• вторник, 14 мај 2024

Макрон и на југот на Франција пречекан со протести за донесената пензиска реформа

Макрон и на југот на Франција пречекан со протести за донесената пензиска реформа

Париз, 20 април 2023 (МИА) - Неколку стотици лица, кои се противат на законот според кој наместо на 62 ќе се пензионираат на 64 години, денеска се собраа во мало гратче Гранж, на југот на Франција, пред посетата на шефот на државата Емануел Макрон.

Истовремено, низ цела Франција се организираат други протести.

Францускиот претседател денеска во Гранж се сретна со наставници и ученици во едно средно училиште, каде зборуваше за образовната политика. По неговото пристигнување во градот, во училиштето снема струја, а локалниот огранок на левичарскиот синдикат ЦГТ соопшти дека тоа е форма на протест.

Десетици полицајци беа распоредени на улиците за да спречат толпата да се приближи до училиштето.

Полицијата накратко употреби солзавец за да ги растера демонстрантите кои се обидоа да ги пробијат бариерите.

Макрон вчера беше на истокот на Франција, каде првпат беше на терен по усвојувањето на законот за пензионирање. Насобраните граѓани и во таа прилика го изразија своето незадоволство од донесената реформа.

Синдикатот ЦГТ повика на протести низ цела Франција. сд/

 

 

 

 

Остани поврзан