• вторник, 25 март 2025

Мицкоски: Ги поддржувам граѓаните кои одлучиле својот гнев да го изразат преку протести, но не ги оправдувам политичките глодари кои не сакаат силна влада

Мицкоски: Ги поддржувам граѓаните кои одлучиле својот гнев да го изразат преку протести, но не ги оправдувам политичките глодари кои не сакаат силна влада

Радовиш, 24 март 2025 (МИА) – Апсолутно ги разбирам сите оние кои одлучиле својот легитимен гнев, да го изразат преку демократска алатка, а тоа се протести. Но, не можам никако да ги оправдам оние политички глодари, лешинари, коишто не сакаат силна Влада од ВМРО, бидејќи е браник и последниот столб да не дозволи уништување на Македонија, како држава, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, кој при посетата на Радовиш беше прашан за коментар за протестите по трагедијата во дискотеката во Кочани.

Премиерот Мицкоски посочи дека протестите се демократска алатка на изразување на незадоволство.

- И јас сум нервозен, а верувам и дека и вие сте незадоволни. Сите ние сме незадоволни, во сето тоа што се случува и не треба да имаме дилема. Работите ги решаваме и ќе продолжиме да ги решаваме, многу работи изминатите девет месеци, какошто е избрана оваа Влада се решија, за многу работи оваа Влада беше браник, да не дозволиме да продолжи понижувањето, разграбувањето, националното уништување на Македонија. Токму тоа е за тие политички глодари проблем, коишто сакаат преку овие протести, да добијат некој политички поен, па гледаат шанса, изјави Мицкоски.

Потенцираше дека  апсолутно го поддржува изразувањето на револт и гнев, затоа што, како што рече, уште многу работи пред нас останаа да се решат.

- Но, ќе се бориме до последен атом, енергија, којшто го имаме да исправиме нешто во името на идните генерации, коишто доаѓаат. Преку ноќ не може ништо да се направи, иако направивме многу работи, ќе повторам изминатиот период. Поразивме неколку мафијашки здруженија, коишто за жал функционираа во државата, ќе продолжиме и во периодот, којшто следи. Но, од сега па натаму, јас само би посакал да сите останеме фокусирани и обидинети во решавање на проблемите, рече Мицкоски. вдј/лв/

Фото: МИА 

Остани поврзан