• недела, 22 декември 2024
МИА Радио флеш

7 октомври 2024

Скопје - Владата планира земјава да ја направи раскрсница во патната, енергетската и железничката област и да бидеме центар на патните, енергетските и железничките коридори во регионот, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

-Географската положба на земјава е многу значајна за овој дел од Европа. Наша цел како Влада е да бидеме раскрсница во три области – патна, енергетска и железничка и на тој начин цениме дека ќе бидеме приоритет во зеницата на поголемите држави, рече Мицкоски на заедничката прес-конференција со српскиот колега Милош Вучевиќ во Скопје.

Патното поврзување на коридорот 10, како што кажа, горе доле е завршено, останува да се до реализира коридорот 10д. Се реализира и коридорот 8 со што по нивното завршување стануваме раскрсница. Во делот на железничкиот превоз ист приоритет имаат коридорите 8 и 10. Во делот на коридорот 8 наскоро, посочи, во Брисел ќе има средба од високо ниво за да се види што планира Бугарија, а на коридорот 10 се размислува дали да се модернизира постојната траса со промена на шините и електрификација и да се зголеми брзината од 35 на 110 до 120 километри на час или да се направи брза пруга на нова траса преку Овчеполието со брзини од 220 до 250 километри на час, но тоа е четири пати поскапо. Во делот на енергетиката треба да се реализира 400-киловолтниот далновод со Албанија и гасните интерконектори со Грција и Србија за да станеме раскрсница.

Скопје - Споделуваме многу повеќе од заедничка граница. Многу од граѓаните на двете земји споделуваат историја, култура, семејни врски и, најважно од сè, заеднички стремежи за просперитет и мир за нашите народи. Разговаравме за начините како да ја продлабочиме економската соработка, како да ги поврземе нашите луѓе и како да создадеме можности за идните генерации кои доаѓаат, изјави премиерот Христијан Мицкоски на заедничката-прес-конференција со неговиот српски колега Милош Вучевиќ.

Мицкоски рече дека разговарале за предизвиците со кои се соочува регионот, и посочиле дека е неопходно „во овие турбулентни времиња, да бидеме заедно, да бидеме глас на разумот и да работиме кон стабилност и безбедност на целиот регион“.

-Ја истакнавме важноста на дијалогот како единствен пат за решавање на спорови и недоразбирања. Во однос на нашите европски аспирации, ја потврдивме заедничката визија дека иднината на регионот е Европската Унија. Знаеме дека патот до таму не е лесен, но веруваме дека со заеднички напори и поддршка можеме да ги исполниме критериумите и да ги донесеме придобивките од европската интеграција на граѓаните во регионот, рече Мицкоски.

Скопје - Услови за едносменска и целодневна настава ќе бидат овозможени за сите ученици до петто одделение до крајот на мандатот - е планот на министерката за образование и наука Весна Јаневска. Учениците ќе остануваат во училиштата до 16.30 часот, а за нивните дополнителни активности вон редовните часови ќе бидат ангажирани вишокот наставници кои сега работат со само неколку ученици во подрачните училишта. 

Министерката Јаневска на прес-конференција по повод 100 дена Влада рече дека се работи за  3000 наставници  кои со реорганизирање на работата и со оптимизација на училиштата нема да останат без работа.

Во отчетот за сто дена од работењето на Владата министерката информираше дека во 140 училишта „е воведена квалитетна, економична и ефективна едносменска настава, а наскоро бројот ќе се зголеми за 50-ина“.

-Нема капацитети во земјава за одеднаш да се тргне во едносменска и целодневна настава во овој момент. Но, планот е таму каде што има, процесот да започне, а има речиси секаде во внатрешноста на земјата, проблем е Скопје и уште неколку училишта во неколку поголеми градови, рече Јаневска.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковки денеска остварил работна средба со новоназначениот амбасадор на Република Франција, Кристоф Ле Риголер.

МВР соопшти дека на средбата фокусот на разговор бил ставен на заедничката соработка врз веќе прифатени и договорени проекти најчесто во форма на стручни и тематски обуки со цел унапредување на капацитетите на министерството од областа на борбата против наркотици, организиран криминал, мигрантски текови, контрола на граница, борба против криминални организации за криумчарење мигранти и други.

Министерот Тошковски ги истакнал приоритетите кои ги има МВР како што е борбата со организираниот криминал и корупцијата, дигитализација на процесите, планираните реформи.

