
14 април 2025
Скопје - Во Собранието за денеска се закажани седници на комисиите за европски прашања, за одбрана и безбедност, за економски прашања, труд и енергетска политика, за прашања на изборите и именувањата, за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање и на Законодавно-правната комисија.
Скопје - Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе одржи Јавна расправа за кандидатите кои ги исполнуваат условите по Одлуката за објавување на Јавен конкурс за именување на членови на Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија.
Комисија за прашања на избори и именувања на седница на 10 април ја заврши Проверката на кандидатурите доставени по Одлуката за објавување на Јавен конкурс за именување на членови на Програмскиот совет на МРТ и од пријавените 37 кандидати, поминаа 24. На 13 кандидатурите им беа одбиени поради некомплетна документација.
Скопје - Полициски службеници од СВР Скопје го пронајдоа малолетното девојче од с. Кадино, скопско за кое вчера едниот родител во Полициска станица Петровец кажал дека се оддалечило од својот дом, соопшти МВР.
Полициски службеници го пронашле девојчето заедно со родителот во с. Илинден каде доброволно отишла кај нејзин познаник.
Скопје - Царинската управа денеска ќе одржи настан по повод одбележување на 14 Април - Ден на Царинската управа.
Годинава се одбележуваат 33 години од основањето на Царинската управа и по тој повод на настанот ќе се обратат директорот Бобан Николовски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Скопје - Објавен е јавен повик за Мерката 112 со кој обезбедуваме помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност. Вредноста на грантот изнесува 600.000 денари или 10.000 евра, односно 100 проценти од направените трошоци, соопштија денеска од владината прес-служба. Крајниот рок за доставување на барањата е до 9 мај годинава.
Скопје - Судењето за убиството на Вања и Панче продолжува денеска со сведочење на обвинетиот Љупчо Палевски Палчо. Во Основниот Кривичен суд Скопје со почеток во 10 часот Палевски прво треба да биде сослушан од неговиот бранител, адвокат Јовица Страшевски, а потоа да одговара на вкрстени прашања од Обвинителството и одбраната на останатите обвинети.
Струга - Во Основниот суд во Струга за денеска е закажано ново рочиште за случајот со родилката од Дебар Јилдз Веапоска, на која по породување со царски рез во Струшката општа болница и беа отстранети матка, јајник и бубрег.
На барање на одбраната судечкиот судија Јордан Јованов, на последното рошиште пред два месеци, донесе решение Медицинскиот факултет во Скопје да одговори зошто биле избрани надворешни членови при носењето на одлуката.
Скопје - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков и ректорката на Скопскиот универзитет Биљана Ангелова денеска во Ректоратот на УКИМ ќе потпишат меморандум за соработка.
Како што е најавено, со овој меморандум „ќе се воспостават формите за соработка меѓу Министерството за култура и туризам и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје за активности од заеднички интерес“.
Скопје - Македонските граѓани во 2024 година со своите платежни картички во странство потрошиле за онлајн пазарење 284.4 милиони евра во 7.4 милиони трансакции, купувајќи производи и услуги посебно поврзани со патувања и трансакции за авио-билети и резервации на хотели онлајн. Во однос на 2023 година Македонците за купување производи и услуги со платежни картички кон странски е-трговци во 2024 година потрошиле 45.4% повеќе додека бројот на е-трансакциите е зголемен за 61.4%, покажува анализата на Асоцијацијата за е-трговија - АЕТСМ изработена врз база на објавените податоци од Народната банка.
Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје - Нашиот врвен гитарист, композитор и македонска музичка легенда Влатко Стефановски, на 9 и 10 мај во Македонската филхармонија, концертно ќе ја одбележи неговата импозантна 50-годишна музичка кариера.
Влатко Стефановски е македонски бренд во светот на рокот, џезот и блуз музиката, кој зад себе има остварено раскошна кариера што го обликуваше современиот македонски музички пејзаж и целите балкански простори.
Скопје - Независниот театар „Златен Елец“ од Скопје вечер од 20 часот во Младинскиот културен центар ќе ја изведе претставата „Хинкеман“ од Ернст Толер во режија и адаптација на Тамара Стојаноска.
Како што наведува театарот за претставата, Јуџин Хинкеман, воен ветеран кој се враќа дома физички и психички ранет, „ги симболизира многуте оние кои се напуштени од системот во оној момент кога повеќе не се потребни како работна сила“.
Софија - Возачите од градскиот превоз во Софија денеска излегуваат на протест, што може да предизвика блокади и отежнато движење во градот. Националниот протест, под мотото „Достоинствен труд – достоинствена плата! Без превоз, нема економија!“, е организиран од синдикатите на транспортните работници.
Од 8:00 часот се очекува демонстрантите да ги блокираат сообраќајните раскрсници во центарот на Софија, а дел од акциите вклучуваат и привремено попречување на работата на метрото, јави БТА. Околу 11:00 часот, протестот ќе продолжи со марш кон Министерството за финансии и Градската управа.
Брисел – Односите на Европската Унија со земјите од Западниот Балкан, најновите случувања поврзани со Украина, состојбата на Блискиот Исток, пред се во Сирија, како и соработката меѓу ЕУ и Африканската Унија, ќе бидат главни теми на денешниот Совет за надворешни работи на блокот (ФАЦ), што се одржува во Луксембург.
По завршувањето на Советот, со кој ќе претседава високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, ќе се одржи и првиот Дијалог на високо ниво меѓу Европската Унија и Палестинската управа, а по него и четвртата Меѓувладина пристапна конференција ЕУ-Албанија, со која треба да бидат отворени нови поглавја од преговарачкиот процес на Тирана за членство во блокот.
