• петок, 17 мај 2024

Костадиновска-Стојчевска: Функционирањето на библиотеката во Тетово не е доведено во никаква опасност

Костадиновска-Стојчевска: Функционирањето на библиотеката во Тетово не е доведено во никаква опасност

Скопје, 12 септември 2023 (МИА) - Библиотеката „Кочо Рацин“ во Тетово само ги менува просториите во рамките на истата институција, односно останува во тетовскиот Центар за култура. Значи дека само од едни 460, ако не се лажам, метри квадратни се преместува во други 460 метри квадратни, што значи дека функционирањето на библиотеката воопшто не е доведено во никаква опасност, изјави денеска на прес-конференција, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Таа беше прашана за дислокација на библиотеката во Тетово и оти вработени се жалеле дека немаат основни услови за работа.

До неа, како што нагласи, немаат пристигнато никакви реакции, ниту од вработените, ниту од директорката.

- Напротив, ова беше направено со нивна согласност. Кога ќе се преместат во новите 460 метри квадратни, во истата институција каде што се, таму ќе се направат потребните реновирања, доколку има потреба, за да се адаптира тој простор. Тоа ќе се направи со многу голема брзина за да не се загрози, да не се доведеме во ситуација библиотеката да не работи, децидна беше министерката.

Според Костадиновска-Стојчевска, ова од никогаш не била крајната дестинација на библиотеката.

- Таа ќе биде сместена во новиот објект што се гради, што со одлука на Влада е проектирано дека треба да се заврши во 2027 година, за што се изделени 39 милиони евра, каде што во нова зграда ќе бидат сместени и библиотеката во Тетово и театарот. Што значи дека до финализирање на тој објект, во Центар за култура ќе функционира како и досега, непречено, истакна министерката, одговарајќи на новинарски прашања.

Таа додаде дека библиотеката ќе се премести на друга страна во самиот Центар за култура.

- Не е точно дека таму нема да можат да функционираат. Се работи за простор што е уште поосовременет. Тој простор досега го користеше Универзитетот во Тетово, реновиран и постојано одржуван токму за потребите на Универзитетот. Доколку има потреба, ние како Министерство, повторно ќе вложиме во тој простор, појасни Костадиновска-Стојчевска. бд/ев/

Фото: Влада

Остани поврзан