Во соопштението се наведува дека било потврдено оти унапредувањето на полициската соработка меѓу двете земји е од големо значење за заедничкиот придонес кон мирот, стабилноста како нашата земја така и на регионот.

Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани и шефица на канцеларијата на УНФПА во Северна Македонија, Афродита Шаља, на денешниот состанок разговарале за продолжување и продлабочување на соработката во рамките на тековната Програма на УНФПА за нашата земја 2021-2025, согласно Рамката за одржлив развој на ОН 2021-2025.

Од Министерството за европски прашања информираат дека на состанокот тема на разговор биле и можностите за соработка во рамките на националните ИПА фондови и други клучни прашања поврзани со евроинтеграцискиот процес.

- Министерот Муртезани се осврна на тековните и планирани ИПА проекти и програми комплементарни на областите во кои делува УНФПА. Меѓу нив, вниманието беше ставено на „ЕУ за подобрено здравје, социјална заштита и родова еднаквост“, проект кој е дел од годишната програма на ИПА за 2022 година. Од него се очекува значително да придонесе во подобрувањето на капацитетите за имплементација, усогласеност и спроведување на законодавството за безбедност и здравје при работа, зајакнување на ефективноста на системот за превенција и заштита на родово и семејно насилство, подобрување на квалитетот на социјалните услуги, и подобрување на капацитетите на државата за големи здравствени закани, соопштуваат од Министерството за европски прашања.

Скопје – Според бројките од Државниот завод за статистика дури 52,3 отсто од нашето население не е искористено на пазарот на трудот, изјави денеска државниот секретар во Министерството за социјална практика, демографија и млади, Фатмир Садриу, на завршниот настан од реализацијата на тригодишниот ИПА проект „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“, којшто беше во организација на Агенцијата за вработување.

Како што посочи Садриу, од вкупно евидентираните 103.000 невработени лица во Агенцијата за вработување, дури 35.000 илјади се млади лица од 20 до 29 години.

– Загрозувачки се бројките од Државниот завод за статистика, каде произлегува дека 52,3 отсто од нашето население, не се активни баратели, односно не се искористени во пазарот на трудот. Во 2023 година, од 103.000 невработени лица кои што се евидентирани во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, 35.000 се млади лица од 20 до 29 години. Ние како Министерство во соработка со Агенцијата за вработување и сега Министерството за економија и труд, работиме во изработка на новиот оперативен план, каде што ќе се предвидува особено овие ранливи категории, примателите на гарантирана минимална помош и другите ранливи категории да се вклучат на пазарот на трудот. Имаме моментално некои проекции, некои идеи за нивно вклучување на пазарот на трудот, особено преку вклучување на младите лица членови на овие семејства, во ИТ вештини, во обуки за ИТ вештини, вклучување во пазарот на трудот, особено во некои дефицитарни професии, рече Садриу.

Скопје – Преку едукација на медицинските лица, популацијата и медиумите до зголемување на свесноста за дарување на органи. Ова беше главната порака на денешниот настан по повод Европскиот ден на органодонорството - 7 октомври, што беше одбележан во рамките на проектот „Поддршка на системот за трансплантација“, финансиран од Европската Унија.

На отворањето на настанот во Кинотека на Македонија, министерот за здравство, Арбен Таравари, изјави дека сите здравствени работници имаат заедничка цел за зголемување на свесноста за дарување на органи преку едукација на медицинските лица и на популацијата. Тој потенцираше дека на листата на срце, црн дроб и бубрези, во моменов нема пациенти означени како итни.

- Пораката на овој хуман чин е да допре до пошироката јавност. Огромно е значењето на дарувањето на органи, тоа значи живот за луѓето кои чекаат трансплантација на органи, што претставува шанса за продолжување на нивните животи и шанса за поквалитетен живот на овие пациенти, рече тој.

Министерот информираше за тековните активности што се преземаат во овој домен помеѓу кои ги спомена соработката со Министерството за здравство на Хрватска од каде при нивната посета добивме предлози за подобрување на системот од аспект на законодавство, усогласување со стандардите на ЕУ како и организација на системот.

Скопје - Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска остварил средба со амбасадорот на Кралството Шпанија, Рафаел Сориано Ортиз, на кого му посакал успешна дипломатска мисија.

Од Министерството за одбрана соопштија дека на средбата Мисајловски упатил и благодарност до Кралството Шпанија, за досегашната поддршка на нашата земја во евроинтегративните процеси. 

Министерот Мисајловски и шпанскиот амбасадор  Рафаел Сориано Ортиз разговарале за билатерална одбранбена соработка, при што, се посочува во соопштението, соговорниците се осврнале на можностите и иницијативите за продлабочување и зајакнување на соработката меѓу двете земји. 

Скопје - Јавните набавки кај нас, околу 1,5 милијарди евра годишно, не се користат како инструмент за справување со климатските промени, смета Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

Во врска со Извештајот на Светска банка што беше презентиран денеска, Филков напомена дека во земјава мора да се воведат наредбодавни и порадикални мерки - колку проценти „зелени“ набавки мора да правиме, за да почнеме да ги правиме, а исплатливоста, рече, се гледа на долг рок. 

Тој потсети и дека претходниве години власта имаше донесено одлуки кои самата не ги почитуваше: да не набавува шеќер во мали коцки, туку рефус, да не набавува пластични лажичиња и пластични чаши за една употреба, да не набавува вода во мали пластични шишиња,...

Скопје - Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (ДЕ V), од полноќ се зголемуваат за 1,00 денар по литар, соопшти денеска Регулаторната комисија за енергетика.

Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе биде 75,50 денари, на ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе изнесува 77,50, а ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V)
ќе се продава за 68,50 денари за литар.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1), се зголемува за 1,50 денари и ќе изнесува 68,50 денари за литар.

За 1,108 денари поскапува и Мазутот М-1 НС, и еден килограм ќе чини 42,780 денари.

Белград - Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска на отворањето на Конференцијата за одржливост во Хамбург на која присуствува и српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека Германија ќе се приклучи на глобалната алијанса за батерии, заедно со Србија и Замбија, јави дописникот на МИА од Белград.

Обраќајќи им се на учесниците на дводневната меѓународна конференција за одржливост во Хамбург, Шолц истакна дека Глобалната алијанса за батерии е најважното глобално партнерство бидејќи се залага за одржливи синџири за снабдување со батерии и намалување на еколошкиот отпечаток на батериите.

-На конференцијата за одржливост во Хамбург, германското Министерство за развој ќе се приклучи на оваа алијанса, заедно со Замбија и Србија, кои исто така го подготвија своето пристапување. Овој пример покажува дека, со сите сојузи што ги формираме, секогаш треба да го имаме предвид тоа да повеќе луѓе можат да имаат корист од напредокот и просперитетот ширум светот и токму поради тоа е покрената оваа конференција, рече Шолц.

Брисел - Вкупно 12 земји, преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, понудија итна помош за Босна и Херцеговина, кој последниве денови е зафатена од голем поплави, соопшти денеска портпаролот на Европската комисија за хуманитарна помош и справување со кризи Балаж Ујвари. 

- Тимови за пребарување и спасување од Хрватска, Словенија, Црна Гора и Србија веќе се на терен и ги поддржуваат локалните напори за одговор на кризата, нагласи Ујвари, додавајќи дека во овие услови ЕУ не ја остави БиХ сама да се справува со елементарната непогода. 

Овие тимови, кои пристигнале во поплавените подрачја во текот на викендот, трагаат по исчезнати лица и ги расчистуваат остатоците, со цел да помогнат во обнова на виталната инфраструктура. 

Москва – Кремљ денеска ги демантира наводите дека Русија сака да ги спушти на пониско ново дипломатските односи со САД, истакнувајќи дека по истекот на мандатот на амбасадорот Анатолиј Антонов во Вашингтон, ќе биде именуван нов амбасадор.

Антонов (69) беше амбасадор во Вашингтон од 2017 година, а во јули објави дека завршува неговиот мандат.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на прашањето дали враќањето на Антонов е индикатор на деградирање на односите со Вашингтон, истакна оти на време ќе биде именуван нов амбасадор.

Ерусалим - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и градоначалникот на Ерусалим, Моше Лион денеска го посетија споменикот подигнат во чест на 87 цивили и војници од Ерусалим кои загинаа од 7 октомври 2023 година во конфликтот со палестински Хамас.

„Се сеќаваме на нашите мртви, на нашите заложници кои сме должни да ги вратиме дома и на нашите херои кои паднаа во одбрана на татковината. Поминавме низ страшен масакр пред една година, но воскреснавме како народ како лавови“, рече Нетанјаху. според Тајмс оф Израел.

Тој рече дека пораката за единство доаѓа од Ерусалим, град кој е симбол на единството.

„Секој од нас има задача да продолжи заедно и да дејствува како еден, за Ерусалим, главниот град на Израел и за државата Израел. Како што месеците на војна нè научија добро, нашата сила е во нашето единство. Само заедно ќе победиме“, рече премиерот Израел.

Техеран– Портпаролката на иранската Влада, Фатамех Мохаџерани денеска изјави оти Иран нема да прави компромиси со националните интереси и го предупреди Израел да на ја преминува границата на дозволеното.

Таа истакна дека операцијата „Вистинско ветување“ била спроведена со одобрение на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.

Иран на 1 октомври одговори на израелскиот атентат на шефот на политичкото биро на Хамас, Исмаил Ханија, на генералниот секретар на Хезболах, Саид Хасан Насрала и генералот на Иранската револуционерна гарда Абас Нилфорушан, со истрелување 200 балистички проектили врз воените и разузнавачките бази во Израел.

Москва - Кибер напад денеска доведе до прекини во емитувањето на програмата на руската државна телевизија ВГТРК, јавија руските медиуми.

Рускиот он-лајн весник Газета.Ру, цитирајќи руски разузнавачи, објави дека проукраинската хакерска група наречена „судо рм-РФ“ е одговорна за кибер нападот.

Кибер нападот влијаеше на онлајн емитувањето на програмата, на сервисите, па дури и на интернет и телефонските врски на компанијата, наведува весникот.

Новинскиот канал Русија-24 денеска изутрина беше недостапен на интернет.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Русија „не е заинтересирана“ за размена на воени заробеници, но благодарение на операцијата Курск, фондот за размена е значително исполнет со бројот на руски затвореници и процесот на размена ќе продолжи.

Според него, Руската Федерација не е заинтересирана за размена.

„Сега имаме повеќе размени. Имавме големо надополнување на фондот за заробеници поради операцијата Курск. Разменивме многу голем број луѓе. Овие процеси ќе продолжат“, рече Зеленски на состанокот со претставниците на локалните власти на заедниците од регионот Суми.

Тој зборуваше и за мировниот план што го презентираше во Соединетите Американски Држави. Зеленски истакна дека Украина мора да има геополитички силна позиција и да биде зајакната со неопходното оружје, посебно со тоа за кое има соодветни ограничувања.

Тој изјави дека Украина, по презентирањето на Планот за победа, „можеби ќе слушне нешто од партнерите“.

Тбилиси – Владејачката партија Грузиски сон повторно поведе процедура за отповикување на претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили.

Претседателот на грузискиот Парламент, Шалва Папуашвили наведе и дека е планирно поднесување на уште една тужба пред Уставниот суд поради „странските посети на Зурабишвили без одобрение на Владата.

Тој додаде дека тужбата пред Уставниот суд на Грузија ќе биде поднесена пред изборите во Грузија.

- Ако тоа успее, мандатот на Саломе Зурабишвили ќе биде скратен за околу еден месец. Овој чекор е повеќе од симболичен карактер, па прекршителката на Уставот, Саломе Зурабишвили, ќе влезе во историјата не само како поранешна претседателка, туку и како суспендирана претседателка, истакна Папуашвили.

Москва - Руската служба за безбедност (ФСБ) денеска соопшти дека веќе води кривична истрага против 14 странски новинари кои на 17 август илегално влегле во руската област Курск преку границата со Украина.

ФСБ наведува дека новите новинари кои се предмет на истрага за нелегално преминување на границата се од Франс 24 и швајцарската ЦХ Медиа.

Во август, Украина започна ненадеен напад врз Курската област, заземајќи територии околу пограничниот град Суџа. Некои странски новинари, вклучително и од САД, Германија и Романија, влегоа на територијата на Курската област контролирана од Украина. Ова први го направија новинарите од италијанскиот канал РАИ.

Приштина– Министерството за внатрешни работи на Косово ја изменило безбедносната мерка за производите кои влегуваат од Србија преку граничниот премин Мердаре, дознава приштинска Коха (koha.net) од свои извори во Владата.

Косово го забрани увозот од Србија по апсењето на тројца косовски полицајци од страна на српските сили на границата меѓу двете земји, тензиите на северот од земјата населен со српско мнозинство и сомневањата дека минатата година преку стоките нелегално се шверцувало оружје.

Безбедносната мерка потоа беше променета со дозволување увоз на суровини и полупроизводи потребни за финално производство.

Со новата одлука, која во понеделникот до надлежните институции ја пратил министерот за внатрешни работи, Џељаљ Свечља, забраната за увоз на овие производи ќе биде заменета со „детална контрола“ за шлеперите кои влегуваат од Србија, пишува медиумот.

Остани поврзан