• четврток, 14 ноември 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  7 октомври 2024 

 

Берово - Со инвестиција од вкупно 3,7 милиони евра, Царинската управа ќе работи на воспоставување на нов граничен премин Струмјани-Берово (Клепало). За овој проект се обезбедени 3,1 милиони евра грант од ИПА 3 Програмата на ЕУ за прекугранична соработка со Бугарија, а 551.548 евра се национално ко-финансирање. Денеска во Берово, се одржа настан за одбележување на почетокот на проектот за воспоставување на новиот граничен премин, на којшто се обратија  директорот на Царинска управа Бобан Николовски, министерот за локална самоуправа Златко Перински и  директорот на Заедничкиот секретаријат на Програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија, Тони Јакимовски. 

Министерот Перински вели дека програмата и покрај континуираните политички спорови меѓу Бугарија и Македонија, испраќа позитивна порака до сите засегнати дека регионалната соработка и добрососедските односи можат да придонесат за раст и просперитет на пограничниот регион со што ќе се овозможи поквалитетен живот на граѓаните, што во суштина е и целта на ИПА програмата, финансирана од Европската Унија.

-Отпочнувањето на овој долгогодишен очекуван стратешки проект е од големо значење по многу основи како за нашата земја, така и за целиот пограничен регион. Отворањето на преминот Клепало ќе има значителна корист за регионалната поврзаност, ќе ја подобри и олесни комуникацијата помеѓу двете земји и ќе овозможи директен пристап до автопатот Струма во Бугарија, кој е важен дел од трансевропската транспортна мрежа. Користењето на овој граничен пункт освен што ќе заштеди време, ќе значи и олеснување на сообраќајот на луѓе и стоки меѓу двете земји и ќе создаде услови за економски развој во Малешевскиот крај кој ги поседува сите потенцијали за развој на туризмот. Ова е само уште еден проект кој се финансира преку ИПА програмата, финансирана од Европската Унија, чија имплементација ќе придонесе за зајакнување на прекуграничната соработка, а во интерес на граѓаните, потенцира Перински.

Директорот на Царинска управа, Бобан Николовски истакна дека  воспоставувањето на преминот Клепало како и реконструкцијата и надградбата на граничниот премин Деве Баир испраќаат силна порака дека Македонија е силно посветена на процесот за пристапување во ЕУ, при што ќе се инвестира во подобрување на граничното управување на сите премини. 

Денешниот настан, како што вели, е јасен доказ за нашата посветеност во процесот на пристапување во ЕУ, при што воспоставувањето на преминот Струмјани - Берово е еден од стратешките проекти.

Николовски, исто така, рече дека со овој проект се очекува подобрување на регионалната поврзаност, зголемување на протокот на луѓе, унапредување на економските односи и зајакнување на трговските врски. 

- Нашата цел е побрз пристап во единствениот пазар на ЕУ. Овој проект, проектот за реконструкција на Деве Баир, проектот за видео надзор, автоматизацијата на терминалите, јасно ја покажуваат нашата посветеност во остварување на стратешките приоритети за економска трансформација, безбедност на државата и жестока борба со криминалот, вели Николовски.

Директорот на Заедничкиот секретаријат на Програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија Тони Јакимовски вели дека создавањето на нов Граничен премин Струмјани – Берово (Клепало) претставува важен чекор во зајакнувањето на прекуграничната соработка меѓу двете соседни земји. 

-Ваквите проекти претставуваат одраз на нашата заедничка визија за одржлив и интегриран регионален развој. Програмата Интеррег е создадена со цел да поттикнува прекугранична соработка и да ја поддржува интеграцијата на региони преку конкретни проекти кои носат долгорочни придобивки. Изградбата на новиот граничен премин Струмјани – Берово е одличен пример за оваа цел, овозможувајќи поголема мобилност на луѓето и стоки, зајакнување на економиите и подобрување на инфраструктурата од двете страни на границата, вели тој.

Вкупната инвестиција за воспоставување на граничниот премин изнесува 11,1милион евра, при што 7,7 милиони евра се грант преку ИПА 3 Програмата за прекугранична соработка на ЕУ, а преостанатите средства се национално ко-финансирање од страна на Македонија и Бугарија.

Виница – Советот на Меѓународниот фестивал на хумор и сатира „Ин Виница веритас“ ја објави програмата за овогодишното издание, што како проект од културата од национален интерес ќе се одржи од 18 до 24 октомври во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница.

Традиционално, отворањето ќе биде со изложбата на карикатури што пристигнаа на меѓународниот конкурс на тема „Кој прв започна“, а трите најдобри ќе добијат награди од стручната жири комисија.

- На конкурсот за карикатура пристигнаа над 420 творби од 170 карикатуристи од 43 држави во светот. Светски познатиот карикатурист Дамир Новак од Хрватска, кој е и претседател на жири комисијата, беше во работна посета кај нас и веќе ја направи селекцијата од 50 најдобри карикатури. Заклучокот е дека има голем број квалитетни дела и жирито ќе биде пред тешка задача да ги определи најдобрите тројца автори, чии имиња ќе бидат соопштени на отворањето на Фестивалот на 18 октомври од 19 часот, истакна Благица Стојановска, директорка на Домот на културата „Тошо Арсов“.

На отворањето на фестивалот ќе биде предадена во употреба реновираната Сина сала во Домот на културата во Виница, а потоа настап ќе има актерот Сашко Коцев со стендап комедијата „Широк дијафазон“.

Во рамки на „Ин Виница веритас“ на 19 октомври ќе се одржи традиционалната „Вечер на македонскиот афоризам“ и ќе биде отворена и изложбата на плакати на фестивалот „10 години Imposter“. Во драмската програма во наредните два дена ќе гостуваат аматерскиот театар „Мирка Гинова“ од Демир Капија со преставата „Ти спиеш, тебе ти се спие“ и Народниот театар „Трајко Прокопиев“ од Куманово со комедијата „Љубовна терапија“.

Програмата на фестивалот ќе биде затворена со едукативни часови за епиграм со средношколците од Виница под менторство на Миле Ѓорѓијоски, во чии рамки ќе биде промовирана книгата „Палави епиграмчиња“ и изложбата на илустрирани епиграмчиња од Софија Ситновска.

Фестивалот „Ин Виница веритас“ и годинава ќе се одржи со финансиска поддршка од Министерството за култура, а под покровителство на Општина Виница и локалниот бизнис сектор. 

Куманово - Претставници од општина Куманово, жители на населеното место „Стари Лозја“, претставници од „Хабитат“ и од „Ромалитко“ учествуваа на денешната трета средба за изработка на нов детален урбанистички план во населбата.

Планот ќе опфати 36 хектари од кои Хабитат финансира 21, а шеснаесет хектари ќе финансира „Ромалитико“

- Во партнерство со општина Куманово, Хабитат и Ромалитико работиме на ДУП за оваа населба. Утврдените се стратешките проблеми на кои ќе работиме, утврдени се приоритетите за стратешкиот документ, едната за самиот ДУП, проблемите со кои се соочуваат граѓаните за асфалтирање улици, изградба на подземна инфраструктура, осветлување, зеленило, паркови, изјави Ахмет Јашаровски од секторот за локален економски развој, од општина Куманово.

Драфт верзијата ќе ги опфати и предлозите на жителите. Советот ќе треба да го усвои и да стане дел од годишната програма на општината.

Заменик-директорот на програмата од Хабитат, Лилјана Алчева, изјави дека проектот е дел од светската кампања на Хабитат која се однесува на подобрување на состојбите во домувањето во светот и е наречена „Домот е еднаквост“.

- Чест ни е што сме тука на состанок со локалната лидерска група, ова е значаен ден бидејќи имаме конкретен резултат од нашето заедничко осумнаесетмесечно работење, тоа е тригодишниот акционен план за подобрување на домувањето. Нацрт планот мора да се разгледа за да се стигне навреме за подготовка на годишните програми и буџетот на општина Куманово. Жителите ги одредуваат приоритетите кои треба да бидат вметнати во програмите за долгорочен развој на општината која и самата посветува доволно внимание на развој на таканаречените неформални населби, изјави Алчева.

Хабитат со години соработува со општина Куманово во делот на домувањето и подобрувањето на домувањето.

„Старо Лозја“ имаат постоечки детален урбанистички план, но тој не се совпаѓа со моменталните потреби на населението. Новиот ДУП ќе даде можност за поголем развој на населбата неспоредно до градот и можност за изработка на подземна и надземна инфраструктура. Урбаниот развој подразбира удобности и услови кои им овозможуваат поефикасен пристап до здравствени, образовни установи, за остварување на економски интереси, со добра инфраструктура тротоари, пат, квалитетно делување.

Куманово - Куманово, денеска беше домаќин на трката за мир, глобална штафетна трка. Ученици и спортисти ја проследија манифестацијата која промовира мир, единство, пријателство и разбирање на градскиот плоштад. Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски рече дека на светот му е потребен мир.

