• понеделник, 07 октомври 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  7 октомври 2024

Скопје - Поради официјалната посета на претседателот на Владата на Република Србија, Милош Вучевиќ, денеска во Скопје ќе има посебен режим на сообраќај, соопшти МВР.

- Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје, се наведува во соопштението.

СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници.

Скопје - Во рамки на ООУ „Јан Амос Коменски“ денеска ќе биде пуштена во употреба Канцеларијата за родителство, која воедно е прва институција од овој тип во земјава.

На настанот ќе присуствува и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

Канцеларијата за родителство ќе биде место каде ќе се нудат услуги за зајакнување на родителските вештини и спроведување на директна работа со индивидуални семејства, во функција на подобрување на менталното здравје на децата и младите.

Скопје - Во последното деноноќие се регистрирани два пожара на отворено - во Скопје бил запален градежен отпад на ул. „Његошева“ во Општина Карпош, и во во Село Рдауша каде што имало запалено ѓубре, соопшти ЦУК.

ЈКП „Шар“ од Тетово  информира поради загаденоста на водата во изворите на Лешница, системот на филтер станицата на засега е целосно затворен. Градот Тетово се снабдува со намалено количество вода, а екипи на ЈКП „Шар” се на терен за брзо решавање на проблемот. Ограничување на водата во градскиот водовод ќе има од 13.00 до 15.00 часот и во период од 01.00 до 04.00 часот.

Од ЈП „Комуналец“ од Гостивар, пак, е добиено известување во ЦУК дека поради контаминација предизвикана од обилните врнежи од дожд, најновите физичко-хемиски и микробиолошки анализи потврдуваат дека водата од јавната водоводна мрежа во моментов не е безбедна за пиење.

Скопје - Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на вчерашниот ден подигнале и транспортирале приближно 50 кубни метри отпад одложен на јавни и на сообраќајни површини по завршувањето на Скопскиот маратон 2024.

Како што соопштија денеска од ЈП Комунална хигиена-Скопје, отстранувањето на отпадот се одвивало во централното градско подрачје, на плоштадот Македонија, Кејот „13 Ноември“, улиците „Димитрија Чуповски“ и „11 Октомври“, како и на сите останати улици и булевари на патеката на маратонот, особено во реонот каде што беа поставени водните станици. 

Скопје – Со помош на „пајак“, отстранети 148 непрописно паркирани возила во Општина Центар, во период од 30 септември до 6 октомври, информира ЈП Паркинзи на Општина Центар.

- ЈП ПОЦ и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка со цел да се доведе во ред сообраќајниот хаос и проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици на територија на Општина Центар, велат од ЈП ПОЦ. 

Гостивар - Поради добиени позитивни лабораториски наоди за зголемено присуство на манган, над максимално дозволените концентрации согласно Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во петокот, издала забрана за користење на водата за пиење од градскиот водовод во Гостивар.

На јавното комунално претпријатие „Комуналец” кое стопанисуваа со водоводната мрежа во овој град, соопштија денеска од АХВ, наредено му е да ги извести граѓаните за забраната, односно дека водата во градскиот водовод не е безбедна за пиење и да обезбеди питка вода за пиење.

Тетово - Канцеларијата на УНДП во земјава денеска органзира претставување на муралот нацртан на заштитниот ѕид во близина на ХЕЦ Пена, на патот кон областа Бањиче, Тетовско.

Настанот е дел од серијата активности што ги организира УНДП по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за намалување на ризиците од катастрофи, 13-ти октомври.  

Муралот е нацртан на ѕид долг 120 метри што претходно е изработен за стабилизација на свлечиште на земјиште во рамки на проектот „Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот регион“, финансиран од Швајцарија, а го имплементира УНДП во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините во регионот.

Како што е најавено, на претставувањето на муралот ќе присуствуват: првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити; градоначалникот на Тетово, Биљал Касами и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.

