МИА Општински пул
- МИА Општински пул

11 април 2025
Кочани - Амбасадата на Сојузна Република Германија во соработка со Доброволното противпожарно друштво – Кочани во текот на оваа година ќе реализира заеднички проект за справување со последиците од катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“.
Во рамки на иницијативата на потпишани се договори за донации како дел од Фондот за мали проекти на Амбасадата, а партнери во спроведување на проектот се македонската Комора на психолози, ДПД и ТППЕ - Кочани и македонскиот Црвен крст. На потпишувањето на договорите присуствуваше и претставник од македонското Биро за развој на образованието.
Проектот ќе се спроведе во две фази, односно до крајот на оваа учебна ќе се организираат психолошки обуки за наставниот и друг кадар во основните и средните училишта, како и за воспитувачите во градинките во Кочани. Во втората фаза, стручни лица заедно со пожарникарите од Доброволното противпожарно друштво и од Територијалната противпожарна единица – Кочани ќе спроведат практични обуки за укажување прва помош, превенција и заштита од пожари за учениците.
Како дел од проектот е предвидено Комората на психолози да обезбеди обука и психолошка помош за пожарникарите од Кочани.
Струга - Трудовата инспекција ја затвори спортската сала „Нико Нестор“, која ја користат дел од учениците на истоименото училиште, но и спортски клубови од Струга, поради опасност по безбедноста и здравјето при работа на вработените, соопшти за МИА Државниот инспекторат за труд.
Според информацијата, по допрен глас, државен инспектор за труд од Одделение за безбедност и здравје при работа од тој регион, на 4. овој месец извршил вонреден инспециски надзор во објектот.
- При извршениот инспекциски надзор се констатирани неправилности од кои се утврди дека постои непосредна опасност по безбедноста и здравјето при работа на вработените во средното општинско училиште „Нико Нестор“, кои работните задачи ги извршуваат во спортаката сала, па согласно член 49 став 2 од Законот за безбедност и здравје при работа издаде решение забрана за корисење на салата „Нико Нестор“ за вршење работни задачи спроведување настава спорт и спортски активност, со рок до отстранување на неправилностите, стои во соопштението на Инспекторатот.
Куманово - Општина Куманово ќе аплицира за санација на мостот на река Пчиња, соопштија денеска од секторот за комунални дејности. Тој е еден од единаесетте проекти со кои општината планира да аплицира на вториот повик на Владата за инфраструктурно уредување.
Мостот на река Пчиња е еден од мостовите во исклучително лоша состојба, за која со години алармираа жителите на Пчиња, стравувајќи дека ќе останат отсечени од Куманово.
Претходните години и Центарот за управување со кризи, алармираше за сериозното оштетување на столбот на мостот. Општина Куманово ангажираше и експерт од Институтот за сеизмички градби и климатски промени. Мостот е траса од регионално значење и го поврзува Куманово со соседната Општина Петровец.
Тетово - Средното медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово доби три спортски терени, фудбалско игралиште со вештачка треба, игралиште за кошарка и игралиште за одбојка. Овие спортски објекти денеска на свечен начин беа пуштени во употреба од министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.
Тие заеднички ја потенцираа досегашната добра соработка која, како што нагласија, резултираше не само со изградба на овие три спортски терени, туку и на уште неколку слични објекти во изминатиот период.
- Она што е важно да се напомене е одличната соработка помеѓу Министерството за спорт и Општина Тетово и градоначалникот Билал Касами, затоа што нашата инвестиција и изградба на овие мултифункционални игралишта немаше да биде возможна без брзата реакција на Општината во издавање на сите потребни дозволи. Многу е важно сите ние да градиме едно општество во кое преку спортот, преку инвестирањето во младите, ќе градиме една поздрава нација која треба да биде иднината на оваа држава. Оваа инвестиција изнесува околу 6 милиони денари, при што се изградени се: едно фудбалско игралиште со вештачка трева, едно мултифункционално игралиште и едно игралиште за одбојка, изјави министерот Ристовски.
И градоначалникот Касами имаше пофални зборови за соработката на Општина Тетово со Министерството за спорт.
Тетово - Влен денеска има состанок на кој треба да се дефинираат дилемите како коалицијата ќе настапи на локалните избори
Биљал Касами, претседател на Беса, изјави дека на денешниот состанок на коалицијата Влен ќе се утврди како таа ќе настапи на престојните локални избори. Касами е убеден дека Влен на изборите ќе настапи заедно.
