• петок, 26 април 2024

ЗНМ и УНДП во подготовка на веб платформа за локални стории

ЗНМ и УНДП во подготовка на веб платформа за локални стории

Велес, 13 ноември 2023 (МИА) - Здружението на новинари на Македонија и тим од УНДП заедно работат на формирање мрежа за новинари и медиуми кои обработуваат теми поврзани со дезинформациите на родово сензитивно известување и за екологија, информира по денешната средба во Велес, претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.

Проектот е насловен „Зајакнување на капацитетите во локалните заедници за справување со дезинформации и родови базирани дезинформации“, а фокусот на проектот е создавање на дигитална онлајн платформа, односно нов медиум - веб сајт којшто ќе се фокусира на вести од помалите градови во земјава.

-Тоа нема да бидат класични вести, туку истите ќе бидат фокусирани на истражувања на справувања со дезинформации, справување со родово базирани дезинформации, како и создавање на сопствена медиумска новинарска содржина што е неопходно во овој период, но и други теми, изјави  Дарко Чекеровски, кординатор за комуникации од УНДП.

Во последниве години, како што рече, сведоци сме дека во поголемите градови се формирани сериозни редакции што се справуваат со дезинформации, истражувачка новинарска работа ...., а помалите градови за жал се занемарени и од поголемите медиуми и се помал е бројот на дописници и помала е мрежата на новинари кои работат на овие теми.

-Затоа сметаме дека ЗНМ е најсоодветен партнер за формирање на оваа локална мрежа на новинари и во соработка со УНДП ќе создаваат ваков вид информации, појасни Чекеровски.

Според Младен Чадиковски овие две теми  се  исклучително важни за општетството и затоа решиле  на овој начин да ја дисперзираат работата на новинарите и да не биде се сконцентрирано во Скопје.

- Здружението на новинари на Македонија познавајќи ја потребата на локалните заедници да бидат информирани за теми од вакво значење реши преку Регионалните центри на ЗНМ да ја формира оваа мрежа што ќе има своја веб платформа на којашто месечно ќе се креираат по 20-тина текстови поврзаи со ваков вид на известување. Тоа е важно за локалната заедница, а важно е и за целото општетство: но исто така е важно да се подигне свеста меѓу јавноста и граѓаните за родово сензитивно известување и теми кои се поврзани со екологијата, рече Чадиковски.

Тој додаде дека  за овие две теми како родово сензитивно известување во целата држава не постои целосно свесност колку е важна оваа тема како можност да се креира општество каде ќе нема еднакви и нееднакви туку само луѓе професионалци и непрофесионалци.

Зборувајќи за еокологијата, Чадиковски рече дека како општество во целина и ние како новинари и медиумска заедница мора да имаме поголема свесност за екологија. - Затоа одлучивме да креираме еден пул од кадешто ќе можат да се направат теми коишто ќе бидат од извонредно значење за сите, додаде тој.

Чекеровски појасни дека овој портал засега  е предвидено да функционира до мај идната година, но дека ќе вложат напори да продолжи, а по завршување на проектот порталот да премине во сопственост на ЗНМ со цел да ги подржува вестите што доаѓаат од помалите градови во земјава.

-Целта е да се направи една солидна мрежа затоа што во овој момент тука го наоѓаме просторот за работа, бидејќи освен вестите што се покриени во поголемите градови како Скопје, Битола, Прилеп Куманово, Велес, Тетово, помалите градови се оставени без доволна информираност, за тоа што се случува во овие градови, потенцира Чекеровски.

Медиумскиот експерт Mарина Тунева појасни дека во рамките на проектот се спроведува истражување за борбата против дезинформациите, а кое се уште е во тек.

-Самото истражување подразбира анализа на постоечките помошни меѓународни стандарди во однос на медиумскиот интегритет и консултативен процес во којшто се вклучени професионални медиумски новинарски здруженија, граѓански сектор и медиумски експерти. Целта е да се осознаат ставовите на овие различни целни групи во однос на медиумскиот интегритет, како гледаат на проблемите во оваа сфера. Оваа тема со години наназад е проблем за кој зборуваат во професионалните медиумски кругови, појасни Тунева.

Таа најави дека резултатите од оваа истражување ќе бидат објавени во декември годинава, а ќе бидат поканети сите кои биле вклучени во овој процес на истражување со цел заеднички да се проверат наодите и најчестите проблеми за медиумскиот интегритет.

-Од досегашните резултати на истражувањето најчест проблем е што медиумските реформи не се спроведени, а тоа прашање на медиумската сцена опстојува со години. Проблемот со социо-економскиот статус на новинарите којшто влијае на практиките на информирање и професионализмот во самите редакции, а тоа пак влијае на начинот на којшто се гради и одржува медиумскиот интегритет, потенцира Тунева.

Таа посочува дека се реагира на проблемите во онлајн сферата кадешто се лиферуваат различни наративи поврзани со дезинформации и погрешни информации и дека има неред во информирањето.

-Тие потенцираат дека треба да постои макар минимална регулација во онлајн просторот, при што ќе биде јасно дефинирано кој стои зад одреден медиум, кое е сопствеништвото и кои се изворите на финансирање, бидејќи тоа повторно е поврзано со медиумскиот интегритет, појасни Тунева.

Воедно таа додава дека еден од заклучоците на истражувањето е  дека треба да се стави  една јасна дистинкција меѓу сопствеништвото и уредништвото во самите медиуми, бидејќи тој линк и го создава и го нарушува медиумскиот интегритет.

-Доколку има мешање во уредувачката политика од оние што се сопственици, а доколку зад нив стојат некои носители на моќ кои го контролираат нивното информирање тоа апсолутно влијае врз градењето на медиумскиот интегритет, потенцира Тунева. ад/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан