• понеделник, 07 октомври 2024
МИА Флеш

7 октомври 2024

Скопје – Негрижата за образованието што постоеше до јуни ја заменивме со 100-процентна посветеност и во стоте дена отпочнавме крупни промени за поквалитетно образование и подобра иднина на младите. Ги стопиравме лошите политики кои го намалија бројот на ученици за 17 илјади во изминатите седум години, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во отчетот по повод 100 дена од работењето на Владата.

На прес-конференција таа истакна дека е задоволна од сработеното во ресорот што го предводи и најави дека МОН ќе продолжи со „исто силно темпо, максимално посветени кон учениците, студентите, наставниците, професорите, исто како и во првите три месеци“.

-Моето прво, а воедно и реализирано ветување, беше навремено достапни учебници за сите ученици. По седум години,  првпат навремено се испорачани учебници за сите ученици. Над еден милион примероци беа поставени на училишните клупи, на првиот училишен ден. Успеавме да изработиме и повеќе нови учебници и наставни материјали по предмети за кои до скоро воопшто немаше никакво помагало – 10-ина во основното и 100-ина нови наслови во средното стручно образование, рече Јаневска.

Гостивар – Резултатите од водата за пиење во гостиварскиот водовод направени во две лаборатории се различни и според едните водата не е за употреба, а според другите е безбедна. Се очекува нова анализа која ја прави државниот Центар за јавно здравје – Скопје. Ова го кажаа вд градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани и најави поведување на одговорност, доколку имало пропусти.

Лимани појасни дека резултатите на компанијата која ги врши анализите за ЈП „Комуналец“ покажале вредности кои налагаат забрана за пиење, меѓутоа како што нагласи, резултатите од примероците на Центарот за јавно здравје Гостивар земени истиот ден, покажале дека водата може да се користи.

- Истиот ден е направена е и анализа на присуство на манган. Во резултатите кај приватната компанија тие се над дозволените вредности, а пак кај Центарот за јавно здравје тие се под дозволениот минимум. Од тие причини, во саботата земени се нови примероци за анализа за да направи подетална проверка и во скопскиот центар јавно здравје, рече Лимани во одговорот на новинарско прашање на настан кој се одржа во Гостивар.

Скопје – Неколку пати повторувам дека на господинот Ахмети, пред се, му треба адаптација во опозиција, а потоа му требаат реформи, а за седнување кога сака ќе седнеме, истакна денеска министерот за здравство, Арбен Таравари на прашањето дали ќе одговори на повикот на лидерот на ДУИ, да излезат од Владата и да формираат заедничка коалиција.

- Ќе седнеме, ама не знам што ќе правиме. Прво му треба на господинот, Ахмети реформи, адаптација и кауза, да излезе и да ни каже што сака. Ние за седнување сме отворени и комуницираме со сите политички партии, без исклучок. Така што немаме ништо против и со него да комуницираме. Меѓутоа нека почне со реформи. Тоа ни е многу битно нам, вели Таравари.

Прашан дека ова е истото што го кажа претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, Таравари со одговор дека не знае што кажал вчера премиерот, бидејќи не го слушнал. Но, како што вели Таравари, одамна на лидерот на ДУИ, Ахмети му укажува дека треба да смени нешто во партијата, која не функционира, бидејќи 107.000 албански гласови беа против него, односно беа за ВЛЕН.

Скопје - Инспектори од Државниот здравствен и санитарен инспекторат од утринава вршат инспекциски надзор во болницата Козле и Детската клиника во Скопје, откако завчера почина 14 месечно дете, а претходно неговите родители барале да биде хоспитализирано, но не е примено на Детската клиника во Скопје, потврди денеска министерот за здравство, Арбен Таравари, кој по одбележување на Денот на органодарителството одговараше на новинарски прашања. Министерот за здравство, Таравари истакна дека утринава имал состанок со директорот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

-Првиот состанок утрово беше со директорот, екипата веќе е на терен. Комисијата веќе е формирана и се наоѓа на работа, на терен за да ги испита сите факти и аргументи, изјави Таравари.