-Продолжуваат редовните комуникации во рамките на коалицијата Влен, а денеска го имаме следниот состанок каде ќе се продолжи да се разговара во однос на излегувањето на локалните избори. Јавноста веќе е запознаена дека има неколку опции, но како и да е се надевам дека денеска ќе биде последниот ден, односно последен состанок, каде ќе се дефинираат овие дилеми во рамките на дебатата за локалните избори. Јас сум убеден дека Влен и на локалните избори ќе оди заедно и тоа што го покажавме на парламентарните избори ќе го покажеме и на локалните избори и конечно ќе успеваме да ги добиваме и општините и да ги водиме успешно како што ние сме убедени дека ја водиме политиката во рамките на владината коалиција но исто така и во рамките на општините каде што и досега се води од коалицијата, изјави Касами.
Куманово - Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“ - Куманово од идната недела ќе почне со обележување на хоризонталната сигнализација, соопштија денеска надлежните од претпријатието. Оттаму велат дека поради временските услови го одложиле обележувањето.
Кумановци реагираат дека е избледена бојата на пешачките премини, несовесни возачи воопшто не ги почитуваат и не ги пропуштаат пешаците.
- Имаме специјализирана екипа за таа работа, која се обучува, имаме и специјализирана машина според сите параметри, станува збор за одлично обележување. Наидуваме на извесен проблем со бојата која ја набавуваме, минатата година по тендерска постапка набавивме солидна боја, самата има многу краток век, односно избледува. Оваа година сме во план и веќе сме во постапка на еден посебен тип на обележување, ќе видиме дали ќе го спроведеме, на принцип на пластика, за таа работа ќе го обучуваме тимот и ќе продолжиме да обележување поквалитетно, изјави директор на ЈП „Чистота и зеленило“, Ненад Стојановски,
При редовното обележување на пешачките премини приоритет секогаш се улиците во близина на училиштата и градинките. Претпријатието има делегирана надлежности по програма на општина Куманово.
Штип – Надминати се административните пречки и наредните денови се очекува да се почне со поставување на конструкцијата на спортско-рекреативниот центар „Џексон“, информираше денеска градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.
Изградбата на овој спортски комплекс, кој се наоѓа во централното градско подрачје почна да се гради пред десет месеци, а средствата се обезбедени од државниот буџет. Во спортскиот центар „Џексон“ ќе се обезбедат услови за организирање на спортски натпревари според ФИБА стандарди, ќе биде мултифункционлен и од големо значење за градот.
-Имавме одредени административни пречки, измени во тек на градба со цел да се подобри првично планираниот проект и од аспект на капацитетност и од аспект на содржина. Овие административни пречки веќе се надминати и веќе е започнато со продолжување на активностите. Очекувам следните недели да се почне со поставување на конструкцијата на спортскиот објект, спортски храм кој ќе има капацитет од илјада посетители и во кој ќе се одвиват неколку спортски дисциплини, рече Јорданов.
Тој додаде дека спортско рекреативниот центар „Џексон“ се очекува да биде готов до крајот на годината.
-Динамиката за изградба на Џексон е предвидено да биде во 2025 година и верувам дека до крајот на годината, најголем дел од предвидени градежни активности ќе бидат завршени, вели Јорданов. Спортско ректративниот центар „Џексон“ ќе добие и нови трибини, соблекувални и тоалети.
Неготино - Жител на Пепелиште е осомничен за пукање со пушка во животни, информираат денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.
Како што појаснуваат, вчера во 17:30 часот во ОВР - Неготино бил извршен службен разговор со З.Р., на возраст од 50 години од неготинското село Пепелиште, постапувајќи по претходна пријава дека подолг временски период, од дворот на неговиот дом пукал со воздушна пушка во животни, а последен пат на 9 април.
Пушката била одземена и известен бил јавен обвинител. По документирање на настанот, како што истакнуваат од СВР - Велес, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Штип – Околу стотина ученици од основните и средните училишта во Штип денеска се натпреваруваат во спортски дисциплини. Манифестацијата „Пролетни денови на училишниот спорт“ ја организираат Општина Штип и Сојузот на училишен спорт. Целта на манофестацијата, како што рече претседателот на Сојузот на училишен спорт, Зоран Арсов е да се промовира важноста на училишниот спорт, како и физичката активност кај младите.
-Учениците од основните училишта во рамките на манифестацијата „Пролетни денови на училишен спорт“ ќе се натпреваруваат во одбојка за девојчиња, додека средните училишта ќе се натпреваруваат во футсал. Морам да истакнам дека оваа година вклучуваме над сто ученици, кои ќе се натпреваруваат во овие дисциплини, рече Арсов.
Директорката на Средното општинско училиште (СОУ) „Коле Нехтенин“, Јованка Шалева истакна дека оваа година се домаќини на манифестацијата „Пролетни денови на училишниот спорт“. Таа посочи дека спортот воспитува, дисциплинира, а како училиште ги мотивираат своите ученици да учествуваат во спортски активности.
Неготино - Измамен за посредување работа во странство, жител на неготинско село бил оштетен за 77.461 денари, информираат денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.
