• петок, 03 мај 2024

Мицкоски од Струга повика на државно обединување и масовна поддршка на коалицијата предводена од ВМРО - ДПМНЕ на 8 мај

Мицкоски од Струга повика на државно обединување и масовна поддршка на коалицијата предводена од ВМРО - ДПМНЕ на 8 мај

Струга, 25 април 2024 (МИА) - Лидерот на ВМРО - ДПМНЕ и носител на листата во Изборната единица 1 Христијан Мицкоски вечерва од Струга повика на сеопшто државно обединување на народот и сите сегменти на општеството против актуелната Влада и масовно да застанат зад коалицијата предводена од неговата партија и кандидатката за претседател Гордана Силјаноска Давкова.

- Ги повикувам сите и стари и млади, Албанци, Турци, Срби, Бошњаци, Роми, Власи, сите граѓани во Македонија да се приклучат. Ова не е само моја или само наша битка овде, туку битка на народот против оваа власт. Подавам рака и барам да се приклучат сите: земјоделците, вработените, невработените, лекарите, млади, стари, стопански комори.., против заедничкото зло и изворот на сите страдања, а тоа е оваа Влада на СДСМ и ДУИ, рече Мицкоски.

На народот му порача да не дозволи да биде уценуван, од како што посочи, оние што треба да ги сменат.

- Знам дека ќе се обидат овие денови да уценуваат, посебно овие од ДУИ за да излезат на претседателските избори во вториот круг. Тоа не е воопшто државотворен чекор. Тоа воопшто не е чекор на политички партии кои се претставуваат изминатите шест и пол години не само дома, туку и во меѓународната заедница како државотворни партии. Тие се обични кукавици кои сакаат да уценуваат и се силни само кога пред себе имаат слаб противник, рече Мицкоски.

Според него, народот е посилен од секое сценарио на владата на СДСМ и ДУИ, и им се заблагодари на граѓаните за поддршката и победата.

- Народот покажа дека е посилен од секое сценарио, од секоја шема направена од истите политичари кои со години крадат и се богатат на грбот на сиромашниот и напатен народ. Им доаѓа крајот, цунамито се крена, а потресот го направивте вие народот на Македонија и ви благодарам за тоа, истакна Мицкоски.

Резултатот на вчерашните избори, нагласи, бил одговор за, според него, предавствата, аферите, криминалот и понижувањата на Македонија и граѓаните од владата на СДСМ и ДУИ.

Мицкоски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ има план и програма „Платформа 1198“ со која ќе ја трансформира Македонија напред.

- Работата не е завршена. Победата е голема. Финалето следи на 8 мај. Имаме противник кој нема да жали средства ниту методи за да си ги задржат фотелјите. Добија жолт картон вчера, на 8 мај треба да добијат црвен. Црвен картон за цела влада. Имаме обврска да им ги срушиме сите идеи за калкулации и предавства. Сите нивни понижувања кои ги прават посебно изминатите денови. Ова е револуција на народот на Македонија и таа нема да запре. Затоа ве молам, ве молам за поддршка од сите. Повикувам за сеопшто државно обединување на народот и сите сегменти на општеството против оваа влада, нагласи Мицкоски.

Носителот на листата во Изборната единица 5 Ѓорѓија Сајкоски од стружани побара обединување и поддршка за реализирање на идејата за Македонија да биде развиена држава, со добра инфраструктура, подобро образование, здравство, економија...

- Затоа што на моите браќа македонци муслимани од околината и на албанците што живеат тука, и на сите стружани, кичевчани, охриѓани.... и од цела Македонија им е потреба подобра инфраструктура, поголем економски развој, подобро здравство. Затоа да се обединиме околу ВМРО - ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ и да донесеме голема огромна победа за идната влада предводена од ВМРО - ДПМНЕ. Да донесме влада која нема и никој неможе да ја уценува и да ја принуди. Да донесеме влада која сака да донесе подобар живот за сите нас, рече Сајкоски.

Ги повика граѓаните, како што рече, на 8 мај, да излезат референдумски, за слободна Македонија.

- Да излезете сите и оние кои не излегле првиот пат од разни причини, и тие што гласале за други политички субјекти, сите кои и мислат добро на Македонија. Да се обединиме за заедничка Македонија, која ќе ги врати децата од надвор и ќе ги задржи оние што сакаат да си одат од нашата држава, порача Сајкоски.

И кандидатот за пратеник Јован Јаулески им порача на стружани да се обединат, нагласувајќи дека само обединети ќе успеат да ја постигнат целта Македонија да застане на свои нозе и да биде повторно горда.

- Струга може да се обедини и Струга може да покаже како се сака Македонија. Да не се делиме, да не ги делиме гласовите, за две недели да гласаме заедно и единствени за пратеничката листа предводена од ВМРО - ДПМНЕ и професорката Гордана Силјановска Давкова. Да им покажеме на сите дека мудро и демократски знаеме да си ја одбраниме државата, рече Јаулески.

Ѓорѓи Шопоски, канидат за пратеник од листата на ВМРО - ДПМНЕ во ИЕ 5, упати апел до младите да не се откажуваат, забележувајќи дека за СДСМ и ДУИ потребите на младите се далеку на дното на нивната агенда и оти не им е во интерес да изградат здраво општество во кое младите би имале широк спектар на можности.

- Не откажувајте се, има надеж. Светлото во мракот сме ние. Ние сме тие кои мора да станат да излезат од дома и да покажат смелост. Тука, почнува се од дома. Затоа ве охрабрувам тргнете, вложете дел од себе во Македонија и не губете надеж, затоа што знам дека ВМРО - ДПМНЕ ќе биде постојана поддршка. Оваа битка за некого е последна, но за нас е прва, истакна Шопоски. сс/дма/

Фото:ВМРО-ДПМНЕ

Остани поврзан