• недела, 19 мај 2024

Изградени три станици и шест потстаници на првата делница од пругата кон Бугарија

Изградени три станици и шест потстаници на првата делница од пругата кон Бугарија

Куманово, 11 декември 2023 (МИА) -  Првите две делници од  пругата кон Бугарија се градат согласно предвидената динамика. На локацијата „Ново Куманово“ на делницата Куманово-Бељаковце веќе изградени станици и потстаници. При увид во градежните работи, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, директорот на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек и директорот на ЖРСМ Инфраструктура, Зоран Трифуновски, денеска порачаа дека изградбата на Коридорот 8 е услов за регионално поврзување.

- Важноста е уште поголема од причина што Европската Унија дава силна поддршка за изградба на овој коридор како услов за ефикасно регионално поврзување. Со огромна поддршка од транспортната Заедница, со соседите Албанија и Бугарија како и Италија успеавме овој Коридор 8 да го ставиме на главната мапа на европски коридори и токму поради тоа огромно е значењето овој коридор да биде доизграден, како на железничката оска така и на патната оска. Северна Македонија има само една опција, а тоа е европската перспектива и од таа причина, оваа Влада покажа силна одлучност да ја започне најголемата инвестиција во железницата, а тоа е изградбата на оваа пруга рече министерот Бочварски.

Тој потсети дека изградбата на железничка пруга на источниот дел од Коридор 8 е инвестиција од над 700 милиони евра, овој дел од пругата се гради во три фази. Локацијата во Куманово е дел од првата фаза, инвестиција вредна 40 милиони евра. Наредната година се очекува да заврши изградбата на оваа фаза од 31 километар. Министерот посочи дека и втората фаза, од Бељаковце до Крива Паланка во должина 34 километри се работи со потребната динамика, за што се инвестирани 155 милиони евра.

-Веќе најавив дека до крај на годината ќе го распишеме и јавниот повик за изградба и на третата фаза односно од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, инвестиција од преку 550 милиони евра. За таа делница веќе имаме обезбедено грант од 61 милиони евра преку ИПА 2 компонентата од ЕУ. Исто така преку ЕУ ќе обезбедиме нови неповратни средства од 149 милиони евра. Очекувам многу брзо пратениците да ги изгласаат законите за заем преку ЕБРД и ЕИБ и двата во износ од по 175 милиони евра и на тој начин да ја заокружиме финансиската конструкција за изградба и на третата делница, кажа министерот.

Директорот на ЖРСМ Инфраструктура, Зоран Трифуновски посочи дека ова е една од трите станици што се градат на Коридорот 8 во Куманово кој е пак спој на коридорите 8 и 10

-Ние на овој потег имаме три нови изградени станици и шест потстаници на 31 километар, рече директорот.

Трифуновски очекува да се запазат роковите за изградба на првите две фази, а се надева дека ќе се објави тендерот за, како што истакна- најголемиот градежен предизвик, третата фаза, која што ќе биде во должина од 23,4 километри.

-Ќе имаме 22 тунели во должина од девет километри и 52 мостови во должина од 14 километри, така што се надеваме дека до крајот на годината ќе успееме да ги затвориме сите отворени прашања околу изградбата на Коридорот 8 од Куманово до границата со Република Бугарија. Исто што се однесува на она што ја интересира јавноста конечно и на Коридорот 10 заврши делот од ремонтот околу 30 километри Неготино – Ногаевци и интензивно работиме на санација на делот од мостот на којшто претходно имавме проблем и тој се надеваме дека до крајот на годината ќе го завршиме и повторно ќе го пуштиме целосно во сообраќај на Коридорот 10, рече Трифуновски.

Интенцијата е да се создаде модерна железничка мрежа, која ќе овозможи економски раст, брз и ефикасен транспорт на товар и патници и регионален развој.

Државава во следните два дена е домаќин не министерскиот совет на министрите за транспорт од регионот од Западен Балкан како и Молдавија, Грузија и Украина, во организација на Министерството за транспорт и врски и Секретаријатот на Транспортната заедница. На состанокот ќе се  разговара за напредокот на земјите во делот на транспортните мрежи.

Според Бочварски,  има значителен напредок во делот на транспортните политики и усогласувањето со политиките на Европската Унија, како и во реализација на капиталните проекти на европските коридори 8, 10 и 10 д. Уверува дека долгорочните политики на државата се насочени токму кон развој и модернизација на транспортни коридори.

- Како дел од политиките на усогласувања, го донесовме Законот за либерализација во железничкиот сообраќај, процес со кој го отвораме пазарот и за други железнички оператори. Поважно е што го бараа и компаниите и стопанската комора. И со сите овие проекти и мерки даваме силен инпут во создавање на нова и модерна транспортна мрежа во земјава, рече Бочварски.

Директорот на транспортната заедница, Матеј Закоњшек, изрази задоволство од динамиката на градежните активности на терен, истакнувајќи дека Коридорот 8 не е важен само за државава, за Бугарија и Албанија, откако ќе биде изграден ќе ги поврзе Црното море и Медитеранот, а ќе се поврзе и со коридорот 10.

- Откако овие коридори ќе се модернизираат, кога железницата ќе стане функционална, тогаш ќе се обезбеди одржлив транспорт во регионот, кажа Закошњек.

Тој очекува изградбата на првата и втората фаза да заврши до 2025 , нагласувајќи дека, покрај изградбата на железницата, исто толку важно е и донесувањето на реформи кои ги овозможуваат ваквите проекти одржливи.

-Сакам да го поздравам донесувањето на законот во Собранието на Северна Македонија пред неколку недели. Тука гледаме дека проектите и реформите треба да одат „рака под рака“. Тоа е еднственитот начин да имаме одржливи транспортни проекти и она што го испорачуваме кон граѓаните, денес, утре и долгорочно, кажа Закоњшек. ам/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан