• понеделник, 08 јули 2024
МИА Радио флеш

27 мај 2024

- Јавен обвинител ќе ја испитува ситуацијата на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ која настана со затворањето на хируршките сали, кои повеќе од една недела не работат. Во меѓувреме, од Mинистерството за здравство за овој проблем се уште немаат став, додека за денеска закажаа прес-конференција на министерот Илир Демири, но без најава на која тема.

Од ОЈО Скопје вчера за МИА информираа дека Министерството за здравство пратило известување до Обвинителството за затворените хируршки сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, кое е примено и распоредено кај јавен обвинител. Ќе се преземат дејствија за да се провери дали во настанот воопшто има елементи на кривично дело.

Како што објавија дел од медиумите, веќе е сослушан претставник на Министерстовтото за здравство, а од денеска информации со Обвинителството ќе споделат и директорите на клиниките.

- Државната изборна комисија денеска треба да одлучува по приговорот од Европскиот фронт за прегласувањето на Изборното место 2101 во село Ларце во Општина Желино.

За прегласувањето на 22 мај во седум изборни места во петтата и шестата изборна единица, до ДИК немаше други приговори.

На одлуката од ДИК кандидатите имаат право на тужба до Управниот суд кој, пак треба да одлучи во рок од 48 часа по приемот на тужбата.

- Едно лице загина, а двајца се ранети по пукање кое синоќа се случило на булеварот „Никола Карев“ во Скопје. 

Како што информира МВР за МИА, синоќа околу 23.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на булевар „Никола Карев“ во Скопје имало пукање.

Во 23.45 часот, од Универзитетска клиника по хируршки болести „Св.Наум Охридски“ - Скопје било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје бил донесен Т.А.(24) од Скопје.

- Поради сообраќајна несреќа денеска од 7:40 часот сообраќајот на експресниот пат Штип - Кочани е во прекин, соопшти Авто мото сојузот на Македонија. 

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

– Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска во Мадрид ќе се сретне со премиерот на Шпанија, Педро Санчез и со шпанскиот крал Фелипе Шести.

Тоа е прва официјална посета на Зеленски на Шпанија. Санчез претходно најави дека на средбата со Зеленски ќе биде потпишан договор за билатерална соработка. Украина такви договори склучи со Германија, Франција, Италија и други земји.

- Три лица загинаа во поплави предизвикани од обилни дождови и излевање на реки во Ерменија и Грузија, јавија регионални медиуми. Пристапот до селата е прекинат, а стотици жители се евакуирани од своите домови.

Како одговор на барањето од Ереван, руското Министерство за одбрана испраќа воен персонал за да помогне во справувањето со поплавите, се вели во пораката на Телеграм.

- Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили вчера побара радикални реформи пред клучните парламентарни избори, кои се одржуваат во услови на политичка криза поради контроверзниот закон за „странско влијание“, на кој таа стави вето.

- Грузија мора да создаде нова политичка реалност, изјави Зурабишвили во говорот по повод Денот на независноста на Грузија и ги повика сите проевропски политички партии да се приклучат на нејзината иницијатива и да формираат обединет опозициски фронт пред парламентарните избори во октомври.

- Претседателот на Литванија, Гитанас Наузеда прогласи победа во последниот круг од претседателските избори во оваа балтичка земја, бидејќи тековното пребројување на гласовите покажа дека тој има голема предност во неговата трка против Ингрида Шимоните, објавија американските и британските медиуми.

Изборната комисија извести дека Наузеда добил 76 отсто од гласовите по преброените 80 отсто од гласачките ливчиња.

- Северна Кореја ја информира Јапонија дека во рок од осум дена ќе лансира ракета што носи сателит.

Подготовките за лансирање почна уште на полноќ, а во информацијата се идентификувани три поморски опасни зони каде би паднале остатоците од проектилот – две западно од Корејскиот Полуостров, а другата источно од филипинскиот остров Лузон, соопшти јапонската крајбрежна стража.

- Шверцот со дрога, илегалната проституција и шверцот со тутун генерирале околу 17 милијарди евра во Холандија во 2021 година, но најголемиот дел од приходите течеле во странство, според новото истражување на холандскиот Национален завод за статистика.

Вкупно, незаконските активности генерираат 4,5 милијарди евра за холандската економија во 2021 година, соопшти канцеларијата.

Најголеми приходи донесе кокаинот, генерирајќи 10,7 милијарди евра од продажба, но 90 отсто од приходите отидоа во странство.

- Репортери без граници (РСФ) денеска поднесе нова тужба пред Меѓународниот кривичен суд (ИЦЦ) поради „воените злосторства извршени од страна на Израел против новинарите“.

РСФ бара ИЦЦ „да поведе истрага за злосторствата извршени на најмалку девет палестински новинари во периодот од 15 декември 2023 година и 20 мај 2024 година“.

РСФ тврди дека над сто новинари од Појасот Газа „убиени се од израелската армија“.

- Тајванската армија регистрира 21 кинески авион и 15 бродови околу Островот во изминатите 24 часа, соопштија властите на Тајван.

Десет кинески авиони навлегле во зоната на идентификација на противвоздушната одбрана на Тајван.

- Вулканот Ибу во Индонезија денеска повторно еруптираше и исфрлаше пепел во висина од шест километри.

Вулканот Ибу што се наоѓа на островот Халмахера, во провинцијата Северна Молука, е активен од почетокот на годината и досега се регистрирани најмалку 95 ерупции.

- Јапонскиот премиер, Фумио Кишида изјави дека неговата земја, Јужна Кореја и Кина денеска за време на трилатералниот самит меѓу нив ја потврдија важноста на денуклеаризацијата на Северна Кореја. Тринасочниот состанок се одржа неколку часа откако Пјонгјанг ги објави плановите за лансирање ракета која носи шпионски сателит во орбитата.

Тројцата лидери најавија и дека се договориле за подобрување на трилатералната соработка.

- Земјотрес со интензитет од 6,6 степени според Рихтерова скала утрово е регистриран на архипелагот Тонга во јужниот дел на Тихи Океан, соопшти Американскиот геолошки завод.

Земјотресот бил на длабочина од околу 112 километри, на помалку од 200 километри северно од главниот град на Тонга, Нукуалофа.

 

Остани поврзан