МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

6 февруари 2025
Скопје – На последната владина седница е усвоен договорот во кој што треба јасно да се прецизира обврската на страните за железничкото поврзување со Бугарија, соопшти премиерот Христијан Мицкоски, порачувајќи дека е потребна јасна посветност од бугарската страна дека Коридорт 8 е приоритетот.
Скопје - Утре или во понеделник Министерството за економија ќе соопшти какви мерки ќе преземе Владата во однос на поскапувањата на основните прехранбени производи поради кои граѓаните организираат бојкот на поголемите ланци маркети.
Како што соопшти денеска министерот за економија Бесар Дурмиши, во понеделник ќе се одржи и средба со претставници на синдикатите, Организацијата на потрошувачите, Државниот завод за статистика, министерствата за финансии и за земјоделство, како и со претставници на сите останати релевантни институции околу новата методологија за пресметување на потрошувачката кошница.
Скопје - ВМРО-ДПМНЕ во моментов работи на мобилизирање во сопствените внатрешни структури, се одржуваат состаноци со општинските комитети, вчера имало состанок со тој во Карпош, денеска во Ѓорѓе Петров, утре во Кисела Вода... Овој месец се планирани средби со поширскиот партиски состав, месните комитети, координатори на избирачки места, унија на жени, на млади. Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски денеска на брифинг со новинари она што го прават од овој месец па натаму во пресрет на локалните избори наесен е пред се консолидирање на коалицијата „Твоја Македонија“.
Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека процесот со заминување на странските компании ќе биде надминат. Напротив, тој рече дека е загрижен дали ќе има доволно работна сила за сите предвидени инвестиции во државава.
Одговарајќи на новинарско прашање дека дел од странските компании ја напуштат земјава, а дел ги намалуваат капацитетите, Мицкоски рече дека процесот ќе биде надминат бидејќи во меѓувреме, како што посочи, преговараат со дел од инвеститорите кои што се заинтересирани да инвестираат.
Скопје - Бројни неправилности, нетранспарентност и низа прекршувања на внатрешните прописи, управните и законските процедури констатирала ревизијата во Министерството за економија што ја иницираше актуелниот министер за економија и труд Бесар Дурмиши. Постојат сознанија, соопшти денеска Дурмиши, дека државниот буџет е оштетен за 127 721 000 денари или за приближно два милиона евра како резултат на непреземање мерки од страна на комисиите на Министерството во периодот од 2019 до 2023 година, бројот на застарени предмети е 1 534 и за нив не може да се води натамошна постапка.
Скопје - Македонско Брајово писмо што ќе биде полноправно признато во светот односно да се кодифицира и стандардизира како единствено писмо за слепите лица во државава бара „Коалиција Менуваме“, чии претставници за таа цел денеска имаа средба во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
За да им се обезбеди македонско Брајово писмо на слепите лица потребно е негово вградување во сите програми за печатење на Брајово писмо, како и во дигитални уреди и во асистивната технологијата.
Гевгелија - Гевгелија е Град на културата во државата за 2025 година, објави денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на прес конференција што се одржа во овој град.
Според министерот, ова признание не е само чест, туку и обврска и притоа истакна дека Гевгелија по втор пат е град на културата по 2011 година.
Скопје - Потпретседателот на Владата на РСМ и министер за односи меѓу заедниците, г. Иван Стоилковиќ денес оствари работна средба со делегација од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, предводена од претседателот Лимко Бејзароски.
Скопје - Министерството за локална самоуправа започнува со теренските посети во општините насловени „Каде што срцето е дома“ со цел размена на искуства, предлози и идеи со градоначалниците, советниците и граѓанскиот сектор. Овие посети имаат за цел мапирање на предизвиците со кои се соочуваат општините и изнаоѓање на соодветни решенија за нивен напредок.
Скопје – Обвинителството се уште презема мерки и прибира докази за сообраќајната несреќа на „Партизанска“ во која загина 22-годишната Фросина Кулакова. Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, вели дека казната треба да има одредена цел и влијание и јавниот обвинител во тој поглед ќе ги преземе сите дејствија на обезбедување на цврсти докази.
Во конкретниов случај во поглед на лицето што го прегази девојчето, Коцевски вели дека тој се наоѓа во притвор и за сега и така ќе остане до крај, бидејќи се работи за кривично дело сторено со умисла, најтешко кривично дело во сообраќајот во однос на безбедноста.
Скопје – Уставниот суд утврди дека на пратеникот Сали Мурати му е сторена повреда на слободата на јавно изразување на мислата и правото на политичкото дејствување на начин што од страна на претседателот на Собранието не се проследени пратеничките прашања до Министерството за култура и туризам и министерот за внатрешни работи поднесени во писмена форма од страна на подносителот на барањето на 5 август 2024 година.