- Вчера во 12 часот во ОВР - Неготино, 39 - годишник од неготинско село пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 77.461 денари. Според пријавеното, тој стапил во контакт со лицето преку група на социјална мрежа за посредување за работа во странство, по што разговарале и телефонски и му ветило дека ќе му обезбеди работа во странство, појаснуваат од СВР - Велес.
Како што било пријавено, од февруари до пријавувањето, во неколку наврати ги уплаќал парите преку банка, но, досега немало резултат и сфатил дека бил измамен.
Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
Дебар - Во хидроелектраната „Шпилје“ кај Дебар, која е значаен електроенергетски капацитет, во периодот јануари-март произведени се 48.971.000 киловат часови електрична енергија, што претставува остварување на годишниот план за околу 19 отсто.
- Просечен дотек во изминатите денови од овој месец од локален слив е околу 41 кубни метри во секунда. Моментната кота на акумулацијата на Дебарско Езеро е 568,45 метри, што претставува резерва во акумулацијата за производство на 14.920.000 киловат часови, потврдија за МИА од ЕСМ.
Додадоа дека врнежите во последните три недели поволно влијаеа на зголемување на водостојот, со што се придонесе за покачување на котата на Дебарско Езеро за цели 5 метри.
Минатата година вкупното производство изнесувало е 233.045.000 киловат часови што претставува 87 отсто реализација на годишниот план.
Хидроелектраната „Шпилје“, која заедно со ХЕ „Глобочица“ го сочинуваат хидроенергетскиот систем (ХЕС) „Црн Дрим“ во ноември минатата година одбележа 55 години од нејзиното ставање во функција, од кога во електроенергетскиот систем испорачала 14.799,19 гигаватчасови електрична енергија.
Средното годишно производство е 275 милиони квч а максимално годишно производство е забележано во 2010 година, кога беа произведени 519 милиони квч.
Битола - Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски, денеска ги посети ракометарките на сениорската женска ракометна селекција на Македонија, кои утре во 18 часот ќе го одиграат реванш натпреварот од баражот за пласман на светско првенство против Полска.
На куса средба со македонските ракометарки, Коњановски, посака голем успех на ракометарките и селекторот на репрезентацијата, победа и пласман на светското првенство што ќе се одржи во Холандија и Германија.
-Голема чест за градот е тоа што Битола е домаќин на еден ваков значаен натпревар. Битолската публика која го познава ракометот ќе даде целосна поддршка за успех и победа, истакна Коњановски.
Цената на влезниците е 100 денари, а собраните средства од продажбата на влезниците ќе бидат донирани за настраданите во Кочани.
Демир Хисар - Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, в недела во Демир Хисар ќе се одржи осмиот по ред национален фолклорен фестивал „Велигденски фолклорни средби“.
На плоштадот „8-ми Септември“, в недела напладне ќе настапат културно уметничките друштва „Илинден“-Демир Хисар, „Рацин“-Кичево“, „Копачка“-Делчево, „Мирка Гинова“-Демир Капија, „7-ми Септември“-Македонски Брод, „Брвеница“-Брвеница и битолските КУД „Илинден“ и „Гоце Делчев“.
Фестивалот е во организација на Домот на културата „Илинден” и под покровителство на градоначалникот на Општина Демир Хисар.
„Велигденски фолклорни средби“ се проект од национален интерес во културата за 2025 година, соопштија од тамошната локална самоуправа.
Скопје - Овластен градежен инспектор од Општина Ѓорче Петров извршил вонреден инспекциски надзор и увид на лице-место на локацијата каде вчера при бетонирање на платно кое е дел од вертикална комуникација на источна страна од градилиште (на самата меѓа со сосед станбена зграда на ул.„Партизански одреди“ бр.165) пробиен е дел од фасаден ѕид на соседна зграда, соопштија денеска од Општина Ѓорче Петров.
-Констатирани се неправилности, изготвен е Записник од извршен инспекциски надзор и донесено е Решение со кое на инвеститорите им се наредува веднаш да ја прекинат натамошната изградба на објектот од втора категорија со намена А2 – колективна станбена зграда на улица „Партизански Одреди“ бр.бб, во рок од пет дена да го вратат во првобитна состојба фасадниот ѕид на соседниот објект и веднаш да ја обезбедат сигурноста на околната градба, се наведува во соопштението.
Скопје - И покрај изречени повеќе опомени и напишани повеќе казни од општинската комунална инспекција, градежната компанија Спектар Термо која работи на изградба на објект на улицата „Драгутин Аврамовски Гуте“ бр.25 во Влае и натаму продолжува со своето несоодветно однесување, поради што градилиштето денеска го посети градоначалникот Стевчо Јакимовски.
На лице место беше повикана и сообраќајна полиција, а по извршениот увид, донесена е одлука да се затвори градилиштето заради попречување на сообраќајот, несоодветно однесување на градежната компанија, уништување на општински имот и загрозување на безбедноста на граѓаните.