- Во овие моменти мирот е најпотребен во целиот свет. Токму од овде од наше мултиетничко, солидарно Куманово праќаме порака до сите, сите да дадеме придонес за мирот во светот, бидејќи и Куманово е еден од градовите член на Асоцијацијата градови носители на порака на мирот. Факелот нека продолжи да кружи низ светот со порака идните генерации да живеат во слога и мир, рече Димитриевски.

Составена е од интернационален тим маратонци-волонтери, трката има за цел да промовира меѓународен мир,. Учесниците поминуваат низ скоро сите држави во светот поврзувајќи ги луѓето од различните континенти, држави.

Националниот координатор на трката за мир, Тодорка Петровска посочи дека трката е на меѓународно ниво и нема натпреварувачки карактер.

-Моментално ја трчаме европската рута, поминуваме низ европските земји, трката траеше шест месеци. и наскоро ќе заврши во Унгарија. Имаме околу дваесетина тркачи, интернационлентим Нов Зеланд, Мексико, Латвија, Украина, … Во Куманово се вративме после десет години. Лично учествував на трка во Северна Америка, кажа Петровска.

Од основањето во 1987 година, „Трката за Мир“ патува преку повеќе од 150 нации. Во Европа, се одржува секои две години, посетува 49 земји и поминува 24.000 км. Во земјава се одржува од 1991 година. Во координација со Европската рута, Трката за Мир настојува да помине низ што повеќе општини, да поврзе што повеќе градови и факелот да стигне до што повеќе луѓе кои ќе ја пренесат својата порака за мир.

Крива Паланка - Со свечена седница на Советот на Општина Крива Паланка започна одбележувањето на Денот на ослободување на градот, 8 Октомври и прославата на јубилејот „80 години слободна Крива Паланка".

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, во својот говор се осврна на развојот на градот низ историјата, реализираните проекти, инвестициите и резултатите од сите области, потенцирајќи  дека работата за градот е негова најголема обврска, израз на привзраност и посветеност на секоја нова иницијатива, секој проект и нова идеја.

-Местото што го нарекуваме наш дом, нашиот град, нѐ инспирира и обврзува да создаваме, а љубовта и почитта се вредности што ќе не водат по тој пат. Градот е велат силен, толку колку што се силни неговите граѓани, затоа ајде сите заедно да работиме и да градиме мостови кои не поврзуваат и сплотуваат, а не бедеми кои не разделуваат, порача Митовски.

На свечената седница, градоначалникот Сашко Митовски и градоначалникот на Врање, Република Србија, Слободан Миленковиќ потпишаа меморандум за соработка помеѓу градовите, а беше потпишана и иницијатива за воспоставување соработка помеѓу Крива Паланка и град Бузет Република Хрватска, со цел развој на меѓусебни економски, културни и други општествени врски, во насока на поттикнување и развој на локалните заедници.

Советот ја усвои одлуката за доделување на највисоката награда на градот „8 Октомври“ и за доделување признание за промоција и развој на Општина Крива Паланка за 2024 година.

Денот на ослободувањето на Крива Паланка се одбележува со богата дводневна агенда и повеќе свечености, на кои ќе присуствуваат голем број гости од општината, од соседните и од збратимените градови од другите држави.

Денеска официјално ќе биде пуштен во употреба реконструираниот мост на Крива Река, т.н. "Виолетов мост", вечерва во НУЦК Крива Паланка ќе се одржи концерт "Најубавите песни од Тоше Проески" на НУ Камерен оркестар на Битола.

Утре ќе биде положено цвеќе на споменикот на борците од НОБ пред зградата на локалната самоуправа, по што ќе се одржи свечена академија, доделување на општинските награди и „Шопска софра".

Крива Паланка - Сите ученици од основните и средното општинско училиште од Крива Паланка, од денеска имаат бесплатни училишни униформи, обезбедени со буџетски средства од училиштата.

Вкупно 1860 ученици добија по два комплети униформи, маици и дуксери, што ја прави Крива Паланка единствена општина што обезбедува бесплатни училишни униформи за сите ученици на подрачјето на општината.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, денес лично им подели опрема на средношколците, каде се опремени 580 ученици од сите образовни години, додека двете основни училишта организираа и пригодна програма на која официјално беа промовирани униформите.