Како што информира Уставниот суд, во овој случај е применет т.н „тест на нужност во демократско општество” кој го применува Европскиот суд за човекови права со цел да оцени дали ограничувањето било оправдано, или постои повреда на слободите и правата.
Скопје - Претседателот на Судски совет, Александар Камбовски, по денешната објава дека пратеници на ВМРО - ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судски совет, порача дека секој има право да поднесува иницијативи, како и сите власти во државата мораат да делуваат согласно закон и Устав.
- Во повеќе наврати сум дал изјави мислења во поглед на постапка за разрешување на членови на Судскиот совет. Единствено место каде што тоа е предвидено е во Законот за судски совет. Иницијативи може да се поднесуваат до Собранието, секој има право да поднесува иницијативи, рече Камбовски.
Скопје - Комисијата првично треба да изврши увид во предметот за возачот што ја усмрти Фросина Кулакова, рече денеска Александар Камбовски, претседател на Судски совет, одговарајќи на новинарски прашања.
Во врска со формирањето на комисијата која треба да утврди дали имало пропуст во претходните судски постапки за обвинетиот Јованов што на пешачки премин ја прегази Кулакова, Камбовски посочи дека малку е чувствително времето, затоа што предметот во овој момент се наоѓа пред Апелацискиот суд во Скопје.
Скопје - Трансплантација на црн дроб од жив дарител на Дигестивна хирургија, реконструкција на дојка на Торакална и пластика, потоа скрининг на крвта за западно нилска треска, но и баријатрична хирургија за екстремен обезитас, а ГОБ „8 Септември“ да стане регионален центар, беше најавено на денешната презентација на годишниот план за 2025 година за финансирање специјалистичкo-консултативна здравствена заштита во приватните и јавните здравствени установи во просториите на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) во Скопје.
Скопје - Во текот на петта недела од 2025 година, од 27 јануари до 2 февруари, пријавени се 3.036 случаи на групни пријави за заболени од грип и слични заболувања. Евидентирани се два смртни случаи асоцирани со грип. Во Ресен, Кавадарци, Кратово, Свети Николе и во Струмица има многу висока активност на вирусот на грип, информираат попладнево од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Пријавените 3.036 случаи се за 61,7 проценти повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со петта недела од минатата сезона, е зголемен за 83,7 отсто. Во споредба со бројот за петта недела од типичната епидемиска крива - моделирана од последните 14 сезони, зголемен е за 35,4 проценти.
Скопје - Една година по усвојувањето во Собранието (26 јануари 2024) и неговото објавување во Службен весник три дена подоцна, Законот за употреба на македонскиот јазик сѐ уште не се применува односно не е формиран инспекторат за негово спроведување. Тоа е и меѓу најважните одредби во новиот закон кој треба да го замени претходниот од 1998 година.
Инспекторатот за македонскиот ќе биде со извршна моќ и ќе може да спроведува инспекциски надзор за тоа како се употребува македонскиот јазик, дали е според Уставот и Законот за употреба на македонскиот јазик.
Скопје - Македонија повеќе од една декада е дел од Меѓународниот саем за туризам „EMITT“ во Истанбул, Турција. Саемот годинава се организира по 28. пат, од 5 до 7 овој месец. Богатата туристичка понуда на Македонија, адаптирана за турскиот пазар е промовирана од коегзибиторите на македонскиот штанд Бадемтур, ДМЦ Балканс, Вардар експрес, Делфино травел, Ајдинис травел, Балкан травел и хотел „Макпетрол“, соопшти денеска Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ).
Скопје - Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – декември 2024 година, изнесува 7 781.2 милиони евра и бележи пад од 6.5 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, пак, во истиот период, е 11 062.4 милиони евра, што е за 0.8 % помалку од 2023 година. Трговскиот дефицит изнесува 3 281.2 милиони евра, соопшти Државниот завод за статистика.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – декември 2024 година, изнесува 70.3 %.
Скопје - Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска изрази загриженост за, како што оценуваат, влошувањето на состојбата со застапеноста на Албанците во Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија.
Пратеникот на ДУИ и поранешен претседател на Собранието, Талат Џафери на денешната прес-конференција истакна дека во последните месеци се спроведува дискриминаторска политика при што Албанците се целосно исклучени од клучните позиции, а забележан е и процес на деградирање на искусните офицери.
Скопје – Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ денеска, во рамки на едицијата „Посебни изданија“, ја промовираше книгата „Особености на граматичката категорија преодност на глаголите во македонскиот јазик" од проф. д-р Људмил Спасов. Се работи за негова докторска дисертација која во 1982 ја одбранил на Филолошкиот факултет, под менторство на проф. Ружа Пановска и проф. Блаже Конески.
