• вторник, 16 април 2024
МИА Радио флеш

27 март 2023

- Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на настан во чест на 3-годишнината од приемот на Република Северна Македонија во НАТО, организиран од Министерството за надворешни работи. Станува збор за традиционален НАТО појадок со амбасадорите на земји членки на НАТО, како почеток на Деновите на НАТО во Северна Македонија, што се одржа во Клубот на пратеници во Скопје, а како специјална гостинка присуствуваше и украинската амбасадорка.

 - Средба со министерот за финансии Фатмир Бисими побараа денеска вработените од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм, за време на едночасовниот протест што се одржа пред Министерството за финансии. Тие на протестот уште еднаш упатија апел за покачување на платите. Претседателот на синдикалната организација при Министерството за култура, Бранко Костовски изјави дека ќе бидат присутни секој ден во голем број, се до остварување на целта - соодветна валоризација на трудот на вработените во овие институции. Тие бараат потпишување на колективен договор и зголемување на платите по примерот на Министерството за финансии.

-Граѓаните на град Скопје кои имаат заостанати долгови за вода можат да склучат договори со ЈП Водовод и канализација – Скопје за отплата на рати без камата до крајот на месецов. -ЈП Водовод и канализација – Скопје ја известува јавноста и граѓаните на град Скопје, дека акцијата за отплата на долговите без пресметка на камата за задоцнето плаќање е во тек и истата завршува до крајот на оваа недела, односно заклучно до 31 март 2023. 

-Во текот на изминатиот викенд, полициски службеници од Куманово спроведоа акциска контрола за санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните прописи, при што на подрачјето на Куманово санкционирани се вкупно 224 возачи, од  кои 193 управувале возило со брзина поголема од пропишаната. Како што информираат денеска од МВР, 13 санции се изречени за возачи возачи кои управувале возило под дејство на алкохол, 11 за управување возило без возачка дозвола и седум за нерегистрирано возило.

 – Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да започне судењето против новинарот Драган Павловиќ Латас и инфлуенсерот Стефан Лазаров, обвинети за кривичното дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Според обвинението, двајцата обвинети преку компјутерски систем ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство спрема жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста.

 – Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го одложи денешното јавно обраќање, во кое се очекуваше да објави дека ќе го суспендира законот за реформи во правосудството, откако неговите коалициски партнери му порачаа да не отстапува, објави израелскиот Канал 12. Засега нема потврда за информациите од кабинетот на Нетанјаху.

-Поранешниот тајвански претседател Ма Јинг-јеу денеска отпатува во Кина, со што стана првиот поранешен или актуелен тајвански лидер што ја посетил земјата. Се предвидува тој да престојува во 12-дневна посета, јави ДПА. Патувањето на Ма доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Кина и Тајван. Вчера Хондурас ги прекина односите со Тајван и воспостави дипломатски врски со Кина. Дипломатскиот неуспех дојде само неколку дена пред планираната посета на тајванската претседателка Цаи Инг-вен на Гватемала и Белизе, почнувајќи од 29 март.

- Претседателот на најголемиот синдикат во Израел, Арнон Бар-Давид за денеска најави генерален штрајк во знак на протест против плановите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за реформи во судството. Денешната одлука на Хистадрут, која претставува повеќе од 700.000 работници во различни сектори, од банки до транспорт и здравство, може да парализира голем дел од економијата на Израел.

– Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе гласа за руско-кинеската нацрт-резолуција за истрага за саботажата на гасоводите Северен тек 1 и 2, јавија руските агенции истакнувајќи дека има мали шанси документот да биде усвоен. Во нацрт-резолуцијата, се испраќа предлог до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш за формирање независна меѓународна комисија за спроведување на темелна, транспарентна и независна истрага за сите аспекти на саботажата на Северен тек 1 и 2, вклучително и идентификување на извршителите на саботажата, финансиерите, организаторите и нивните соработници.

- Високиот меѓународен претставник за Босна и Херцеговина Кристијан Шмит денеска предупреди дека е крајно време да се формира влада во таа земја врз основа на резултатите од изборите одржани уште во октомври и ги повика политичките партии да се однесуваат одговорно и на тој начин да обезбедат продолжување на потребните реформи. Во авторски текст за сараевскиот „Дневни аваз“, Шмит за првпат се огласи откако Уставниот суд на Босна и Херцеговина минатата недела ги отфрли жалбите на неговата одлука за измени на изборниот закон и Уставот на Федерацијата Босна и Херцеговина, кои беа поднесени од тогашните членови на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ. 

Остани поврзан