Берово - Во Берово денеска ќе се одржи настан за официјално почнување на активностите во рамки на проектот „Воспоставување нов граничен премин Струмјани – Берово (Клепало)“, за што се обезбедени средства преку ИПА Програмата на Европската Унија за прекугранична соработка со Република Бугарија, соопшти Царинска управа.  

На настанот најавено е обарќање на директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, министерот за локална самоуправа Златко Перински и директорот на Заедничкиот секретаријат на Програмата за прекугранична соработка со Република Бугарија, Тони Јакимовски.

Во рамки на настанот предвидена е посета на граничниот премин.

Битола - Организација на потрошувачите на Македонија (ОПМ) денеска во Битола ќе ги претстави активностите од проектот „Јакнење на правата на потрошувачите во финансиските услуги (Enforce Consumer Rights in Financial Services)“, финансиран од ЕУ, преку Европската организација за заштита на потрошувачите (BEUC).

-Целта на нашите активности е да ја подобриме положбата на потрошувачите и да обезбедиме нивна подобра заштитата, особено во доменот на финансиските услуги, во случаите кога голем број потрошувачи се оштетени од еден ист давател на услуга, со што ќе придонесеме за подобра колективна заштита на правата на потрошувачите. Колективната заштита на правата на потрошувачите е уредена со Законот за заштита на потрошувачите, а се очекува и усвојување на Предлог-законот за парничната постапка со која како новина се предвидува поднесувањето тужба за заштита на колективни интереси и права против физичко или правно лице кое со вршење на одредена дејност или воопшти со постапување или пропуштање потешко ги повредува или сериозно ги загрозува таквите колективни интереси и права, наведува ОПМ.

Додава и дека на средбата ќе стане збор за законската и институционалната рамка за колективна заштита на потрошувачите, возможноста за судска заштита и алатките кои се на располагање за заштита на колективните интереси, при што во фокусот ќе биде дигиталната алатка „ПРИЈАВИ ПРОБЛЕМ ЗА ФИНАНСИСКИ УСЛУГИ“.

Охрид – Во рамки на платформата Скопско „Наша гордост, наша одговорност“ деновиве по втор пат беше спроведена акцијата за чистење на Охридското Езеро од т.н. мрежи-духови, реализирана преку активност на „Пивара Скопје“ како општествено одговорна компанија и Нурачкиот центар „Амфора“ од Охрид.

Активностите спроведени од четворица нуркачи во периодот од 1 до 4 овој месец се спроведуваа на четири локации на дното на езерото, при што во 78 нуркања се извадени вкупно 3856 метри мрежа.

„Успехот на оваа акција е потврда за нашата постојана посветеност кон заштита на природата. Овие рибарски мрежи со години се таложеле на дното на езерото, претставувајќи закана за биодиверзитетот и заштитените видови што живеат во ова уникатно природно богатство Со платформата Наша гордост наша одговорност’. ‘Скопско’ се стреми да направи значителни промени во начинот на кој се грижиме за нашите природни ресурси. Охридското Езеро е наше национално богатство, и нашата цел е да го зачуваме чисто и безбедно за идните генерации“, вели Марта Завкова, менаџер во „Пивара Скопје“.

Кавадарци  – Групацијата ГЕН-И ја пушти во употреба својата втора голема соларна електрана во земјава, изградена во близина на Кавадарци. На претходно деградирано земјиште од 70.000 квадратни метри, инсталирани се 17.612 фотоволтаични модули, што зафаќаат вкупна површина од 60.000 квадратни метри. Нивната максимална вкупна моќност во зависност од временските услови изнесува 12 мегавати. 

-Во зависност од бројот на сончеви часови, овие модули можат годишно да произведат до 15.500 мегават часови енергија без јаглеродни емисии. Со оглед на просечната потрошувачка на едно домаќинство, оваа количина енергија ги задоволува потребите на околу 3.400 домаќинства. Ова значи заштеда од 7.574 тони јаглероден диоксид годишно, велат оде Групацијата ГЕН-И.

Остани поврзан