• недела, 05 мај 2024

Израел е подготвен да прифати ослободување на помалку од 40 заложници, пишуваат израелските медиуми

Израел е подготвен да прифати ослободување на помалку од 40 заложници, пишуваат израелските медиуми

Тел Авив, 26 април 2024 (МИА) - Израел е подготвен да го ублажи своето барање Хамас да ослободи 40 заложници во замена за привремен прекин на огнот во Појасот Газа, откако палестинската милитантна група ја одби понудата подготвена од преговарачите во Катар- Египет и САД, пишува Тајмс оф Израел повикувајќи се на израелски портали.

Израелскиот Воен кабинет сега е подготвен да прифати ослободување на само 20 заложници во првата фаза од договорот под услов да бидат ослободени жени, мажи над 50 години и тешко болни, а кабинетот вчера го овласти израелскиот преговарачки тим да разговара за пофлексибилен пристап со египетската делегација, која денеска во Тел Авив ќе има дополнителни разговори, објави израелската интернет страница Инет.

Неименуван високо рангиран израелски функционер подоцна за сајтот изјави дека Израел всушност се согласува на ослободување на 33 заложници, а сајтот наведува дека Хамас инсистирал бројот на ослободени заложници да биде приближно 20.

Претходниот предлог вклучуваше ослободување на 40 заложници во наведените категории, но Хамас соопшти дека нема толку многу жени, мажи над 50 години и тешко болни кои се уште се живи.

Посредниците од Катар, Египет и САД им дадоа на страните во конфликтот,  Израел и Хамас, нов предлог за прекин на огнот во Појасот Газа, што треба да се спроведе во три фази. Првата фаза вклучува ослободување на 40 израелски заложници кои ги држи Хамас во Појасот Газа во замена за ослободување на 900 Палестинци од израелските затвори, меѓу кои и 100 со казна  доживотен затвор. Второ, враќање на раселените Палестинци во северниот дел на Појасот Газа и трето, дневен влез во енклавата на 500 камиони со хуманитарна помош. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан