• вторник, 25 март 2025

Муцунски во Будимпешта се сретна со неговиот колега Сијарто

Муцунски во Будимпешта се сретна со неговиот колега Сијарто

Скопје, 24 март 2025 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска престојуваше во еднодневна работна посета на Будимпешта, Унгарија, каде оствари билатерална средба со неговиот унгарски колега, министерот за надворешни работи Петер Сијарто, и, на негова покана, се обрати пред членовите на Дипломатскиот совет на Унгарија, информираат од МНРиНТ.

На средбата со министерот Сијарто, министерот Муцунски упатил искрена благодарност за поддршката и прифаќањето на македонските пациенти повредени во несреќата во Кочани, нагласувајќи дека оваа конкретна помош е дел од продлабоченото пријателство и соработка помеѓу двете земји, градено интензивно во изминатите девет месеци.

Во рамки на посетата, министерот Муцунски ја посетил и болницата во Будимпешта каде што се згрижени шест македонски пациенти. Се сретнал со нивните семејства и со медицинскиот персонал, од кои добил информации за состојбата на пациентите и упатил благодарност за грижата, професионалноста и човечноста со која унгарските лекари се вложуваат во нивното лекување. Притоа истакнал дека поддршката се однесува не само на пациентите, туку и на нивните најблиски, кои добиваат логистичка поддршка преку дипломатско-конзуларната мрежа.

Министерот и неговиот домаќин разговарале и за унапредување на економската соработка, со акцент на инвестициите, енергетиката и трговската размена, како и за актуелната регионална динамика, стабилноста, безбедносните предизвици и континуираната поддршка од Унгарија за македонските евроинтеграции. сст/аа/

Фото МНРиНТ

Остани поврзан