- Мерката е осмислена и донесена за директно да влијае врз домашниот семеен буџет, да не се прават дополнителни трошоци во семејствата, но пораката што сакаме да ја испратиме е дека дечињата не треба да се делат по ниту една основа, да нема разлики, поделби меѓу учениците. Во училишните клупи сите се подеднакво исти, а она што ве разликува нека бидат знаењата и вештините што секојдневно ќе ги понесете со вас оттука, од училиштето, од вашите наставници, им порача градоначалникот Митовски на учениците.

Униформите беа доставени и во знак на одбележување на Светската недела на детето, како и во чест на Денот на наставникот, 5 октомври, а настаните во училиштата се одржаа во пресрет на Денот на ослободувањето на градот, 8 Октомври и одбележувањето на значајниот јубилеј, 80 години слободна Крива Паланка, 

- Упатуваме порака дека ги уважуваме сите подеднакво: и учениците, но и наставниците, како учители за животот кои ги отвораат прозорците на иднината и несебично на секое дете му ја откриваат тајната за справување со идните предизвици што ги носи животот, додаде Митовски. 

Скопје - Во рамки на основното училиште „Јан Амос Коменски“ во скопски Карпош, од оваа недела започнува со работа Канцеларијата за родителство која воедно е првата установа од овој тип во нашата земја. Станува збор за Канцеларија која ќе работи еднаш неделно (секоја среда) од 17 до 19 часот, и истата ќе биде достапна за родителите чиишто деца (од 6 до 10 годишна возраст) учат во основните училишта во Карпош. Имено, Канцеларијата ќе нуди поддршка за родителите преку индивидуални средби во вид на психолошко советување, како и поддршка и третман на деца и родители. Овие средби ќе бидат реализирани со ангажирање на стручни семејни советници од Експертскиот центар за родителски вештини - „Алтернатива“.

Канцеларијата за родителство е дел од проектот „Советувалиште за родители при Општина Карпош“ кој го реализира Експертскиот центар за родителство – „Алтернатива“, а истиот е дел од годишната Програма на локалната самоуправа за еднакви можности меѓу жените и мажите за 2024 година. За оваа намена Општината издвои 300.000 денари од својот буџет за оваа година со единствена цел, да даде сериозна поддршка и помош на родителите во совладување и унапредување на родителските вештини.

На денешното свечено отворање присуствуваше и градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода ја истакна важноста од функционирањето на оваа Канцеларија.

- Ми претставува особено задоволство фактот што токму во Карпош се отвора првата Канцеларија за родителство, чија основна цел е да понуди конкретни услуги за зајакнување на родителските вештини. Согласно издвоените финансиски средства од страна на Општината, Канцеларијата за родителство ќе работи до крајот на учебната 2024-2025 година. Меѓутоа нашите заложби се да издвоиме доволно финансиски средства и за наредните години, за да може да ја направиме Канцеларијата одржлива и постојана и да имаме континуитет во поддршката на родителството за сите наши сограѓани“ – посочи Јакимовски.

Хронолошки следено, проектот се одвиваше во три фази при што во првата се организираа обуки за стручните служби од сите 10 основни училишта. Во таа насока, лицата кои посетуваа обуки се стекнаа со сертификати за фасилитатори за родителски вештини на родители на деца од 6 до 10 години. Во втората фаза, беа одржани трибини за родителите од основните училишта на кои се дискутираше околу ставовите, практиките и предизвиците на родителите со деца од погореспоменатата возрасна група. Во третата фаза се отвора Канцеларијата за родителство која непосредно ќе работи со индивидуални семејства нудејќи им совети во однос на справување со сите проблеми и предизвици со кои се соочуваат тие.

Инаку, работата на Експертскиот Центар е поддржана од Обединетите Нации, од Глобалната иницијатива за поддршка на родители (GISP), вклучувајќи ги СЗО и УНИЦЕФ,  како и од  Родителство на целоживотно здравје (PLH), и од Глобалното партнерство за ставање крај на насилството врз децата (EVAC) .

Оттука, Општина Карпош со целосната реализација на овој проект се наметнува како пионер во оваа иницијатива која ги вклучува образовните институции, родителите и основците. Конечниот исход треба да резултира со поефикасна превенција на насилството врз децата од секаков вид, но и со создавање на психолошко здрави и стабилни личности. 

Скопје - ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје известува дека денеска, од 13:15 часот, без вода се корисниците од улица „Радишанска“.

Водоснабдувањето е прекинато поради дефект на улична цевка од ф 250мм на ул. „Радишанска“ бб.

Корисниците ќе останат без вода до завршување на интервенцијата.