Тој потврди дека инспекторите на ДЗСИ и на Комисијата која е формирана од негова страна веќе од 9 часот се во двете болници во Скопје.

Битола - На пазарот има појава на пласирање производи како нови, а со цел да се избегне мерката за производи што се поевтинуваат и затоа апелираме до трговците тоа да не го прават, истакна Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организација на потрошувачите на Македонија.

Во изјава за медиумите, Лончар Велкова нагласи дека сите мерки што ги презема Државниот пазарен инспекторат се одлични, но граѓаните треба да пријавуваат доколку забележат аномалии.

-Алармиравме дека ќе има големо покачување на цените, посебно тогаш кога се укина одлуката за гарантирана цена и тогаш трговците ги вивнаа цените. Ние укажувавме дека пред донесување и стапување во сила на законот за фер трговски практики кој се однесува на трговци и добавувачи, односно посочивме дека се додека 2500 производи не поевтинат одлуката да не се отстранува, но ја тргнаа и гледаме сега што се’ се случува. Во овој момент имаме информации од Државниот пазарен инепекторат дека секојдневно на терен се наоѓаат производи на кои грамажата е променета, а со намалување на грамажата на производите тие уште повеќе поскапуваат. Има производи од 900 грама а треба да се еден килограм. Сите мерки што ги презема Државниот пазарен инспекторат се одлични, но граѓаните треба да пријавуваат доколку забележат аномалии. Претпоставуваме, рече Лончар Велкова, дека пријавите одат директно до ДПИ бидејќи имаат доверба и дека веднаш излегуваат на терен бидејќи се екипирани за брзи мерки, казни и времени мерки.

Скопје - Полициски службеници синоќа на локален пат во село Богородица, гевгелиско, го привеле Ј.М.(32) од Србија. Во возило „сааб“ со цол таблички, кое го управувал, биле пронајдени 11 мигранти од Сирија, соопшти МВР.

Лицето било задржано во Полициската станица Гевгелија, а мигрантите се спроведени во Прифатно-транзитен центар „Винојуг“ Гевгелија. По целосно документирање на случајот, против Ј.М. ќе биде поднесена соодветна пријава.

Скопје - Времето до крајот на денот сончево со мала до умерена локална облачност. Само во Полошката Котлина во поголем дел од денот ќе се задржи ниска облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 19 до 27 степени, информираат од УХМР.

Во Скопје сончево со умерена облачност и со слаб северозападен ветер. Температура до 24 степени.

Синоптичарите најавуваат дека во текот на оваа седмица во утринските часови по котлините ќе има ниска облачност, а во текот на денот насекаде ќе преовладува претежно стабилно и релативно топло време. Во среда и петок ќе има услови за локален дожд и ретки грмежи.

- Утринските температури утре изутрина ќе бидат пониски, а потоа и утринските и дневните ќе бидат во пораст, соопштуваат од УХМР. 

Белград - Пратеникот во германскиот Бундестаг од партијата СПД на канцеларот Олаф Шолц, Јосип Јуратовиќ, изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ ќе го даде литиумот, а мониторингот на вадење руда не може да го врши Германија, туку тоа треба да го прават независните институции во Србија.

Јуратовиќ, кој беше голем критичар на режимот во Србија, сега вели дека Германија и ЕУ мора да соработуваат со автократски системи за да дојдат до ресурси, јави дописникот на МИА од Белград.

Јуратовиќ изјави за ТВ Н1 дека ископувањето на литиум во Србија е прашање од рационален интерес за да се обезбедат ресурси за натамошен индустриски развој на Европската унија, пред се за автомобилската индустрија, која има голем конкурент во Кина.

Тој додаде дека германскиот канцелар Олаф Шолц и ЕУ бараат начин да ги обезбедат ресурсите што ги има Србија и во која Кина е веќе активна.

Тирана – Албанската опозиција, предводена од Демократската партија, со националниот протест закажан за вечерва, во 18 часот, во Тирана, под мотото „Марширање кон Тирана-или сега или никогаш“, како што објави, ја започнува граѓанската непослушност.

