• понеделник, 07 октомври 2024
МИА Радио флеш

   7 октомври 2024

 

Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, денеска и утре ќе престојува во работна посета на Црна Гора, по повод учеството на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, на покана на претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.

Скопје - Податоците Народната банка за платежната статистика за вториот квартал од 2024 година, покажуваат тренд на натамошна засилена употреба на дигиталните канали за извршување на плаќањата во земјата, особено од страна на граѓаните, како при употребата на платежните картички, така и при употребата на решенијата за мобилно плаќање при електронско иницирање на кредитните трансфери, односно платните налози.

Скопје – Уставниот суд в среда на седница ќе треба да донесе конечна одлука по предлог постапката за оценување на уставноста и законитоста на „балансерот“ - алатката за вработување според национална припадност во државните институции.

На дневен ред на 27. седница на Уставниот суд закажана за 9 октомври се предвидени шест иницијативи за оценување на уставност и законитост, како и гласање по шест предлози за донесување на конечни одлуки и да утврди пет нацрт- решенија. 

Уставниот суд на 18 септември на седница расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно  место, односно дали со „обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се  нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.

Скопје - Кумулативниот индекс на цените на угостителските услуги за периодот јануари - септември 2024 година во однос на истиот период лани е зголемен за 5,5 отсто, додека во однос на декември 2023 година, е зголемен за 2,8 проценти.

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на цените на угостителските услуги во септември 2024 година во споредба со август 2024 година е зголемен за 0,2 отсто. Споредено по групи на услуги, зголемување е забележано во групите Храна за 0,3 проценти, Алкохолни пијалаци зa 0,3 и Безалкохолни пијалаци за 0,1 отсто. 

Берлин – И за денеска по повод годишнината од упадот на Хамас во Израел во главниот град на Германија, Берлин најавени се протести на Потсдамер плац, поради што се распоредени се околу 2.000 полицајци.

На пропалестинските митинзи за време на викендот во Берлин демонстрантите фрлаа камења и шишиња врз полицајците кои возвратија со солзавец.

Бејрут - Хезболах преку соопштение се осврна на првата годишнина од нападот на Хамас врз Израел, во кое уште еднаш ја изрази својата верба во нивната способност да ја „одбие израелската агресија“ и вети дека ќе ја продолжи борбата.

Вооружената група, чие седиште е во Либан, е сојузник со Хамас, а двете милитантни организации се поддржани и финансирани од Иран.

Астана - Гласачите во Казахстан, вчера, на референдум, го поддржаа владиниот план за изградба на нуклеарна централа во земјата, соопшти денеска изборната комисија во земјата. 

Британските медиуми пренесуваат дека комисијата соопштила дека 71,12 отсто од гласачите ја поддржале изградбата на централата. 

Москва – Руската армија соопшти дека синоќа соборила 21 украинско беспилотно летало, од кои 12 биле над територијата на полуостровот Крим.

„Во текот на ноќта беа спречени обиди на режимот во Киев да изврши терористички напади со дронови на руска територија, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.

Министерството додаде дека противвоздушната одбрана ги соборила сите 21 украински дрона.

Ерусалим – САД потрошиле рекордни 17,9 милијарди долари за воена помош за Израел од почетокот на војната во Газа пред една година и ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, се вели во извештајот за проектот на Универзитетот Браун наречен „Трошоци на војната“.

Извештајот беше објавен денеска, на годишнината од терористичкиот напад на палестинскиот Хамас од Газа во јужен Израел.

Бергамо - Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека доколку продолжи илегалната миграција во Европа, тој ќе донесе мигранти во Брисел и ќе ги остави пред канцелариите на ЕУ.

-Ќе донесеме мигранти од Будимпешта во Брисел и ќе ги оставиме пред канцелариите во Брисел. Ако ги сакаат, нека ги задржат, изјави Орбан на собранието на италијанската десничарска партија Лига во Понтида кај Бергамо.

Неговите зборови беа придружени со громогласен аплауз од членовите на таа партија, со извици „Орбан, Орбан, Орбан“, пренесоа италијанските медиуми.

Рим - Поранешниот дефанзивец на италијанската фудбалска репрезентација Леонардо Бонучи зборуваше за тоа како можеше да заигра во Премиер лигата во 2016 година.

- Кога решив да го напуштам Јувентус во 2017 година, Манчестер сити и ПСЖ ме бараа. Тие ги испратија своите финансиски понуди, но јас сакав да останам во Италија и решив да се приклучам на Милан. Гвардиола веќе сакаше да ме види во Манчестер сити во летото 2016 година, изјави Бонучи за „Sky Sports“.

Лос Анџелес – Големата НБА-ѕвезда, Леброн Џејмс и неговиот син Брони Џејмс играа заедно во претсезонски натпревар.

Предводникот на Лејкерси и неговиот најстар син влегоа во исто време на теренот на мечот со Феникс санс (114:118). Заедно одиграа 4 минути и 9 секунди. 

Софија - Светски актуелната тема што ги диктира модните трендови оваа година е зачувување на природата. Веќе не е доволно, се вели, да се рециклира ѓубрето и да се користат хартиени чаши наместо пластични. За да се биде дел и од големата мода, треба да се потпрете на одржливи, еколошки практики. Затоа денес и дизајнерите рециклираат.

За сезоната есен/зима 2024 година, овие трендови вклучуваат создавање гардероба со користење стари материјали на нов начин и додатоци направени од неочекувани предмети...

Аделаида - Изложувањето на растенијата на монотон звук ја стимулира активноста на габите, коишто пак, може да поттикнат побрз развој на растенијата, покажува ново истражување. Наодите на Универзитетот „Флиндерс“ во Аделаида, Австралија, се објавени во списанието „Бајолоџи летерс“ (Biology Letters).

Ова откритие оди во насока на потврда на можноста дека музиката може да биде корисна за побрз раст на земјоделските и градинарските култури.

Остани поврзан