• вторник, 16 јули 2024

ЕУ и додели 13 милиони евра помош на албанската Армија (ДПЛ)

ЕУ и додели 13 милиони евра помош на албанската Армија (ДПЛ)

Брисел, 15 јули 2024 (МИА) – Советот на ЕУ денеска донесе одлука за доделување помош на Албанија во рамките на Европскиот мировен механизам во износ од 13 милиони евра, наменети за подобрување на оперативната ефикасност на албанските Вооружени сили, пред се во делот на мобилноста и заштитата.  

Како што соопшти Советот, мерката за помош, исто така, треба да ги зајакне капацитетите на Албанија за нејзино учество во операции и мисии во рамки на заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ, како и на други меѓународни коалиции. 

Во врска со доделената помош, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел изјави дека оваа одлука претставува важна пресвртница во безбедносна и одбранбена соработка на Унијата со Албанија, која е „сигурен безбедносен партнер и земја кандидат за членство во ЕУ“.  

- Таа, исто така, ја одразува нашата благодарност за целосното усогласување на Албанија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што е многу јасен израз на стратешкиот избор на Албанија за иднина во Унијата, додаде Борел. 

Согласно одлуката, преку Европскиот мировен механизам ќе биде обезбедена опрема што не е наменета за борбени активности, како и други набавки и услуги, вклучително и техничка обука.  

- Албанските Вооружени сили ќе добијат лесни оклопни повеќенаменски возила. Овие возила се опремени да обезбедат висока мобилност и маневрирање на секаков вид терен и при секакви временски услови, како и заштита на персоналот од лесно оружје и експлозиви, се додава во соопштението. 

Европскиот мировен механизам е создаден во март 2021 година со цел да овозможува финансирање на активности во рамките на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ насочени кон спречување конфликти, зачувување на мирот и зајакнување на меѓународната безбедност и стабилност. Овој механизам и овозможува на ЕУ да финансира активности насочени кон зајакнување на капацитетите на трети земји и регионални и меѓународни организации, поврзани со воени и одбранбени прашања. сп/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан