• вторник, 25 март 2025

„Кој е следен?“: Не сме поврзани со ниту една политичка партија, јавно ги осудуваме сите обиди за партизација

„Кој е следен?“: Не сме поврзани со ниту една политичка партија, јавно ги осудуваме сите обиди за партизација

Скопје, 23 март 2025

 

Драги медиуми, замолуваме пораката да биде споделена во целост, 

Денес, на лажни профили и преку пропагандни медиуми, беа објавени видео-снимки со цел да ја поврзат нашата иницијатива „Кој е следен?“ со еден онлајн разговор помеѓу група студенти и девојка од Србија.

Ве известуваме дека нашата иницијатива нема никаква поврзаност со тој повик, ниту сме биле вклучени во какви било разговори за формирање на нови студентски организации. Доволно е да се погледне самата снимка – името „Кој е следен?“ не се споменува ниту еднаш, а нашето лого е аматерски и намерно вметнато во аголот на видеото.

Нашата иницијатива е граѓанска и како таква нема намера да се вклучи во студентското организирање, ниту да го инструментализира. Студенти, веруваме во вашата способност да се оградите од партиски и надворешни влијанија.

Овие обиди за оцрнување се уште еден доказ дека политичката елита се плаши од автентичното граѓанско незадоволство. Наместо да одговорат на барањата за правда, одговорност и безбедност, тие се служат со провидни манипулации, лажни вести и медиумски спинови.

Притисоците од лажни профили, пропагандни медиуми, како и од полициски и параполициски структури, само дополнително ќе ја зајакнат нашата волја.

Ние не сме поврзани со ниту една политичка партија, и уште поважно – јавно ги осудуваме сите обиди за партизација на „Кој е следен?“. Нашиот револт не е алатка за политички поени, туку повик за достоинствен живот.

Оваа сурова пропаганда нема да не замолчи.
Нема да дозволиме да се угуши секој млад, независен и слободен глас.
Нема да дозволиме елитите да продолжат да не газат!

Денес ние сме мета на манипулации и лажни вести.
Кој е следен?

Иницијатива „Кој е следен?“ 

Фото: принтскрин од фејсбук на „Кој е следен?“

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан