• недела, 26 јануари 2025

Вакциналните пунктови соочени со недостиг на кадар, едно од можните решенија правилна прераспределба

Вакциналните пунктови соочени со недостиг на кадар, едно од можните решенија правилна прераспределба

Скопје, 25 јануари 2025 (МИА) - Вакциналните пунктови низ државава се соочуваат со недостиг од кадар. Од Унијата што ја предводи Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“, во изјава за МИА велат дека на територија на градот Скопје, но и во државата, генерално, постои голем дефицит на медицински сестри насекаде, вклучувајќи ги и пунктовите за вакцинација. Од Министерството за здравство пак, потенцираат дека се работи на обезбедување на неопходниот кадар во сите здравствени установи.

Според податоците со кои располага Унијата што ја предводи Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“, во општина Гази Баба, како една од поголемите општини со голем број пунктови, недостасуваат сестри во претшколските и во школските диспанзери, а во општина Прилеп недостасуваат две, односно четири медицински сестри во овие диспанзери.

Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата што ја предводи Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“, за МИА вели дека во овој момент, едно од можните решенија за да се надмине проблемот е правилната прераспределба.

Дека е зголемен интересот за вакцинација против пертусис, народски кажано голема или магарешка кашлица, потврди вчера заменик министерката за здравство во техничката Влада, Маја Манолева, по

- Од општините каде има доволен и непотребен број медицински сестри, истите да се прераспределат во здравствените домови каде што недостасуваат на територија на град Скопје. На пример, со случајот во општина Прилеп, каде до 15 јануари, шест доктори од концензионерските ординации заминаа во пензија, зад себе оставија медицински сестри кои во моментов се без работа. Со нивно вработување, како искусни медицински сестри, може веднаш да се надополни дефицитот, истакнува Бешлиовска.

Едно од главните решенија, како што додава Бешлиовска, е и континуираното организирање конкурси за вработување и тоа не само во овој дел, туку на сите нивоа во здравствениот систем. 

- И тоа не само во овој дел, туку и во патронажните служби, како и во стационарите на секундарно и терциерно ниво на здравствениот систем. Заклучокот е дека сепак, превенцијата е најважна. Само еден грам превенција спречува тони лекувања, а нам ни е најважно да направиме сè за доброто на корисниците на услугите, односно за пациентите, нагласува Бешлиовска.

МИА се обрати и до Министерството за здравство, од каде побаравме одговор дали има недостиг на кадар во пунктовите за вакцинација низ државава. Во одговорот којшто го добивме оттаму се вели дека сите пунктови функционираат согласно потребите на населението и вакцинацијата се спроведува непречено.

- Министерството за здравство континуирано работи на обезбедување на неопходниот кадар во сите здравствени установи. Континуирано се реализираат обуки на кадарот за вакцинација, зајакнати се инфраструктурните капацитети, со цел да се одговори на сите предизвици и да се обезбеди непречена и ефикасна вакцинација во целата држава, се наведува во писмениот одговор на Министерството за здравство. 

Блаже Дарудов

Фото: МИА архива

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан