Тридневна програма за одбележување на годишнината од трагедијата во „Пулс“ во Кочани
- Во пресрет на годишнината од трагичниот настан од 16 март 2025 година, Општина Кочани заедно со Организацискиот одбор составен од Здружението на граѓани „16 Март“, ОО на Црвен крст – Кочани, Црковниот храм „Св. великомаченик Георгиј“, ЈЗУ ОБ Кочани, советници и НУЦК „Бели мугри“ изготви заедничка програма за оддавање почит на загинатите и поддршка на повредените од трагедијата во дискотеката „Пулс“.
Кочани, 26 февруари 2026 (МИА) - Во пресрет на годишнината од трагичниот настан од 16 март 2025 година, Општина Кочани заедно со организацискиот одбор составен од Здружението на граѓаните „16 Март“, ОО на Црвен крст - Кочани, црковниот храм „Св. великомаченик Георгиј“, ЈЗУ Општа болница - Кочани, советници и НУЦК „Бели мугри“ изготви заедничка програма за оддавање почит на загинатите и поддршка на повредените од трагедијата во дискотеката „Пулс“.
Во несреќата што се случи на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани животот го загубија 63 лица, а над 200 беа тешко повредени.
По тој повод, градоначалникот Владко Грозданов одржа прес-конференција со членовите на организацискиот одбор, на која беа соопштени активностите што ќе се реализираат на 14, 15 и 16 март.
На 14 март ќе се одржат православни содржини посветени на упокоените во несреќата - молитвено сеќавање и духовно единство во нивна чест.
Настанот предвиден за 15 март е со наслов „Кочани ви благодари“. Овој ден е посветен на повредените и на изразување благодарност кон сите институции, здравствени установи, здруженија, поединци.
- Упатени се официјални покани до здравствените установи што ни беа огромна поддршка по несреќата, а ги охрабрувам и повредените деца што и денес имаат контакт со болниците во кои беа лекувани да ги поканат своите доктори и медицинските крепители. Општина Кочани е овде и ќе ги удостои со топол и срдечен прием, ќе им обезбеди сместување и сите потребни почести - рече Грозданов.

Општината планира поканетите делегации од институциите и здруженијата што дале свој придонес на свеченост на 15 март да бидат одликувани со статуетки на благодарност. Тој ден ќе заврши со содржини од културно-уметничка карактер како израз на живот, надеж и заедништво.

На 16 март активностите ќе бидат посветени на достоинствено оддавање почит на починатите во трагедијата.
- Младите што трагично ги загубивме заслужуваат почитта кон нив да ја искажеме мирно, достоинствено и сплотено - како што прилега на заедница што памети и што се грижи - истакна градоначалникот Грозданов.

- Нека овие денови не бидат само сеќавање на болката, туку и нов лист во нашето заедничко дејствување - да станеме општина на сплотеност, истрајност и мир - рече градоначалникот Грозданов.
Деталите од програмата ќе бидат дополнително соопштени од Општината. ис/дма/
Фото: МИА