белград - Граѓаните на Србија повикани се денеска во 11 часот и 52 минути да застанат 15 минути за да им оддадат почит на загинатите од падот на настрешницата на влезот на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември.
Студентите кои блокираат неколку белградски факултети барајќи одговорност за смртта на 15 лица и тешките повреди на двајца, најавија во 11:52 неколкублокади на сообраќајници, јави Бета. Поддршка имаат и од членовите на Нова демократска партија на Србија.
Белград - Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска изјави дека 10 декември е крајниот рок до кога треба да ги достави имињата на новите министри до српскиот Парламент на местото на двајцата министри кои поднесоа оставки.
„В недела и понеделник ќе имаме консултации и на Собранието ќе му ги предложам новите имиња на министрите за градежништво, транспорт и инфраструктура и внатрешна и надворешна трговија“, изјави тој за РТС.