МИА Општински пул
- 1 април 2025

1 април 2025
Скопје - Денеска се одбележува 1 април – Денот на шегата. Ова не е национален празник, но насекаде во светот се прославува како ден кога многумина прават шеги и будалаштини.
Вообичено, на овој ден во земјава дефилираат најмладите маскирани во суперхерои, принцези, бубамари, пчелки, готвачи, лекарки, како и ликови од цртани филмови.
Скопје - Водата во Скопје е безбедна за пиење, покажуваат податоците од направените анализи на 200 примероци од 45 мерни места.
-Секторот за санитарна контрола во периодот од 24-ти до 28 март зема 200 примероци за физичко-хемиска и 200 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 45 мерни места во Градот Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, информираат од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје.
Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 24-ти до 30 март со помош на специјалните возила „Пајак“ отстраниле 116 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
Од ЈП ПОЦ и Општина Центар најавуваат дека континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка и апелираат до граѓаните да ги почитуваат правилата и прописите и да ги оставаат своите возила само на пропишаните места за да им се овозможи на пешаците и велосипедистите нормално движење по тротоарите и велосипедските патеки, а на возилата безбедно движење по улиците.
Гевгелија - Дуото „Гелебешеви“ вечер ќе одржи концерт на пијано во хотел „Аполонија“, во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.
Како што соопштија од Општината, на концертот ќе бидат изведени следните дела: Увертира кон операта „Поетот и селанецот“- Ф. Фон Супе, Увертира кон операта „Танхојзер“- Р. Вагнер, Увертира кон операта „Страчката грабливка“- Џ. Росини и 6 пиеси од С. Рахмањинов: „Баркарола“, „Скерцо“, „Руска тема“, „Валс“, „Романса“ и „Слава“.