МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

16 јануари 2025
Скопје - И Апелација докажа дека СДСМ е лажно клеветничка партија, напиша премиерот Христијан Мицкоски на неговиот фејсбук профил, откако Апелациониот суд како неоснована ја одби жалбата на СДСМ, во случајот каде партијата беше тужена од премиерот Христијан Мицкоски за нанесување штета на угледот и честа со невистинити содржини преку социјалните мрежи.
Скопје - Пратеникот на Алијанса за Албанците, дел од „Европскиот фронт“, Елми Азири истакна дека за многу кратко време ќе заземат став како ќе делува „Европскиот фронт“ во однос на прашањето со испразнетото место во собраниската Комисија за социјална политика откако денеска досегашната претседателка Илире Даути поднесе неотповиклива оставка од функцијата.
Скопје - Собранието ја констатираше оставката на Илире Даути од функцијата претседател на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, откако денеска таа побара во рамки на 30. седница да ја образложи својата неотповиклива оставка по изгласувањето на нејзината интерпелација минатиот петок.
Пред да ја образложи оставката, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ја напуштија собраниската сала.
Даути, образложувајќи ја оставката, посочи дека тоа е врв на срамот што се случил во Собранието.
Скопје - Откако Собранието ја констатираше оставката на пратеничката Илире Даути од функцијата претседател на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, продолжи 30-та пленарна седница. Дневниот ред уште не е изгласан, а дадена е пауза од еден час на барање на коодинаторот на СДСМ Оливер Спасовски.
Спасовски во процедурална забелешка реагираше околу тоа зошто некои законски решенија, иако се стигнати до Собранието, дури и пред 15 дена чекаат да бидат ставени на собраниска процедура, додека други што доцна вечерта ќе стигнат, веднаш се ставаат во собраниска процедура.
Скопје - Пратеникот на Левица, Сашко Јанчев во изјава за медиумите оцени дека нивната поднесена интерпелација за досегашната претседателка на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади Илире Даути е успешна. Посочи дека ова е прва успешна интерпелација во историјата на Собранието.
Потенцира дека како пратеничка група на „Левица“ иако имаат дијаметрално спротивни гледишта и ставови по многу работи со Даути, го поздравуваат нејзиниот потег и ѝ честитаа затоа што, како што рече, со ова таа покажала интегритет.
Скопје - Од Детската клиника во Скопје потврдија за МИА дека во вторникот кај нив било донесено деветгодишното дете од Свети Николе, кое починало по неполни два часа.
Како што информираат оттаму, детето било донесено во многу тешка здравствена состојба.
Претходно, од штипската Клиничка болница излегоа со соопштение за смртта на деветгодишното дете.
Како што се наведува во соопштението, детето било донесено на Одделот за детски болести во штипската Клиничка болница на 14 јануари во 18 часот во „тешка општа состојба со засегната свест“.
Скопје - Создаваме правна рамка што ќе им овозможи на лицата со попреченост, на лицата со оштетен вид, како и на повозрасните граѓани целосно и рамноправно учество во дигиталното општество, истакнал министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, на денешната јавна расправа за Нацрт-законот за пристапност на веб-страниците и мобилните апликации на институциите од јавниот сектор.
Андоновски, како што соопшти Министерството, ја истакнал целта на Владата за создавање на целосно инклузивно дигитално општество.
Скопје – Инвестиции во постројки за рециклирање и модерни технологии за третман на отпад мора да бидат приоритет како начела на циркуларната економија,порача Делегацијата на ЕУ во земјава, посочувајќи на податокот од Државниот завод за статистика дека 99,8 отсто од собраниот комунален отпад во Северна Македонија се остава на депонија.
- Тоа значи речиси сѐ, скоро целокупниот комунален отпад. Европската Унија со поддршка на земјите членки алоцираше значителни средства да и се помогне на Северна Македонија во овој дел, но сведочиме за слаб степен на апсорпција на овој тип проекти. Органите на управата мора да ги едуцираат граѓаните за бенефитите од рециклирањето, истакна Штефан Худолин, раководител за соработка во Делегацијата на Европската Унија во Скопје, и како пример ја спомна Словенија каде што ангажираноста на заедницата „игра клучна улога во зголемување на стапката на рециклирање на скоро 70 отсто“.