Будимпешта - Пратениците во Унгарија денеска треба да гласаат за контроверзниот уставен амандман кој активистите за човекови права го опишаа како сериозна ескалација во напорите на владата да го задуши несогласувањето и дополнително да ги ограничи човековите права.
Берлин - Идниот германски канцелар Фридрих Мерц изјави дека новата федерална влада ќе се стреми бројот на баратели на азил да не надмине 100.000 годишно, јави ДПА.
- Нашите градови, училишта, болници и инфраструктура се веќе на работ на издржливост, изјави Мерц за германската телевизија АРД.
Тој го потврди планот за запирање на спојувањето на семејства и најави широка кампања за депортација, како што е наведено во коалицискиот договор меѓу неговата конзервативна коалиција (ЦДУ/ЦСУ) и Социјалдемократската партија на Германија (СПД).
Луксембург - Процесот на проширување на Европската Унија е нешто видливо и затоа ни се потребни успешни приказни во неговото спроведување на Западниот Балкан, порача утрово високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас пред почетокот на заседанието на Советот за надворешни работи на Унијата во Луксембург.
- Гледаме како тензиите растат (во регионот) и дефинитивно треба да го придвижи процесот на проширување, истакна Калас.
Луксембург - На земјите кандидати за членство од Западниот Балкан им ги пренесовме нашите очекувања за нивно усогласување со вредностите, политиките и принципите на ЕУ, преку промоција на регионалната стабилност и добрососедските односи, изјави денеска во Луксембург хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман.
Во изјавата пред почетокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург, шефот на хрватската дипломатија оцени дека од клучно значење е намалување на тензиите во Босна и Херцеговина и почитување на нејзината Уставна рамка.
Брисел - Сојузниците на Украина ја осудија Русија за смртоносниот ракетен напад врз украинскиот град Суми, при што загинаа 34 лица, вклучително две деца, а 117 беа повредени. Две балистички ракети го погодија центарот на градот вчера наутро, експлодирајќи во близина на државниот универзитет и конгресниот центар, оставајќи крвави тела расфрлани по улиците.
Американскиот претседател Доналд Трамп го опиша нападот како „ужасна работа“, додека идниот германски канцелар, Фридрих Мерц, ја обвини Русија за извршување воено злосторство.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе започне трговска истрага за влијанието на кинескиот увоз на електроника врз националната безбедност на САД.
Трамп, исто така, го повтори својот став дека исклучувањето на паметните телефони и компјутерите од реципрочните царини против Кина ќе биде краткотрајно.
Американската Агенција за царина и гранична заштита во петокот објави ново упатство со кое е јасно дека паметните телефони и компјутерите ќе бидат исклучени од опсегот на реципрочните тарифи.
Вашингтон - Две руски балистички ракети вчера го погодија самиот центар на северниот украински град Суми, при што загинаа најмалку 34 лица, а беа повредени 117, во најсмртоносниот напад врз Украина оваа година, соопштија украинските власти. На нападот реагираше и Трамп. Тој рече дека рускиот напад врз Суми бил страшен.
-Мислам дека е страшно. Ми кажаа дека направиле грешка, но мислам дека е страшно. Мислам дека целата војна е ужасна работа. Мислам дека самиот почеток на таа војна беше злоупотреба на моќта. Соединетите држави никогаш немаше да дозволат таа војна да започне ако јас бев претседател. Таа војна е срамота, им рече тој на новинарите во претседателскиот авион Air Force One на враќање за Вашингтон.
Вашингтон - Полицијата во Пенсилванија уапси 38-годишен маж по име Коди Балмер, осомничен дека подметнал пожар во службената резиденција на гувернерот на сојузната држава, Џош Шапиро.
Инцидентот се случил во првата ноќ на еврејскиот празник Пасха, кога гувернерот бил дома со семејството во Харисбург. Тие биле разбудени од безбедносните служби околу 2 часот по полноќ и веднаш евакуирани.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска повторно изјави дека американската челичарница U.S. Steel („Ју-Ес стил“) не треба да премине под контрола на странски сопственик.
Со тоа, Трамп дополнително ги намали надежите на јапонската компанија Nippon Steel („Нипон стил“) дека американските власти ќе ја одобрат нејзината понуда од 14,9 милијарди долари за преземање на U.S. Steel.
Кито - Актуелниот шеф на државата на Еквадор, Даниел Нобоа води по пребројувањето на гласовите на претседателските избори.
Со обработени околу половина од протоколите на секциските изборни комисии, Нобоа доби речиси 57 отсто од гласовите, додека поддршката за неговата левичарска ривалка Луиза Гонзалес изнесуваше 43 отсто.
Во Еквадор, каде што гласањето е задолжително, има 13,7 милиони гласачи и сè уште треба да се обработат милиони гласачки ливчиња.
Пекинг - Кинескиот претседател Си Џинпинг рече дека Кина и Виетнам треба да ги зголемат своите напори на сите фронтови за да изградат заедница со заедничка иднина и да придонесат повеќе за мирот, стабилноста, развојот и просперитетот во Азија и во светот воопшто, објавија кинеските медиуми.
Кинескиот лидер, кој денеска пристигнува во дводневна посета во Виетнам, го изрази овој став во статија со наслов „Градење на минатите достигнувања и постигнување нов напредок во остварувањето на заедничките цели“. Текстот е објавен во денешниот број на виетнамскиот весник „Нан Дан“.