• четврток, 07 ноември 2024

Во Драмски театар премиера на претставата „Парови“ на авторката Ана Ристоска Трпеноска 

Во Драмски театар премиера на претставата „Парови“ на авторката Ана Ристоска Трпеноска 

Скопје, 17 мај 2024 (МИА) - На сцената „Ристо Стефановски“ во Драмски театар Скопје утревечер со почеток во 20 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Парови“ на авторката Ана Ристоска-Трпеноска и во режија на Ивана Ангеловска.

Во претставата улогите ги играат актерите на Драмски театар Скопје - Ирена Ристиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Димитрија Доксевски, Јасмина Василева, Стефан Вујисиќ, Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ, Лазар Христов и Нина Елзесер.

Сценограф на претставата е Костантин Трпеноски, изборот на костимите се на костимографите Раде Василев и Ратка Џамбазовска Коцев, дизајнот на постер е изработен од Дамјан Момировски, а фотограф е Стефан Стамандов.

Директорката на Драмски театар Скопје, Викторија Рангелова Петровска на прес-конференцијата се осврна на традицијата на Драмски во поддршката на текстови на македонските автори со што овој театар се издвојува и го држи приматот на национална куќа која дава најискрена поддршка со поставување на претставите на домашните автори.

-Новата премиера на Драмски театар која е воедно и праизведба на драмскиот текст „Парови“ од авторката Ана Ристоска Трпеноска. Должна сум да посочам на улогата на Драмски театар во промоција на македонски драмски автори и на македонското драмско писмо. Драмски театар од самиот свој почеток, во сите три негови развојни фази од Куклено детски театар, преку Младинско детски театар и на крај Драмски театар во програмската политика искрено се залагал за промоција на македонски автори и домашното драмско творештво. На самиот почеток репертоарот на куклено детската сцена период од 1946 до 1960 година се поставуваат дела создадени од Петре Прличко кој се потпишува под оригинални детски пиеси и прави театарски адаптации на Дизниевите филмови за деца како авторите кои одбележаа значаен дел од македонската книжевност како Славко Јаневски (Шумска дружба, Шеќерното дете), Ванчо Николовски (Горски суд) и Александар Алексиев (Немирници), рече Рангелова Петровска.

Таа потенцира дека во периодот 1960 до 1970 следи интензивна промоција на битовата драмтургија претставена преку Ристо Крле (Парите се отепувачка), Васил Иљоски (Бегалка, Свадба), за да продолжи со промоција на поствоени автори кои од докажани прозаисти добиваат можност на сцената на Драмски театар да го преточат својот театарски обид во успешна театарска приказна, а тоа се авторите: Томе Арсовски (Александра, Бумеранг), Коле Чашуле (Партитура за еден Мирон), Милан Ѓурчинов (Богомилска балада), Симон Дракул (Немирна рудина), Петре М Андреевски (Богунемили), Оливера Николова (Земја во која не се стигнува), Георги Сталев (Болен Дојчин), Богомил Ѓузел (Адам, Ева и Јов).

Рангелова Петровска посочи дека од 1970 започнува златниот период на Драмски театар кој исклучиво се должи на претставите работени на домашни автори како Горан Стефановски со Јане Задрогаз, Диво месо, Дупло дно, Тетовирани души, Кула Вавилонска, Чернодрински се враќа дома, Демонот од Дебар маало, Огнени јазици итн) Јордан Плевнеш (Еригон, Р, Југословенска антитеза, Слободен лов, Последниот маж, последната жена), Русомир Богдановски (Пангуриј, Чудото на СВ. Ѓоргија) и комедиографот Миле Поповски (Солунски патрдии, Викенд на мртовци) , кои соработуваат како тандеми со режисерите Слободан Унковски, Љубиша Георгиевски и Коле Ангеловски. Потенцира дека од 1990 година покрај овие веќе етаблирани автори кои театарот ја продолжува соработката и во годините кои следат, Драмски театар ја отвара вратата и се залага за промоција на новата генерација на драмски автори и драматурзи како Жанина Мирчевска (Шуави ап, Есперанца), Сашко Насев (Чија си, Грев или шприцер), Југослав Петровски (Вазна од порцелан), Дејан Дуковски (Друга страна) и Венко Андоновски (Словенски ковчег, Кандид во земјата на чудата).

Рангелова Петровска нагласи дека во последните децении Драмски театар на театарската сцена ги поставува исклучиво дела на млади македонски драмски авторки како Жанина Мирчевска (Ждрело), Благица Секуловска (Безљубни), Миа Николовска (Така зборуваше Гертруда), како и адаптации и драматизации испишани од жени драматурзи, работени по прозни дела на македонски авторки како што е случајот со Мојот маж од Румена Бужаровска.

-Праизведбите и соработката на Драмски театар во последниве години не е тенденциозно условена во соработка со жени автори, таа е природно поставена. Не занам дали ви е познато но последните генерации на школувани драматурзи се исклучиво жени. Женскиот драмски ракопис е доминантен. Зошто ја правам оваа историска ретроспектива на улогата на Драмски театар во дефинирање на македоската драматургија, ја правам за да ја потенцирам улогата на Драмски театар во одржување на континуитетот на македонското драмско писмо и тоа со праизведби со што ја докажува вербата во новите автори. Ја потенцирам улогата на Драмски театар преку кој се дефинираат театарките животи на најголемите македонски драмски автори. Драмски театар е институцијата која отвара врата и искрено и несебично вложува во промоција на македонското драмско творештво и во македоските автори. Девизата на Ристо Стефановски дека без македонска драма нема театар, беше и остана една од примарните задачи на повеќе или помалку секој раководител на Драмски театар. За таа цел од оваа година Драмски театар започнува со реализација на конкурс за најдобар драмски текст од млад автор до 30 години а наградата го носи името Горан Стефановски, рече таа.

Рангелова Петровска нагласи дека таа доминација на жените автори и денеска е тука и е претставена преку Ана Ристоска Трпеноска со делото „Парови“.бт/фф/

Фото: МИА/ Драмски театар

Остани поврзан