Договорени конкретни активности меѓу Општина Дебар и друштвото на дебрани во САД
- Била разгледана и можноста во просториите на општинската зграда во Дебар да се обезбеди канцеларија за друштвото „Дибра“, која ќе биде во служба на развојот и координацијата на нивните активности.
Дебар, 18 март 2026 (МИА) - Градоначалникот на Дебар, Фисник Меља, заедно со членови на Советот на општината, попладнево остварија средба со Арлинд Лела, член на управниот одбор на друштвото „Дибра“, на дебрани во САД.
-Средбата се одвиваше во дух на соработка и меѓусебно разбирање, при што одблиску беа разгледани актуелните проблеми, предизвици, како и идните активности. На оваа средба беше договорено да се формираат две работни групи кои ќе работат во координација за реализација на заеднички иницијативи и проекти, информираа од општината.
Исто така, била разгледана можноста во просториите на општинската зграда во Дебар да се обезбеди канцеларија за друштвото „Дибра“, која ќе биде во служба на развојот и координацијата на нивните активности.
Во наредниот период ќе биде подготвен стратешки план за заедничките проекти и идната работа, како и начинот на соработка помеѓу Општината и друштвото.
Договорено да се изготви и заеднички календар на активности со цел подобра координација и успешно реализирање на идните настани.
-Друштвото „Дибра“ обавува одлична и многу значајна работа за нашата многубројна дебарска заедница во Соединетите американски држави. Нивната посветеност за зачувување на вредностите, традицијата и обединувањето на дијаспората е за голема почит и поддршка, било констатирано на средбата.
Друштвото „Дибра" е основано во 90-ти години од минатиот век, кога почнала помасовната миграција на дебрани кон САД, каде неофицијално живеат околу 20 илјади дебрани и нивни потомци.
Редовно реализира активности за помош на родниот крај во повеќе области, пред се набавка на апаратура и реконструкција на дебарската болница, помош при потреба од средства за тешки оперативни зафати надвор од Македонија, подобрување на патната инфраструктура, финансиска помош за семејства во социјален ризик. вт/са/
Фото: Општина Дебар