Скопје - Претставници на Независниот синдикат на државната администрација (НСДА) денеска остварија средба со советникот за труд на премиерот Лазар Јовевски. Како што беше кажано во изјава за медиуми, тие му укажале на забелешките околу новите предлог законски решенија, а се разговарало и за додатоците на плата, за предлогот за систем на плати, како и за побрзо решавање на статусот на вработените во инспекциски служби.
Скопје - Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) од полноќ се се зголемува за 2,00 денара по литар, а цените на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат, соопшти Регулатрорната комисија за енергетика.
Новата цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе изнесува 75,50 денари за литар.
За 1,051 денари поскапува и Мазутот М-1 НС и еден килограм ќе чини 46,336 денари
Скопје - Поднесено е обвинение против двете лица кои му нанесоа тешки повреди на кучето Феликс кое како последица на повредите почина на 7 јануари.
Основното јавно обвинителство Скопје, како што информираа денеска, го има собрано целокупниот доказен материјал по што е поднесено обвиненитето против двете лица кои се товарат на кривично дело „убивање и мачење животни“ од член 233 став 1 од Кривичниот законик.
Битола - Зимското издание на Мрежата на фестивали од јадранскиот регион, заеднички проект на водечките регионални филмски фестивали (ИФФК „Браќа Манаки“, Сараево филм фестивал, Фестивал на авторски филм Белград, Љубљански меѓународен филмски фестивал, Загреб филм фестивал и Филмски фестивал Херцег Нови), почнува утре со бесплатни проекции на регионални филмови во кината во Битола, Скопје, Сараево, Белград, Загреб и Љубљана.
Белград - Дваесетгодишна студентка е тешко повредена во центарот на Белград откако во неа удри автомобил за време на протестна блокада на раскрсница. Возачот побегнал од местото, а полицијата соопшти дека е пронајден. Повредената девојка е пренесена во Ургентниот центар.
Како што може да се види на снимките објавени во медиумите и на социјалните мрежи, инцидентот се случил околу пладне во близина на улицата Рузвелтова, каде студенти кои ги блокираа околните факултети учествувајќи во акцијата „Застани Србија“, со која им се оддава почит на загинатите во несреќата во Нови Сад.
Белград - Српската Влада денеска го усвои Предлог-законот за воспоставување гарантна шема и субвенционирање на дел од каматата за поддршка на младите на возраст од 20 до 35 години за купување на нивниот прв недвижен имот, со аванс од еден процент.
Тој заем може да го побараат постојано вработени, земјоделци, самовработени даночни обврзници и независни уметници, додека од привремено вработени се бара да обезбедат гаранција од член на семејството, се вели во соопштението на српската влада, пренесе Бета.
Приштина – Шефицата на Мисијата на ОН во Косово (УНМИК) Каролин Зијаде денеска изрази загриженост поради најновите чекори на косовските власти против институциите финансирани од Србија и упати апел за отворените прашања да се разговара конструктивно и добронамерно во рамките на дијалогот под покровителство на ЕУ.
Косовските власти вчера ги затворија сите објекти на општините и поштата кои работаат во српскиот систем јужно од Ибар. Зијаде предупреди оти „таквите еднострани акции носат ризик од дополнителен пад на довербата помеѓу заедницата и косовските власти“.
Атина – Пратеничката група на Нова демократија за претседател на грчкиот Парламент го предлага нивниот член, пратеникот Никитас Какламанис, како што соопшти владиниот портпарол Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.
Откако вчера грчкиот премиер соопшти дека актуелниот претседател на Парламентот Константинос Тасулас е владиниот избор за шеф на државата, Тасулас денеска си поднесе оставката, со што се отвори патот за избор на следниот собраниски спикер.
Брисел - Европската комисија воопшто нема намера да забрани која било онлајн платформа, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за технолошки суверенитет, одбрана, Вселената и истражување, Тома Рение во одговор на прашање дали ЕУ размислува за суспензија на Икс и ТикТок.
- Сакаме да увериме дека бизнисите и граѓаните во Европската Унија може да ги користи сите платформи, доколку, се разбира, се усогласени со законодавството. Доколку има потенцијално прекршување, имаме соодветен механизам (за реагирање) и има чекори што треба да се поминат пред да се донесе каква било одлука, рече Рение.