Во дописот што Демократската партија го испратила до полицијата, се бара четиричасовна дозвола за митингот, од 18 до 22 часот. Во овој документ само се прецизира дозволата за протестот пред владата. Организаторите најавуваат „само марширање, но не и обраќања“ и тоа од седиштето на ДП, преку плоштадот „Народни херои“ па се до владата.

За безбедноста на протестот ќе бидат задолжени најмалку 1.500 полициски службеници, од сите сектори, вклучително и единицата за брзо распоредување „Шлипоња“. Во готовност ќе бидат и силите на специјалната единица „Ренеа“ за да интервенираат во случај на каков било инцидент.

Цистерни со вода ќе бидат лоцирани зад објектот на владата и на уште неколку точки во близина на институциите каде се очекува да минуваат учесниците на протестот. Ќе има и противпожарни и возила за брза помош.

Киев – Военовоздухопловните сили на Украина соборија 32 дронови и две ракети Кинџал истрелани од територијата на Русија.

Руските сили истрелаа уште една Кинџал ракета, која го погодила регионот на аеродромот Старокостајантинов во Хмелницка област.

Остатоци од двете соборени Кинџал ракети оштетија повеќе објекти во главниот град на Украина, Киев.

Ракетата Х-47M2 Кинџал (на руски кама) е хиперсонична балистичка ракета воздух-земја со нуклеарни способности. Досегот му е повеќе од 2000 километри, а брзината е 12 маха (4,08 километри во секубда). Ракетата може да носи и конвенционални и нуклеарни боеви глави и може да се лансира од бомбардери Ту-22М3 или пресретнувачи МиГ-31К.

Брисел – Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел изјави дека војната во Украина би завршила за 15 дена кога западните сојузници би престанале да го поддржуваат Киев.

- Многу луѓе сакаат војната да заврши што е можно поскоро. За почеток, самите Украинци. Но, важно е како. Ако престанеме да ја поддржуваме Украина, за 15 дена војната ќе заврши и (рускиот претседател Владимир) Путин ќе ги постигне неговите цели, но дали тоа е она што го сакаме за Украинците и за безбедноста на нас Европејците? изјави Борел во интервју за шпанскиот весник „20 минути“ (20 minutos).

Тој повтори дека сојузниците мора да направат сè што е во нивна моќ за, кога ќе дојде време за преговори со Русија, Украина да ги води „под услови кои се поволни за суверенитетот и територијалниот интегритет“.

Борел се осврна и на судирите на Блиски Исток, истакнувајќи во ЕУ постојат различни ставови за правото на Израел за самоодбрана.

Брисел - По Грузија, која веќе усвои два контроверзни закони по моделот на соодветни законски решенија воведени во Русија, слични тенденции се појавуваат и во три членки на ЕУ, кои до 90-те години на минатиот век беа дел од Источниот блок - Бугарија, Словачка и Унгарија. 

Како што наведува „Еурактив“ во ЕУ расте загриженоста дека ваквите тенденции во постсоцијалистичките држави членки ќе резултира со усвојување на закони кои не се во согласност со европската легислатива, но и со раст на влијанието на „проруските идеологии“. 

- Само неколку недели пред клучните парламентарни избори на 26 октомври, Тбилиси усвои контроверзен анти-ЛГБТК закон, кој веднаш предизвика споредби со рускиот репресивен закон за „геј пропаганда“, наведува бриселскиот портал. 

Копенхаген - Полицијата на Данска соопшти дека денеска во близина на Амбасадата на Израел во Копенхаген имало уште една експлозија. 

Експлозијата е на годишнината од упадот на Хамас во Израел. Инцидентот се случи на околу 500 метра од Амбасадата на Израел и пет дена откако беа активирани две експлозивни направи во близина на дипломатскиот објект, за што се уапсени двајца државјани на Шведска.

- Се разбира, разгледуваме дали би можело да има поврзаност со (претходниот) инцидент во Израелската амбасада. Нема индикации дека тоа е така, изјави полициската инспекторка, Трине Молер.

