• среда, 08 мај 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

4 април 2024

Струмица - Утрово во 6 часот заврши дводневниот штрајк на грчките цариници и со тоа влегувањето во Грција преку трите премини Богородица-Евзони, Дојран-Дојрани и Меџитлија-Ники се одвива нормално.

Како што информираше началникот на Регионалниот центар за гранични работи Југ при МВР, Славчо Богев, сообраќајот и преминувањето на границата со јужниот сосед се одвива тековно.

Вчера и завчера во целосен прекин беше товарниот сообраќај на сите гранични премини, а повремено се пропуштаа патници на Богородица и Дојран. 

 

Скопје - Во Тетово вчера во 17:30 часот полициски службеници од СВР Тетово ги лишиле од слобода И.Б.(58) и В.Б.(25), двајцата од Тетово.

Како што денеска соопштија од МВР, при претрес во нивниот дом и помошни простории, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени неколку пакувања со хероин.

Лицата се задржани во полициска станица и по расчистување и документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.  

 

Скопје - Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (03.04.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот, во рамки на кои на територија на град Скопје изречени се вкупно 127 мерки.

Каско што соопшти МВР, меѓу санкции се пет за возење повеќе од дозволената брзина, девет за возење без возачка дозвола, шест санкции за минување на затворен сигнал - црвено светло, 29 мерки за прекршоци што ги чинат пешаците.

- Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта, стои во соопштението.

 

Тетово - Во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ утревечер ќе се игра претставата „Професионалец“ по текст на српскиот драмски писател Душан Ковачевиќ, а во режија на Саше Серафимовски. Режисерот подготви втора камерна верзија и изведба на овој текст, по првата претстава во јни 2023 година.

-Пролетна камерна изведба е втора верзија на овој драмски текст од Душан Ковачевиќ кој дозволува да се игра како, кога и каде сакате. Станува збор за безвременски текст кој нема временска рамка, може да го сместите во 80-тите или 90-ти години или сега. Тогашните проблеми, тогашните додворувачи на системот, постојат и денес. Тоа е еден од главните мотиви поради кои се работи „Професионалец“. Најчесто работеле работи кои не им биле работа, само да се додворуваат на постоечките политички номенклатури кои се на власт, информираше Саше Серафимовски на денешната прес-конференција.

Режисерот вели дека е изработена втора верзија со цел намена на играње на помали сцени низ Македонија, освен во Тетово одиме за Охрид, Куманово, Битола и Велес и во мај гостување во МНТ. 

Серфимоовски воедно ја толкува улогата на главниот лик Тодор Кралевски. Настапуваат и Раде Наумчевски, Маја Николовска и Драгољуб Апостолски-Ганда. Почетокот е закажан за во 20 часот. 

 

Скопје - Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски заедно со учениците од СОСУ „Илинден“ одиграа фудбалски натпревар на новото  мултифункционално игралиште во делот кај спортската сала „Гоце Делчев“ во населба Илинден, информираат од Општината. 

Новото мултифункционално игралиште кое е прво од ваков тип во Општина Илинден, се простира на површина од околу 1000 метри квадратни и наменето е за мал фудбал, кошарка, ракомет, одбојка, поставена е  заштитна ограда, поставено лед осветлување, клупи, корпи за отпадоци,  партерно уреден простор, со што се добива комплетно нов лик на овој спортски терен во Илинден. 

Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски кој направил увид на новоизградениот спортски терен истакнал дека со изградбата на мултифункционалното игралиште младите од Општина Илинден добиле спортски терен граден според високи стандарди, каде можат во спортски дух да го поминуваат слободното време. Тој додал дека во наредниот период овој спортски комплекс ќе добие атлетска патека и трибина. 

Како што додаваат од Општина Илинден, градоначалникот Георгиевски во консултација со семејството предложил овој спортски комплекс по неговоро финално завршување со останатите содржини да го носи името на прерано загинатиот бранител од Илинден, Драго Маневски кој го загуби животот во борбените дејствија во 2001 година. 

Остани поврзан