• недела, 26 јануари 2025
МИА Радио флеш

  24  јануари 2025

 

Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Намалена видливост поради магла има од 50 до100 метри на следниве патните правци Гостивар-Тетово-Скопје, Велес-Катланово,Струмица-Кочани-Штип и Сарамзалино, информира АМСМ.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Скопје - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски денеска ќе изврши увид на градежни активности на патот Катланово-Градманци во Општина Петровец.

Овој проект е во должина од 2.400 метри, средства за изградба на овој пат се обезбедени од Владата преку унгарскиот кредит во висина од 12.200.000 денари.

Скопје - Законот е јасен и тој гласи дека секој електронски документ кој е изработен од државен орган, може да се користи во неговата печатена форма, исто како и оригинален документ. Министерот за дигитална трансформација, вели министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. 

-Претпоставуваме дека ќе постои отпор или незнаење кај одредени институции, затоа имаме двоен пристап, едниот со кој што ќе им објасниме на институциите како да ги прифаќаат документите, и второ, подготвуваме упатство за граѓаните како да си ги заштитат своите права, во случај да не можат, да знаат кој е начинот на кој што може да делуваат, дали на самото место или да го контактираат нашето Министерство, изјави Андоновски на новинарско прашање за „360 степени“.

Скопје - По повод Св. Сава – националниот празник на српската заедница во РС Македонија, Министерството за односи меѓу заедниците организира настан на кој ќе присуствуваат и ученици од 1 до 5 одделение од ЦУ „Табановце“ со подрачните училишта од селата Четирце и Горно Коњаре. 

Како што соопштија од Министерството за односи меѓу заедниците, предвидено е на настанот да присуствува и амбасдорската на Р. Србија во Скопје, Невена Јовановиќ. 

Скопје - „Дезинформации: како да се препознаат и да се спречат“, е насловен настанот што денеска ќе се одржи, а со кој се заокружува Твининг проектот „Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на Јавниот радиодифузен сервис“. Проектот е финансиран од Европската Унија, а спроведуван од германската Фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ).

Скопје - Пред Спомен-куќата на Мајка Тереза денеска од 12:00 до 14:00 часот ќе биде поставена интерактивна табла со грепка, а минувачите ќе имаат можност да изгребаат и да откријат кои се клучните проблеми со кои се соочуваат жените Ромки во државава. 

Се работи за креативен активизам „Изгреби за здравје“, кој е во рамки на проектот „Унапредени права на девојките, жените и ранливите групи“, поддржан од ЦИВИКА МОБИЛИТАС. Организатор е Здружението Инцијатива за правата на жените од Шуто Оризари. 

Скопје - Во Скопје во галеријата „Метаноја“ денеска ќе се одржи промоција на книгата „Бен Акиба: о нама“ со изложба на карикатури со ликот на Бранислав Нушиќ во авторство на карикатуристот Зоран Товирац - Тоцо.

Организатор на промоцијата е галеријата „Метаноја“ во соработка со „Нушиќ фондација“ од Белград.

Скопје - Со концертот насловен „Џез-лектира: Quintessence by Quincy Jones!”, вечерва во просториите на Филхармонија почнува новата концертна сезона на Националниот џез-оркестар.

Како што најавија од установата, центарот на вниманието ќе биде огромниот и влијателен биг-бенд опус на музичкиот гениј Квинси Џонс. Од неговите почетоци во 1959 година, па сè до неговиот подоцнежен период како аранжер и продуцент, концертот ќе понуди уникатна прилика за слушање ексклузивни неиздадени аранжмани, како и композиции што го оформиле неговото култно музичко наследство.

Скопје - Годишна конференција за активно граѓанство „КритикУМ“ денеска и утре ќе се одржи во Лабораториум во Скопје во организација на Здружението за едукативен развој Еквалис.

Оваа национална конференција, како што велат организаторите,  претставува простор за поврзување, градење на заеднички стратегии, но и оснажување за пракси, примери и платформи преку коишто граѓаните се обидуваат да ги променат заедниците.

Белград - Во Србија денеска почнува генерален штрајк или „општа граѓанска непослушност“, на кој граѓаните ги повикаа студентите што организираат блокада.

„Не одиме на работа, не одиме на предавања, не ги извршуваме секојдневните обврски. Ја земаме слободата во свои раце. Вашето учество прави разлика“, напишаа студентите на Инстаграм.

Поддршка на акцијата најавија бројни компании, здруженија и политички партии.

Загреб - Во Хрватска денеска започна најавениот бојкот на продавници, трговски синџири и бензински пумпи поради постојаното зголемување на цените. Иницијативата, која потекнува од Фејсбук-групата „Ало, инспекторе“, зад која стои Европскиот центар за извонредност на потрошувачите (ECIP), доби поддршка од здруженија за заштита на потрошувачите, синдикати, политички партии, па дури и од министерот за економија.

Најавено е дека во 11:52 часот на повеќе локации во Србија ќе има оддавање почит за загинатите во несреќата на железничката станица во Нови Сад, по што ќе се одржи генерален штрајк, јави Бета.
За денеска во 14 часот е закажан протест  во организација на Протестниот одбор на адвокатите пред зградата на Претседателството на Србија.

Вaшингтон - Членовите на американскиот Сенат го потврдија назначувањето на Џон Ретклиф за директор на ЦИА, јавија американските медиуми.

За Ретклиф гласаа 74 сенатори, додека 25 беа против. Поранешниот конгресмен од Тексас беше директор на националното разузнавање на Трамп во последните осум месеци од неговиот прв мандат.

На неговото сослушување во Сенатот минатата недела, Ретклиф рече дека ЦИА треба да направи поголема употреба на технологии како што е вештачката интелигенција за да се спротивстави на противниците како Русија и Кина.

Тирана - Албанија го осуди приведувањето и протерувањето од Србија на двајца нејзини државјани, учесници на состанокот организиран од фондацијата Ерсте, наведувајќи дека ваквите потези не се во согласност со добрососедските односи.

Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија на Фејсбук објави дека синоќа го повикале амбасадорот на Србија во Тирана, Слободан Вукчевиќ и изразиле жалење и сериозна загриженост за приведувањето и депортирањето на двајца претставници на граѓанското општество од Албанија.

Истанбул - Аеродромот во Истанбул трета година по ред ја задржа својата позиција на најпрометен воздушен центар во Европа, со 1.401 лет дневно во просек во 2024 година, според податоците на Еуроконтрол објавени денеска.

Бројот на летови е зголемен за два отсто во однос на истиот период минатата година, јавија турските медиуми.

Амстердамскиот аеродром „Схипхол“ е на второ место со 1.336 летови, додека лондонскиот „Хитроу“ е трет со 1.302 лета во текот на денот.

Парискиот аеродром „Шарл де Гол“ и аеродромот во Франкфурт се на четврто и петто место со 1.275 и 1.204 летови дневно.

Сиракуза - Италијанската полиција уапси 22 лица во Сиракуза, Сицилија, по наредба на судија на претходна постапка во судот во Катанија и Окружната дирекција за борба против мафијата, јави денеска италијанската новинска агенција АНСА.

Уапсените беа обвинети за различни обвиненија за здружување мафија, злосторничко здружување насочено кон трговија со дрога, недозволено поседување огнено оружје и поседување украдена стока.

Брисел - Европската Унија се откажа од одржувањето на состанокот посветен на одбраната во белгиски замок во провинција и донесе одлука состанокот да се одржи во Брисел поради безбедносни причини.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претходно овој месец ги покани лидерите на 27-те земји членки на ЕУ, како и британскиот премиер Киер Стармер и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, да присуствуваат на состанокот што требаше да се одржи на 3 февруари во замокот „Лимон“ во близина на Лиеж.

Москва - Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, соопшти дека силите за противвоздушна одбрана успешно одбиле неколку напади со дронови насочени кон главниот град на Русија.

Собјанин на „Телеграм“ изјави дека противвоздушната одбрана на југоисток од Москва уништила група дронови, но не прецизираше за колку точно дронови станува збор.

„Нема жртви и нема штета на местата каде што паднале остатоците од дроновите“, рече Собјанин, истакнувајќи дека специјализирани тимови се на терен.

Женева - САД ќе се повлечат од Светската здравствена организација (СЗО) на 22 јануари 2026 година, соопштија Обединетите нации откако беа официјално известени за одлуката од претседателот Доналд Трамп. Тој ја обвини организацијата за лошо справување со пандемијата на Ковид-19 и други глобални здравствени кризи.

Трамп ја најави одлуката во понеделникот, неколку часа откако положи заклетва за втор мандат. СЗО изрази жалење за одлуката на САД, кои се најголем донатор на организацијата, со учество од околу 18 отсто од нејзиното финансирање.

Вашингтон - Американскиот државен секретар Марко Рубио телефонски разговараше со генералниот секретар на НАТО Марк Руте и ја истакна посветеноста на САД кон Алијансата и нејзината континуирана важност за меѓународната безбедност, соопшти денеска Стејт департментот.

Рубио и Руте разговарале во средата за важноста да се има способни одбранбени сојузници и вистинско споделување на товарот, се вели во соопштението.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека не е сигурен дека САД воопшто треба да трошат нешто за НАТО, велејќи им на новинарите дека САД ги штитат членките на НАТО, но тие „не не штитат нас“.

Трамп ги повтори своите претходни барања другите членки на трансатлантската алијанса да трошат 5 отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за одбрана, што е огромен пораст од сегашната цел од 2 отсто и ниво на кое ниту една земја на НАТО, вклучително и САД, во моментов ги исполнува.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека ќе побара од Саудиска Арабија и од Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) да ја намалат цената на нафтата и ќе го повика Ријад да го зголеми планираниот инвестициски пакет за САД од првичните 600 милијарди долари на 1.000 милијарди долари.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп нареди декласификација на досиејата на американската влада за атентатите врз претседателот Џон Кенеди во 1963 година, неговиот брат Роберт Ф. Кенеди во 1968 година и лидерот за граѓански права Мартин Лутер Кинг истата година.

„Се ќе биде откриено“, изјави американскиот претседател за новинарите додека го потпишуваше указот во Овалната соба на Белата куќа.  Трамп, исто така, потпиша извршна наредба за помилување на 23 лица обвинети од претходната администрација за учество во протести против абортусот.  

Вашингтон - Американските власти приведоа 538 илегални мигранти и депортираа стотици во масовна операција извршпена само неколку дена во втората администрација на претседателот Доналд Трамп,објави синоќа неговиот секретар за печат.

„Администрацијата на Трамп приведе 538 криминалци илегални имигранти“, наведе Каролин Левит во објавата на социјалната платформа Х.
Таа додава дека „стотици“ биле депортирани со воени авиони.

Давос - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин што е можно поскоро за да се стави крај на војната со Украина и изрази желба да работи на намалување на нуклеарното оружје.

Шефот на американската држава, во говорот на Светскиот економски форум во швајцарскиот град Давос, изрази жалење што конфликтот однел животи на огромен број луѓе

Вашингтон - Претседателот Доналд Трамп потпиша указ за вештачка интелигенција што ќе ги смени минатите владини политики за кои вели дека дејствувале „како бариера за иновациите на американската вештачка интелигенција (ВИ).
„За да го одржиме глобалното лидерство во технологијата за вештачка интелигенција, мораме да развиеме системи што се ослободени од идеолошка пристрасност или измислени социјални агенди“, се вели во указот на Трамп.

Бангкок - Тајланд ќе го направи најголемиот дел од јавниот превоз во Бангкок бесплатен една недела во обид да се намали загадувањето на воздухот, изјави денеска владин министер.
Железничкиот систем на главниот град Skytrain и автобуските услуги ќе бидат бесплатни за корисниците од сабота, изјави министерот за транспорт Сурија Хуангроонгруангкит. 

„Се надеваме дека оваа политика ќе помогне да се намали загадувањето“.

Остани поврзан