Техеран – Командантот на иранските сили Кудс, Есмаиол Каани е во добра здравствена состојба, изјави заменик-командантот на Кудс на Корпусот на Исламската револуционерна гарда, Ирај Масџеди.

Двајца неименувани високи ирански безбедносни функционери изјавија дека не се огласил од минатонеделните напади на Бејрут.

Каани бил во јужните предградија на Бејрут за време на нападот кој наводно бил насочен кон високиот функционер на Хезболах Хашем Сафиедин, но не се сретнал со него. Сафиедин важеше за наследник на лидерот на Хезболах, Хасан Насралах, кој беше убиен во израелски напад на 27 септември. 

Тел Авив - Вооруженото крило на Хамас денеска со ракети го нападна Тел Авив, се наведува во соопштението на групата, цитирано од британските медиуми.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека во централниот дел на земјата се активирани сирените за тревога.

Израел денеска организира бдеење и церемонии со кои ја одбележува првата годишнина од нападот на Хамас што ја предизвика војната во Газа. 

Американските медиуми забележуваат дека ненадејниот напад на 7 октомври 2023 година го уништи чувството на безбедност кај Израелците и ја разниша нивната верба во лидерите и војската. 

Абуџа - Повеќе од 350 луѓе починаа од колера во Нигерија во првите девет месеци од оваа година, што е за 239 отсто повеќе од истиот период минатата година, соопшти денеска нигерискиот центар за контрола на болести (НЦДК).

Во соопштението се вели дека 359 луѓе починале од колера во периодот од јануари до септември, во споредба со 106 во истиот период минатата година.

Бројот на можни случаи на колера, исто така, се искачи на 10.837, во споредба со 3.387 минатата година, а најголемиот дел од заболените се деца на возраст под пет години.

Лагос, комерцијалниот главен град на земјата, забележа најголем број случаи, се вели во соопштението на НЦДК.

Стокхолм - Американските научници Виктор Амброс и Гери Рувкун ја добија годинашната Нобелова награда за медицина за откритието на микроРНК, нова класа на ситни РНК молекули кои играат клучна улога во регулацијата на гените, објави денеска  шведскиот институт Каролинска.

„Годинашната Нобелова награда им оддава почит на двајца научници за нивното откритие на фундаменталниот принцип кој управува со тоа како се регулира активноста на гените“, се наведува во соопштението на Институтот.

„Виктор Амброс и Гери Рувкун работеа на развојот на различни типови на клетки“, додаваат од комитетот.

Нивното „револуционерно“ откритие на микроРНК откри „целосно нов принцип на регулација на гените што се покажа како суштински за повеќеклеточните организми, вклучително и луѓето. Сега е познато дека човечкиот геном кодира повеќе од илјада микроРНК“, се додава во соопштението на Комитетот.

Картум - Најмалку 13 деца загинаа, а многу повеќе се ранети во судирите меѓу суданската армија и бунтовничките Сили за брза реакција (РСФ), соопшти УНИЦЕФ.

Децата биле на возраст меѓу 6 и 17 години, се наведува во соопштението на агенцијата на ОН.

-Овие напади врз деца се неприфатливи. Децата немаат улога во војни или граѓански конфликти, но децата се оние кои најмногу страдаат додека продолжува конфликтот во Судан, рече Шелдон Џет, претставник на УНИЦЕФ во Судан.

Суданската армија во петокот почна воздушни напади на пазар во градот Ал Кум, на околу 70 километри источно од главниот град на Северен Дарфур, Ел Фашер, објавија локалните медиуми.

Во воздушните напади, кои го погодија и градот Мелит, загинаа најмалку 45 луѓе, а десетици други беа повредени, наведува „Судан Трибјун“ и Центарот за мониторинг на човекови права.

Хамрат ал Шеик во провинцијата Северен Кордофан, исто така, беше погоден, според поранешен член на Суданскиот совет за суверенитет, кој во саботата рече дека нападите биле насочени кон области кои „не виделе каква било форма на конфликт од почетокот на војната“.

Остани поврзан