Штип - Во тек е уредување на паркинг простор меѓу станбените згради на улицата „Широк дол“ во штипската населба Автокоманда. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека просторот се уредува на барање на граѓаните, а во моментов се поставуваат павер елементи, по што ќе биде осветлен  просторот и ќе се постави сигнализација. Тој најави дека во наредниот период ќе се уредат и влезовите на уште две станбени згради.

-Морам да повторам дека населбата Автокоманда ќе биде заокружена и со тоа што веќе се навлезени и екипите на ЈП „Исар“ за промена на водоводната линија на улица „ 4 јули“, штом се заврши промената на водоводната линија на оваа улица којашто е во рамки на населбата ќе се асфалтира истата улица и она коешто ќе ни остане како не направено и нешто коешто во иднина ќе се работи е улицата „Цвета Јованова“, која што ќе остане за во наредниот период, вели Јорданов.

Прашан за изградбата на новиот мега парк меѓу штипските населби Осми Ноември и Баби, Јорданов вели дека во текот на наредните недели ќе се распише тендер за прибирање на понуди за изградба на овој мега парк. Тој посочи дека паркот  „Иднина“ ќе има огромна површина, со зеленило, дрвја, места за одмор и релаксација, сето тоа распространето на 70.000 м2.

-Паркот ќе биде во непосредна близина на река Бергалница, од која природно ќе се создава водена површина во вид на езеро со големина од 5.600 м2. Ова ќе биде ново урбано место за нас и за идните генерации, споменик на природата, место каде ќе ја создаваме иднината и ќе креираме спомени, вели Јорданов.

Битола - Организацијата на потрошувачите на потрошувачите на Македонија (ОПМ) во Битола денеска ги презентира активностите на ОПМ овозможени преку проектот „Јакнење на правата на потрошувачите во финансиските услуги“ финансиран од страна на Европската унија, преку Европската Организација за заштита на потрошувачите - BEUC.

ОПМ како овластено тело за заштита на колективните интереси на потрошувачите работи широко, особено кога и масовно оштетување на правата на потрошувачите од трговците, посочи Маријана Лончар Велкова, претседателка на ОПМ.

-Чекаме да се донесе Законот за парнична постапка со кој се предвидува колективна тужба и таа е значајна за потрошувачите, но на некој начин и заштита на бизнис секторот бидејќи ако има масовни тужби против одреден оператор или трговец, тогаш тој ќе биде прекумерно оштетен, а судот затрупан со предмети и затоа оваа колективна тужба за заштита на потрошувачи е битна. Ние очекуваме законите што поскоро да се донесат, посочи истакна Лончар Велкова.

На средбата во Битола се разговараше и за алатки кои сет на располагање при заштита на колективни интереси со фокус на дигиталната алатка „Пријави проблем за финансиски услуги“.

-Нашите потрошувачи години наназаед имаат проблеми со финансиските услуги и во таа смисла добро е што во рамки на овој проект ќе се направи дигитална алатка за директно пријавување на проблемите на потрошувачите до ОПМ, истакна Снежана Димитровска, претседателка на Организација на потрошувачите на Битола.

На работилницата во Битола учествуваа Здруженија на граѓани кои се занимаваат со еколошки проблеми, социјална грижа, дискриминација, Здружение на пензионери , Здруженија за заштита на жени, Здруженија за заштита на работнички права и претставници на инспекциските органи.

Скопје - Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес ја посети изложбата на изработки подготвени од децата со церебрална парализа, по повод одбележување на Светскиот ден на лицата со церебрална парализа. Поставена е  во Домот на култура “Билјана Беличанец”, каде овие дечиња се дружеа со градоначалникот и останатите посетители.

-Секогаш тука за моите најдраги пријателчиња! По повод Светскиот ден на лицата со церебрална парализа, денес се одржа изложба подготвена од вредните рачиња на овие мои најдобри другарчиња. Темата на која твореа е Македонија, а тука беше претставено целото наше културолошко непроценливо наследство и традиција кои се дел од нашата историја, корени и нашата иднина гледана преку очите на лицата и децата со церебрална парализа. Овој ден е само уште еден повод да се сретнеме и да си го разубавиме секојдневието, бидејќи нашите дружби се доста чести. Следејќи ги нивните потреби, им отворивме клуб како соодветен простор за игра и дружење, кој е целосно финансиран од мене и мојот тим. Внимаваме на нивната социјализација, на нивната инклузија и како човек и градоначалник секогаш ќе бидам тука за нив. Сите заслужуваат еднаква шанса. Ви благодарам за денешниот ден и прекрасните подароци-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Остани поврзан