• понеделник, 13 мај 2024

Костадиновска-Стојчевска: Со стипендиите ќе се пополнат дефицитарни области од заштитата на културното наследство

Костадиновска-Стојчевска: Со стипендиите ќе се пополнат дефицитарни области од заштитата на културното наследство
Скопје, 31 август 2022 (МИА) - Министерството за култура соопшти дека по извршените анализи утврдило дека во заштитата на културното наследство долги години има празнина во обновувањето на кадарот во повеќе витални сегменти на овој значаен ресор во културата. Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вели дека со стипендиите што ги овозможува Министерството за образование и наука за академската 2022 - 2023 година се дава можност за едуцирање на стручен кадар во областите: историја на уметноста, археологија, ликовна уметност и етнологија и антропологија. - Музеите, галериите, центрите за заштита и конзервација кои ги систематизираат, ги чуваат и ги конзервираат културните добра, кои изготвуваат научни трудови и го афирмираат македонското културно наследство во светот, по долги години, преку овие стипендирани студенти, ќе продолжат да работат според потребните стандарди. Со ваквиот начин на поддршка на младите се дава можност за кадровско екипирање на установите од областа на заштитата и на музеологијата со образован и квалитетен стручен кадар кој ќе работи во овие области со примена на највисоките меѓународни стандарди, вели министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Со воведувањето на овие стипендии, покрај тоа што ќе се обезбеди иднина во заштитата на културното наследство, се обезбедува и повисок студентски стандард и грижа за младите идни стручни кадри во областа на културата, информираат од Министерството за култура. рп/са/

Остани поврзан