• понеделник, 07 октомври 2024
МИА Радио флеш

7 октомври 2024

Скопје - Премиерот на Република Србија Милош Вучевиќ денеска, со владина делегација, ќе ја посети земјава. Вучевиќ ќе биде пречекан од премиерот Хриситијан Мицкоски.  

Како што информира владината прес-служба, во рамки на посетата ќе се одржи тет-а-тет средба меѓу претседателите на владите од двете земји, а потоа и пленарна средба меѓу двете делегации, по што ќе следи потпишување меморандум за соработка меѓу македонското Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и српското Министерство за рударство и енергетика. Предвидена е и заедничка прес конференција на Мицкоски и Вучевиќ.

Брисел - Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи ги санкционира сите утврдени незаконски, непрофесионални и неетички постапувања на вработените во МВР, стеснувајќи го на тој начин просторот за нивно повторување и испраќа силна порака дека професионалниот интегритет на вработените не случајно е негова стратешка определба, се наведува во одговорот на македонските власти на последниот Извештај на Комитетот на Советот на Европа за спречување на тортурата и нехумано или понижувачко постапување или казнување (КПТ). 

Во одговорот се посочени и преземените и планираните мерки на македонските власти подготвени врз основа на препораките во Извештајот на Комитетот. 

Берово - Во Берово денеска ќе се одржи настан за официјално почнување на активностите во рамки на проектот „Воспоставување нов граничен премин Струмјани – Берово (Клепало)“, за што се обезбедени средства преку ИПА Програмата на Европската Унија за прекугранична соработка со Република Бугарија, соопшти Царинска управа.  

На настанот најавено е обарќање на директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, министерот за локална самоуправа Златко Перински и директорот на Заедничкиот секретаријат на Програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија, Тони Јакимовски.

Скопје - Директорот на Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Масимилиано Паолучи, вишиот економист Сања Маџаревиќ-Шујстер, вишиот специјалист за енергетика Редон Беголи и вишиот урбан економист при Светска банка, Мега Муким, денеска во Скопје ќе го презентираат Извештајот за клима и развој на државите и Прегледот за климатски јавни финансии на Северна Македонија.

На настанот најавено е присуство на вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, заменик министерот за енергетика, рударство и минерални суровини Мирослав Лабудовиќ, заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски, постојаниот претставник на УНДП Македонија Армен Григоријан и претседателот на Стопанска комора на Северна Македонија Бранко Азески. 

Брисел - Нашите срца и мисли се со луѓето во Босна и Херцеговина погодени од разорните поплави, наведе претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во објава на Икс во врска со поплавите во БиХ. 

- Го активиравме нашиот Механизам за цивилна заштита на ЕУ и испраќаме спасувачки тимови на терен. Ова е солидарноста на ЕУ на дело, додаде Фон дер Лајен во објавата. 

Бања Лука - Претседателот на Република Српска и претседател на СНСД, Милорад Додик синоќа најавија дека повторно ќе се кандидира за претседател на РС на следните општи избори во 2026 година.

-На крилјата на оваа голема победа во Република Српска, ја објавувам мојата кандидатура за претседател на Српска на следните општи избори. Ја продолжуваме политиката во која веруваат нашите граѓани, рече Додик.

Феодосија – Пожар избувна во складиште со нафта во местото Феодосија, на Крим, по напад со беспилотни летала, пренесува рускиот канал Астра на Телеграм.

Веста за пожарот ја потврди и Олег Крјучов, помошник шеф на Крим, именуван од Русите.

„Пожар во складиште за нафта во Феодосија. Руското Министерство за вонредни ситуации работи. Нема повредени и загинати. Вицепремиерот Игор Михаиленко отпатува во Феодосија“, објави Крјучов.

Братислава - Словачкиот премиер Роберт Фицо вети дека ќе го блокира влезот на Украина во НАТО се додека е на чело на словачката Влада.

Раководството на НАТО сака Украина да се приклучи на одбранбениот сојуз по завршувањето на војната со Русија за да се одврати секоја натамошна агресија на Москва, но изјавата на Фицо ги нагласува политичките тешкотии што веројатно ќе се појават при постигнувањето на оваа цел.

-Се додека сум на чело на словачката Влада, ќе им наредам на претставниците кои се под моја контрола како претседател (на владејачката партија Смер) никогаш да не се согласат Украина да влезе во НАТО, рече тој за словачки медиуми.

Женева – Изминатата година на Блискиот Исток беше година на незамисливо страдање, соопштија денеска ОН.

Денеска се одбележува една година од терористичкиот напад на палестинската исламистичка група Хамас и други палестински вооружени групи во кој беа убиени повеќе од 1.200 луѓе во јужен Израел, а околу 250 беа земени како заложници во Појасот Газа.

Израел возврати со масовни напади во кои загинаа повеќе од 41.800 луѓе, соопшти Министерството за здравство на Хамас. Хамас не прави разлика меѓу смртни случаи на милитанти и цивили. Бројките не можат да се потврдат независно.

Бејрут - Есмаил Каани, командантот на иранските сили Кудс кој отпатува во Либан по атентатот на лидерот на Хезболах, Саид Хасан Насралах, не се огласил од минатонеделните напади на Бејрут, изјавија денеска двајца високи ирански безбедносни функционери.

Еден од официјалните лица изјави дека Каани бил во јужните предградија на Бејрут за време на нападот кој наводно бил насочен кон високиот функционер на Хезболах Хашем Сафиедин, но не се сретнал со него.

Сафиедин се смета за веројатен наследник на Насралах, кој беше убиен во израелски напад на 27 септември.

Вашингтон – Републиканскиот претседател на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон, го избегна прашањето дали го прифаќа фактот дека Доналд Трамп загуби од демократскиот претседател Џо Бајден на изборите во 2020 година.

Трамп, кој беше поразен од Бајден во 2020 година, повторно е претседателски кандидат на Републиканската партија и се соочува со демократската потпретседателка Камала Харис на изборите на 5 ноември. Анкетите покажуваат дека изборната трка ќе биде многу тесна.

Бергамо - Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека доколку продолжи илегалната миграција во Европа, тој ќе донесе мигранти во Брисел и ќе ги остави пред канцелариите на ЕУ.

-Ќе донесеме мигранти од Будимпешта во Брисел и ќе ги оставиме пред канцелариите во Брисел. Ако ги сакаат, нека ги задржат, изјави Орбан на собранието на италијанската десничарска партија Лига во Понтида кај Бергамо.

 

Остани поврзан