• недела, 22 декември 2024

Ансамблот „Танец“ одржа концерт во Пехчево

Ансамблот „Танец“ одржа концерт во Пехчево

Пехчево, 25 април 2024 (МИА) - Ансамблот „Танец“ вечерва одржа концерт во Пехчево. Љубителите на изворниот фолклор уживаа во богатиот репертоар на, како што беше кажано, 75 години постоење на еден од најстамените столбови на македонската традиција и култура и еден од главните темели на македонската државност.

-Се претставивме со изворни ора и мелодии кои се содржани во постоечките кореографии на ансамблот или во минатото биле на репертоарот на „Танец“, а се одамна заборавени или напуштени. Оваа програма е податна за малите сцени со кои располагаат најголемиот број од центрите за култура во државава, но програма која е вистински омилена кај публиката, истакнаа на почетокот на настапот членовите на најреномираниот македонски културен репрезент.

За директорката на Домот на култура „Јане Сандански“ во Пехчево, Валентина Веселинска чест и задоволство беше да се проследи волшебството на изворниот фолклор претставен од врвните уметници.

-Настапот „Изворни минијатури“ е дел од јубилејната концертна сезона 75 години Македонски код. Чест и задоволство ни беше да бидеме сведоци на прекрасен концерт, со прекрасна публика. Им посакуваме на „Танец“ многу успешни концерти промовирајќи ја македонската култура и традиција насекаде во земјата и во светот, истакна Веселинска.

„Танец“ во Пехчево настапи по пауза од 7 години, претходно во најисточниот дел од државата свој настап во рамки на јубилејната концертна сезона имаше и во Македонска Каменица. вс/дма/


Фото: МИА

Остани поврзан