Брисел - ЕУ денеска соопшти дека ќе обезбеди помош од 120 милиони евра за Појасот Газа, еден ден по објавувањето на договорот меѓу Израел и Хамас за прекин на огнот и ослободување на заложниците.
- Денеска усвојуваме пакет од 120 милиони евра за Газа за решавање на тековната хуманитарна криза таму. Знаеме дека ситуацијата е катастрофална, знаеме дека на Палестинците итно им треба сместување и заштита што се надеваме дека ќе можеме да ја испорачуваме, изјави портпаролката на Европската комисија за социјални права и вештини, подготвеност, еднаквост, култура и здравство, Ева Хрчирова.
Брисел - Европската унија го поздравува договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците меѓу Израел и Хамас, што ќе овозможи ослободување на заложниците и прекин на нивното ужасно искуство кое трае повеќе од 15 месеци, како и ставање крај на хуманитарното страдање во Газа, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ел Ануни.
Луксембург – Еврозоната, според прелиминарните процени во ноември забележа суфицит од 16,4 милијарди евра во стоковната трговија со другите земји од светот, објави денеска Евростат.
Вредноста на извозот на стоки од еврозоната во светот во ноември 2024 година изнесува 248,3 милијарди евра, што претставува намалување од 1,6 отсто на годишно ниво, додека увозот во исто време е намален за еден процент на годишно ниво на 231,9 милијарди евра.
Женева – Учеството на младите на пазарот на трудот се намалува на глобално ниво, особено во земјите со ниски приходи, се наведува во денеска објавениот годишен извештај на Меѓународната организација на трудот (ИЛО) за вработување и социјални прашања.
Во извештајот се посочува дека во земјите со ниски примања драстично е намалена активноста кај младите мажи, кои се дел од генерацијата што не се образува, вработува или обучува.
Брисел - Минатата година барањата за азил во Белгија беа највисоки од 2015 година - речиси 40.000 луѓе бараат меѓународна заштита. Конкретно, нагло е зголемен бројот на апликации од Палестинци, јавија белгиските медиуми.
За 2024 година бројот на апликации се очекува да биде 39.615, што е највисок од бегалската криза во 2015 година и претставува пораст од речиси 12% во споредба со 2023 година. Само во октомври беа поднесени 4.383 барања, што е најголем месечен скок во речиси една деценија.
Букурешт - Претседателските избори во Романија ќе се одржат во мај, по шокантното поништување на гласањето во декември поради тврдењата за руска вмешаност.
„Датумот за претседателските избори во 2025 година е одобрен“, изјави владиниот портпарол Михаи Константин, потврдувајќи го претходниот предлог на владејачката партија - првиот круг да се одржи на 4 мај, а вториот круг на 18 мај.
Вашингтон - Претседателот на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон го смени претседателот на влијателниот Комитет за разузнавање, кој отворено ја поддржуваше помошта за Украина.
Џонсон (републиканец од Луизијана) изјави дека претставникот Мајк Тарнер (републиканец од Охајо) повеќе нема да претседава со комитетот, што ги надгледува разузнавачките агенции.
Џонсон рече дека ја донел одлуката бидејќи „на разузнавачката заедница и се што е поврзано со (комитетот) им треба нов почеток“.
Техеран – Договорот за стратешка соработка, што Русија и Иран треба да го потпишат, нема да има клаузула за заемна одбрана, каква што имаат договорите потпишани со Москва и со Пјонгјанг.
- Поинаква е природата на овој договор. Тие (Белорусија и Северна Кореја) имаат воспоставено партнерски односи (со Москва) во голем број области, за кои не преговаравме. Независноста и безбедноста на нашата земја, како и самостојноста, се исклучително важни. Ние не сме заинтересирани за присоединување кон кој било блок, изјави иранскиот амбасадор во Москва, Казем Џалали.
Лондон - Мерцедес одлучи да не одржи посебна презентација на болидот за претстојната сезона.
Како што беше познато претходно, Формула 1 за прв пат ќе биде домаќин на шоу со презентација на болидите, во кое ќе учествуваат сите тимови. Настанот ќе се одржи на 18 февруари во Лондон.
По оваа се појави информација дека најмалку два тима – Вилијамс и Ферари – ќе одржат свои презентации на болиди, како што правеа претходно.