• сабота, 21 декември 2024
МИА Радио флеш

4 декември 2024 

Скопје - Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска ќе учествува на министерскиот состанок на САД-Јадранската повелба, попозната како групата А5, кој се одржува во Тирана, Албанија.

За време на министерскиот состанок, Мисајловски ќе се обрати на двете работни сесии посветени на безбедносното опкружување во Западниот Балкан и поширокиот регион, политиката на отворени врати на А5, како и иднината на овој успешен регионален механизам за соработка.

Скопје -  Министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ со придружна делегација, денеска ќе престојува во работна посета на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.

Како што соопшти МВР, министерот Нешиќ ќе оствари средба со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. 

Скопје - Уставниот суд денеска ќе ја одржи 31-та седница, на чиј дневен ред се десет иницијативи за оценување на уставност и законитост.

Како што информираат од Судот, на седницата ќе се одлучува по иницијативи со кои се оспорени членови од Законот за даноците на имот, од Законот за управни спорови, од Законот за медијација, од Законот за организацијата и за единствената методологија на прибирањето, евидентирањето и обработката на податоци и информации за потребите на правосудните органи од интерес за целата земја, од Законот за изменување и дополнување на Изборниот Законик, од Законот за судовите, како и од Законот за јавнотото обвинителство.

Скопје - Министерството за внатрешни работи (МВР) се вклучува во кампањата „Помисли двапати“ (Think Twice) на Меѓународната организација за криминалистичка полиција – ИНТЕРПОЛ.

Кампањата, како што информира МВР, е за зголемување на свесноста од растечките закани од сајбер или финансиски измами на луѓе, организации или институции. Кампањата вклучува серија кратки видеа кои се фокусираат на пет најголеми растечки онлајн закани: ransomware напади, malware напади, phishing, генеративни AI измами и романтичарски измами.

Скопје - Предлогот на Фискалниот совет да се зголеми старосната граница за пензионирање на 67 години предизвика реакции во јавноста. Од Сојузот на синдикати на Македонија го оценија ваквиот предлог како сериозно загрижувачки и наместо тоа побараа сериозни политики за зголемување на вработувањето на младите и мерки за пристојна работа со почитување на правата од работен однос според меѓународните трудови стандарди. Од Владата, пак, велат дека во овој момент не се размислува за зголемување на старосната граница за пензионирање и дека се прават напори за стабилизирање на состојбата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. 

- Ќе ги разгледаме сите состојби како да имаме еден стабилен систем. Во овој момент она што го направивме е усогласување со покачувањето на пензиите од 5000 денари. Имаме активна методологија, имаме закон по којшто се работи. Како што гледаме како да ги стабилизираме сите состојби, така остануваме посветени и на состојбата во Фондот, изјави вчера портпаролката на Владата, Марија Митева.

Скопје - Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, во прво читање денеска е единствена точка на седницата на Комисијата за социјална политика, демографија и млади и Законодавно-правната комисија. 

Во Собранието денеска седница ќе одржи и Законодавно-правната комисија.

Скопје - Да не дозволиме да бидеме измамени со комерцијалните и социјалните конструкции за значењето на празникот Божиќ, поимајќи го како празник на дарувањето и на домашната хармонија. Божиќ е далеку повеќе од само празник за сплотување на семејството – тоа е мигот кога Бог влегува во минливата историја на човештвото, за да го повика човекот да стане учесник во вечноста, слегува на земјата за да ни даде можност да се искачиме на небото, порачува во интервју за МИА сестра Ефимија од манастирот „Свети Георгиј Победоносец" во дебарското село Рајчица. 

За многумина, како што наведува, дури и во овој современ контекст, Божиќ е време за литургиско празнување во храмовите, од кое понатаму произлегува вистинската духовна радост и сплотување со ближните. - Токму оваа перспектива на празникот е она што треба да нè води, без оглед на тоа што светот околу нас често ја нагласува формата наместо суштината. Значи, пораката на Црквата во овој контекст е јасна: да се вратиме на суштината! Божиќ е момент за љубов, простување, духовно обновување и единство со Бога и со ближните. Тоа е повик да се ослободиме од духот на зависта, злобата, себичноста и материјализмот, и да го отвориме своето срце за вистинската радост – раѓањето на Христовиот мир во нашите срца, посочува таа.

Скопје - Документарните филмови „Ризата на Богородица“  и „За нашиот доктор, а писател“ вечер се на програмата на 9. Фестивал „Богородичен покров“, што се одржува онлајн од 30 ноември до 7 декември на Youtube.

- Во изворите марамата на Пресвета Богородица се именува како риза, омофор или покров. Тоа не е покривка за главата, туку е горна облека која ја покривала главата и се спуштала до петите... Денес мал дел од Ризата се наоѓа во Успенската црква на московскиот Кремљ, друг - во лутеранската црква Св. Јован Крстител во Рим. Но, најголемиот дел се чува во катердалната црква на Божјата Мајка во Шартр, Франција, велат од Фестивалот „Богородичен покров“ во најавата за „Ризата на Богородица“, руски документарен филм во продукција на Добротворен фонд „Познание”.

Скопје - Во рамките на проектот „Сузбивање на сексуално и родово-базирано насилство во дигиталната сфера“ кој УНДП го спроведува со финансиска поддршка од Јужна Кореја, денеска во Скопје ќе се одржи завршен настан.

Како што соопшти МВР, на настанот ќе се обратат помошник министерот за внатрешни работи Муамет Реџепи, раководителката на сектор за меѓународна правна соработка во Министерство за правда Тања Кикерекова, јавната обвинителка во Основно јавно обвинителство Скопје Спасенка Андонова и Ана Чернишова заменичка постојана претставничка на УНДП во Северна Македонија.

Атина – Заедничката посветеност за дополнително истражување на областите на билатерална и меѓународна соработка, ја повториле замениците-министри за надворешни работи на Грција и Турција, амбасадорите Александра Пападопулу и Мехмет Кемал Боза, во нивната заедничка изјава по одржаниот состанок во рамките на политичкиот дијалог меѓу двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.

Замениците шефови на грчката и турската дипломатија вчера во Атина го одржаа третиот состанок на политичкиот дијалог, а разговарале за „различните аспекти на билатералните односи и ги разгледаа неодамнешните случувања и перспективи во рамките подготовката на шестиот Совет за соработка на високо ниво што ќе се одржи во Турција следната година“.

Софија - Бугарските пратеници претпладнево ќе остварат нов обид - деветти по ред за избор на претседател на Парламентот, јави БТА.

Минатата недела тие повторно не успеаја да изгласаат шеф на законодавниот дом.
Во петокот ГЕРБ-СДС ја смени тактиката - лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов објави дека ја повлекуваат кандидатурата на нивниот кандидат Раја Назарјан и ќе ја поддржат Наталија Киселова, која е предложена од „БСП- Обединета левица“. Услов беше левицата да собере мнозинство без „Преродба“ и „ДПС-Нов почеток“.

Брисел - Иднината на Западен Балкан е во Европска Унија, истакна синоќа претседателот на Европски совет, Антонио Кошта по неформалната вечера со лидерите на Западен Балкан.

- Да работиме тоа да се случи, објави Кошта на социјалната мрежа Икс, додавајќи дека тоа е пораката што тој заедно со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас и комесарката за проширување Марта Кос ја упатиле на вечерата со лидерите на Западен Балкан.

Лондон - Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами ќе изврши притисок врз НАТО да ја зголеми воената поддршка за Украина на денешните средби со сојузниците во Брисел.

Се очекува Лами, исто така, да повика НАТО да ги одврати другите земји од соработка со Москва по распоредувањето на 10.000 севернокорејски војници за да помогнат во руската инвазија на Украина.

Брисел - Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто вчера изјави дека меѓународната заедница мора да преземе акција против прогонот на христијаните на Блиски Исток со оглед на влошената ситуација во Либан и во Сирија.

Тој, на прес-конференција по вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, истакна дека кризата на Блиски Исток била прва точка на дневниот ред на средбата, со оглед на опасната ситуација во регионот, што претставува закана за безбедноста, не само во Европа, туку и во целиот свет.

Париз - Пред денешното парламентарно гласање за (не)доверба на француската влада, премиерот Мишел Барние синоќа ги повика пратениците на одговорност „за да се избегне политички и буџетски хаос“, додека францускиот претседател Емануел Макрон рече дека не може да верува во сценариото за соборување на владата.

„Ситуацијата е тешка на буџетско ниво, на финансиско ниво и многу тешка на економско и социјално ниво“, рече Барние во Парламентот и додаде дека гласањето за недоверба на владата ќе ја отежне ситуацијата сериозно.

Варшава - На полската граница со руската енклава Калининград подигнат е ѕид од бетонски „змејски заби“, како дел од одбранбениот систем долг 800 километри, во кој Полска ќе инвестира најмалку 2,35 милијарди долари.

Одбранбениот систем, покрај бетонскиот ѕид „змејски заби“, кој ќе стигнува сè до границата со Украина, ќе содржи и системи за извидување и откривање закани, предни бази, логистички центри, магацини и систем за заштита од дронови.

Дамаск - Разорната 13-годишна граѓанска војна во Сирија е во голема мера до години беше потисната, но сепак - големата офанзива на милитантите во северозападна Сирија го оживеа конфликтот и ги привлече регионалните сили, како и Русија.

Од крајот на ноември, групата Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) и нејзините сојузници ја презедоа контролата врз поголемиот дел од Алепо - вториот по големина град во Сирија - и околните села.

Брисел - Поранешниот еврокомесар Дидие Рејндерс е под истрага поради сомнение за перење пари, објавија белгиските медиуми, повикувајќи се на соопштение на обвинителството. Домот на Реиндерс беше претресен вчера, два дена откако ја напушти Европската комисија.

Се наведува дека поранешниот еврокомесар бил сослушан во полиција, но не можел да биде приведен бидејќи бил под истрага за можни злосторства за време на неговите години во ЕК и во белгиската влада. Се појаснува дека во таква истрага треба да важи имунитетот што тој го имал тогаш.

Сеул - Премиерот на Јужна Кореја Хан Дак-Су вети дека ќе му служи на народот „до самиот крај“ по серијата оставки и се почестите повици претседателот да поднесе оставка.

- Како премиер кој го надгледува кабинетот, ја преземам целосната одговорност за сите настани што доведоа до овој момент, рече Хан во денешната изјава под наслов „Порака до народот“.

Токио - Вселенските сили на САД отворија одделение во воздухопловната база Јокота, западно Токио, со цел зајакнување на капацитетите за одбрана и одвраќање во Вселената.

На церемонијата на отворање на единицата во американската база, командантот на американските вселенски сили во Индо-пацифичкиот регион, Ентони Масталир истакна дека земјите како Северна Кореја, Русија и Кина ја загрозуваат стабилноста на регионот.

Остани поврзан