МИА Општински пул
- 28 март 2025

28 март 2025
Скопје - Како дел од „Програмата за спроведување на општи мерки за заштита на населението од заразни болести“ од 2025 година, извршена е редовна пролетна дератизација за уништување на глодари на 1073 шахти. А во тек е и спроведување на дезинфекција на јавни објекти на површина од 3300 м2, меѓу кои е општинската зграда, како и домовите на култура на Општина Илинден.
Во насока на спречување и сузбивање на заразни болести и инфекции, Општина Илинден и во наредниот период ќе продолжи со примена на сите потребни мерки за заштита на населението.
Велес - Во СВР Велес синоќа во 23:20 часот било пријавено дека во Општа болница Велес со тешки телесни повреди била донесена 49-годишната Ј.А. од Велес.
- Според пријавеното, жената се здобила со повредите при извршување работни задачи во фабрика во Велес, информира денеска портпаролот на СВР Велес Биљана Ѓаковска, која појасни дека бил известен трудов инспектор.
Тетово - Општина Тетово ги намалила долговите за девет милиони евра, односно од 24 милиони сега цифрата изнесува 15 милиони долг, информира градоначалникот на Тетово Биљал Касами на вчерашниот брифинг со новинарите.
Кога дојде на функцијата Касами ја обвини поранешната градоначалничка дека оставила долгови од 24 милиони евра.
Скопје - Општина Центар објави јавен повик за финансиска поддршка за проектот „Прослава на животот на Горан Стефановски“, што ќе се реализира на 27 април годинава во чест на роденденот на еден од најголемите македонски драматурзи.
- Горан Стефановски е еден од нашите најголеми културни творци и имаме обврска да го зачуваме неговото наследство, особено за помладите генерации. Овој проект е многу важен за Општина Центар и за македонската култура бидејќи преку организацијата на настанот „Горан е тука!“, покажуваме дека луѓето кои оставиле голем белег имаат само датум на раѓање и во една друга уметничка форма се секогаш присутни во нашето општество. Роденденот на Горан Стефановски, на 27 април, се одбележува од 2019 година, па така и овој април посветуваме внимание на легендата која потекнува токму од нашата општина, од срцето на Дебар Маало, истакна градоначалникот Горан Герасимовски.
Куманово - Наглите температурни разлики негативно влијаат врз здравјето на човекот, а според лекарите, засегнати се и хронично болните, но и работоспособните луѓе, децата, па дури и доенчињата, информираа денеска лекарите од кумановската општа болница.Температурните шокови поизразени се во пролет, отколку во есен, а повеќе ги чувствува женската популација, отколку мажите, изјави д-р Нора Господинова - Николовска, специјалист по интерни болести во општа болница Куманово.
Температурните разлики негативно влијаат врз кардиоваскуларниот систем, респираторниот ги влошуваат постоечките состојби како што е мигрената, а имаат влијание и врз менталното здравје. Температурните разлики во самиот ден и преку ноќта, преодот од зимско кон пролетно време предизивикуваат варијации во кардиоваскуларниот систем, што резултира со покачен крвен притисок.
Скопје - На вчерашната емисија „Клик плус“ на телевизија 21, гостуваше претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Oпштина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, кој истакна дека трагедијата не требаше да биде услов за започнување на вонредни инспекции, бидејќи редовните проверки се спроведуваат годишно. Тој увери дека јавните установи се безбедни, а на локациите со аномалии ќе следи итно постапување. Ѓорѓиевски исто така предложи законски измени кои ќе обезбедат редовни инспекции како обврска, најмалку еднаш или двапати годишно, наместо да зависат од индивидуалната одговорност на градоначалниците или инспекциите.
Ѓорѓиевски истакна дека трагедијата не требаше да биде услов за започнување на вонредни инспекции. Тој истакна дека редовните проверки се реализираат годишно, а во општина Кисела Вода сите потребни инспекции се спроведени согласно утврдената пракса.
Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, синоќа гостуваше во отворената хуманитарна програма „Канал 5 и Македонија за Кочани“, кадешто граѓаните можеа телефонски да донираат средства за настраданите сограѓани од пожарот во Кочани.
Во студиото на Канал 5 телевизија, Герасимовски порача дека во овие тешки денови мораме сите ние да бидеме заедно, сплотени и хумани, а политиката да ја тргнеме настрана. На прашање на новинарката дали општината има донирано, Герасимовски информираше дека Општина Центар донирала, но и тој самиот исто така ја донирал својата плата за настраданите.
Скопје - Поради изведување водоводен приклучок од ф „1” (цол) на ул. „Свети Прохор Пчински“ бб, прекинато водоснабдување ќе имаат дел од корисниците од оваа улица.
Како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“ прекинот во снабдувањето со вода ќе биде од 08:55 часот до завршување на работите.
Скопје - Во основното училиште „Киро Глигоров“ денеска ќе се одржи настан насловен „Ден на франкофонските култури“, чија цел е низ низа училишни активности на интерактивни штандови да се доближи културната разновидност на франкофонските земји до домашната публика.
Настанот го организираат Амбасадата на Франција, Францускиот институт во Скопје и Општина Центар во рамки на одбележувањето на Месецот на Франкофонијата.
Скопје - Без електрична енергија денеска од 09:00 до 14:00 часот, ќе останат корисниците од село Горно Нерези во оптина Карпош и Горни Крушопек во општина Сарај, соопшти Центарот за управување со кризи.
Струја од 09:00 до 15:00 часот, ќе немаат и корисниците од ул. „Призренска“ бр. 1, 2, 3, 6, 8, 9, 18, 22 и 53 во општина Бутел.