Атина – Актуелниот заменик-министер за цивилна заштита и климатски промени на Грција Христос Триандопулос, кој во периодот кога се случи железничката несреќа кај Темпи беше министер брз ресор, денеска најави дека ќе си поднесе оставка кога биде формирана парламентарната комисија за спроведување прелиминарна истрага, за што доцна синоќа опозициската ПАСОК достави предлог до Парламентот и бара да се истражи кривична одговорност на Триандопулос, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина – Целосно да се бојкотира пазарот и граѓаните да не потрошат ниту едно евро на 19 февруари, повикаа од Федерацијата на потрошувачи на Грција (ИНКА) поради високите цени, јави дописничката на МИА од Атина.
Преку соопштението велат дека „доста е со измамите, профитерство и заработките на сметка на граѓаните“.
Брисел - Осакатувањето на женските гениталии претставува кршење на човековите права и грозоморна форма на насилство врз жените и девојчињата, порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во пораката по повод Меѓународниот ден за нулта толеранција за осакатувањето на женските гениталии - 6 февруари.
- Се проценува дека над 200 милиони жени ширум светот, вклучувајќи најмалку 600.000 во Европа, биле подложени на осакатување на женските гениталии. Тоа е средство за наметнување доминација и општествена контрола врз жените и девојчињата. Практиката има тешки доживотни физички и психолошки последици. За тоа нема апсолутно никакво медицинско или етичко оправдување и нема место во ниту едно општество, наведува Калас во пораката.
Брисел – Отвореното писмо на еврокомесарката за проширување Марта Кос за случувањата во Србија не е директна порака кон студентите, туку општо објаснување што значи пристапувањето кон ЕУ, изјави денеска портпаролот на ЕК за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие.
- Во него се наведни ставовите за политичката ситуација. Еврокомесарката Кос ја нагласува важноста на слободата на собирање како фундаментална вредност на заедничкиот европски проект кој мора да се почитува, изјави Мерсие.
Рим - Финансиската полиција во италијанскиот град Реџо Емилија откри наводна даночна измама вредна повеќе од 100 милиони евра, организирана од осомничен криминален синџир, во кој биле вмешани 400 вистински и фиктивни компании, соопштија извори од истрагата.
Даночната полиција соопшти дека под истрага се 179 лица, додека во Италија се извршени 91 претреси, од Торино до Кротоне, пренесе АНСА.
Берлин - Речиси 90 отсто од Германците веруваат дека странски актери, пред се од Русија и САД, се обидуваат да ги користат социјалните мрежи за да влијаат врз исходот на претстојните парламентарни избори, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење што денеска го објави здружението на дигитални компании Битком.
Во истражувањето спроведено во јануари, со учество на повеќе од 1.000 испитаници, 45 отсто од нив изразиле уверување дека Русија води во обидите да манипулира со изборите.
Лондон – Велика Британија ќе се спротивстави на сите напори за насилно преселување на Палестинците од Појасот Газа во соседните арапски земји, изјави британската државна министерка за развој, Анелиз Додс пред Парламентот.
- Не треба да има присилно раселување на Палестинците, ниту какво било намалување на територијата на Појасот Газа, истакна Додс.
Париз - Францускиот Сенат денеска го одобри буџетот за 2025 година и го упати на разгледување до Уставниот совет, јави телевизијата БФМ.
Доколку Советот го одобри законот, тој ќе треба да го потпише францускиот претседател Емануел Макрон за да стапи на сила.
„Немаме ниту секунда за губење“, рече сенаторот Жан-Франсоа Иссон, кој зборуваше пред советот во име на групата пратеници кои го подготвија конечниот текст на буџетот.
Буџетот има за цел да го намали дефицитот со намалување на потрошувачката и зголемување на даноците за оние со највисоки приходи и корпорации.
Брисел - Газа е суштински дел од идната палестинска држава и не би требало да има никакво присилно раселување на Палестинците од ова подрачје, изјави портпаролот на Европската Комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ел Ануни во врска со идејата на американскиот претседател Доналд Трамп за преселување на жителите на Појасот во соседните земји.
Њујорк - Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш денеска ја истакна важноста од воздржување од „секаква форма на етничко чистење“ на Палестинците во услови на прекин на огнот во Појасот Газа, јави Анадолија.
Говорејќи на состанокот организиран од Комитетот на ОН за остварување на неотуѓивите права на палестинскиот народ, Гутереш рече дека тоа се однесува на правото на Палестинците „едноставно да живеат како луѓе во својата земја“.
Москва - Кремљ денеска го разреши шефот на руската вселенска агенција, Јуриј Борисов, кој беше на оваа позиција помалку од три години, а неговиот мандат беше обележан со спектакуларниот неуспех на првата руска мисија на Месечината по 47 години.
Во соопштението на Кремљ се наведува дека Борисов, кој беше на чело на агенцијата Роскосмос од јули 2022 година, е заменет од Дмитриј Баканов, заменик-министер за транспорт којпред да влезе во владата раководел со сателитската компанија „Гонец“.
Будимпешта - Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп постигнал успех во спроведувањето на Абрахамските договори од 2020 година, кој вклучува нормализација на односите меѓу Израел и неколку арапски земји, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Судан и Мароко.
Тој во Њујорк рече дека Абрахамските договори донеле целосно нова димензија на животот на Блискиот Исток, пренесе МТИ.
Братислава - Словачката гасна компанија СПП (SPP) од 1 февруари започна со увоз на руски гас преку гасоводот „Турски тек“, а се очекува од април испораките двојно да се зголемат, изјави денеска претседателот на компанијата Војтех Ференц, објавија локалните медиуми.
-Компанијата не планира да го раскине договорот со руската групација „Газпром“, што трае до 2034 година, изјави Ференц за веб-страницата на весникот Деник Н.
Вашингтон - Специјалниот пратеник на САД за Украина и Русија, Кит Келог, денеска изјави дека шансите Украина да влезе во НАТО или да добие нуклеарно оружје се „мали или никакви“.
-Шансите да си го вратат нуклеарното оружје се некаде помеѓу „тенки и воопшто ги нема“. Да бидеме искрени, сите знаеме дека тоа нема да се случи, изјави Келог за Фокс њуз, коментирајќи ја изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека доколку САД не можат да гарантираат брза патека до членството во НАТО, Киев ќе прифати алтернативни безбедносни опции, вклучително и испорака на нуклеарно оружје.
Вашингтон - Претседателот на САД Доналд Трамп денеска изјави дека Израел ќе ѝ ја предаде Газа на САД по завршувањето на воените дејствија, нагласувајќи дека таму нема да има потреба од американски војници.
„По завршувањето на војната, Израел ќе ја предаде Газа на САД. Палестинците… веќе ќе бидат преселени на многу побезбедни и поубави места во регионот, со нови и модерни домови“, напиша Трамп на неговата социјална мрежа „Truth Social“, дополнувајќи ја својата претходна контроверзна изјава за иднината на Газа.
Вашингтон - Федералните службеници кои ги исполнуваат условите мора да донесат одлука до четврток, во 23:59 часот по источно време во САД, дали ќе ја прифатат понудата на администрацијата на претседателот Доналд Трамп за одложена оставка, со која ќе можат да ги напуштат работните места, но ќе продолжат да добиваат плата до крајот на септември.
Најмалку 40.000 вработени веќе ја прифатиле оваа понуда, изјави за Си-Ен-Ен функционер од администрацијата.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави, без да приложи никакви докази, дека милијарди долари биле украдени од Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) и кои наводно биле искористени за финансирање на медиуми кои позитивно известувале за неговите политички противници.
Изјавата на Трамп доаѓа во момент кога неговата администрација е соочена со жестоки критики поради наводното укинување на оваа агенција.
Пекинг - Кина го назначи контроверзниот дипломат и поранешен амбасадор во Франција, 60-годишниот Лу Шеј, за свој посебен претставник за европски прашања, соопшти денеска кинеското Министерство за надворешни работи.
Лу стекна репутација поради честите борбени изјави за време на неговиот петгодишен мандат како пратеник на Пекинг во Париз, кој заврши во декември. Лу во 2023 година рече дека поранешните советски држави „немаат ефективен статус во меѓународното право“, што налути многу членки на Европската унија.
Ерусалим - Израелската безбедносна служба Шин Бет денеска соопшти дека спречила планиран терористички напад врз автобус во Ерусалим кон крајот на минатата година.
Во ноември и декември 2024 година, агентите на Шин Бет и израелските војници уапсија пет членови на терористичка група со седиште во Рамала, која беше составена од членови на Фатах и Хамас, и која планираше напад во контекст на војната во Газа, пишува Тајмс оф Израел.
Москва – Подготовките за средба на рускиот претседател Владимир Путин со американскиот колега Доналд Трамп се во напредна фаза, изјави шеф на Комитетот за надворешна политика на Думата, Леонид Слуцкиј.
Двајцата претседатели изјавија дека се заинтересирани за средба на која би разговарале за контрола на нуклеарното оружје, глобалните цени на енергијата и намерата на Трамп брзо да ја заврши војната во Украина.
Слуцкиј наведе дека очекува Путин и Трамп да разговара и за ситуацијата на Блиски Исток.