• недела, 22 декември 2024

До недела на полноќ треба да биде избрана новата влада, Мицкоски ги очекува предлозите за министри од коалициските партнери

До недела на полноќ треба да биде избрана новата влада, Мицкоски ги очекува предлозите за министри од коалициските партнери

Скопје, 17 јуни 2024 (МИА) - Собраниската седница за избор на новата влaда се очекува претседателот на Собранието Африм Гаши да ја закаже за сабота во 11 часот, а таа треба да заврши најдоцна до недела на полноќ.  Како што најави мандатарот Христијан Мицкоски, се очекува тој утре до Собранието да го достави составот на владата и програмата за нејзина работа. Колку ќе трае оваа седница зависи од бројот на пријавени пратеници за збор и дебатата во пленарната сала. 

Засега е извесно дека во новата влада влегуваат ВМРО-ДПМНЕ, партиите од коалицијата Вреди и ЗНАМ, кои веќе ги објавија своите предлози за министри во владата. Мандатарот Мицкоски синоќа ги објави имињата на министрите од неговата партија, и рече дека очекува денеска да ги добие предлозите за министри и од другите коалициски партнери. 

Мандатарот ги предлага досегашниот технички министер за внатрешни работи Панче Тошковски за министер во овој ресор, за надворешни работи и надворешна трговија актуелниот градоначалик на Општина Аеродром Тимчо Муцуски, а за финансии потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Кочоска Димитриеска.  За заменик претседател на Владата и министер за транспорт  е предложен партискиот потпретседател и пратеник во повеќе мандати Александар Николовски, во ресоротот одбрана Владо Мисајловски, пратеник и поранешен министер за транспорт, а за информатичко општество и дигитална трансформација досегашниот дополнителен заменик министер во овој ресор Стефан Андоновски. Министер за локална самоуправа ќе биде поранешниот директор на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Пирински кој во изминатиот период го водеше и кабинетот на Мицкоски. 

Во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е предложена Сања Божиновска, актуелен член на ИК и експерт во енергетиката, Цветан Трипуновски во земјоделство, шумарство и водостопанство како кадар со долгогодишно искуство во ресорот,  професорката Весна Јаневска во образование и наука, во Министерството за култура и туризам актерот Зоран Љутков, а во Министерството за спорт ракометарот Борко Ристовски.  

Вицепремиерски места ќе имаат и коалициските партнери Социјалистичката партија и Демократската партија на Србите. Љупчо Димовски, претседателот на СП ќе биде вицепремиер и министер за политички систем, а Иван Стоиљковиќ, претседателот на ДПС вицепреиер задолжен за односи со заедниците, додека Шабан Салиу ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите.

Кадровското решение за генералниот секретар на владата најави дека ќе биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ќе се знае многу скоро и ќе биде на дневен ред на првата седица на владата. 

Партиите од Коалицијата Вреди, според одлуките на партиските тела и изјавите на партиските претставници, ќе раководат со Министерството за европски прашања, каде предлог за министер е Орхан Муртезани од Алтернатива, со Министерството за животна средина за кој ресор кандидат е Изет Меџити, лидерот на Демократско движење, кој треба да биде и прв вицепремиер,  како и со Министерството за социјална политика, демографија и млади и со Министерството за економија и труд, за кои се предложени кадри од БЕСА Фатмир Лимаи, односно Бесар Дурмиши. Ресорот здравство, пак, според изјавите во медиумите, ќе го раководи лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари. 

Од Движењето ЗНАМ - За наша Македонија, пак, утврдени кандидати од партиските тела се Игор Филков за министер за правда и Горан Минчев за министер за јавна администрација. 

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на 6 јуни му го врачи мандатот на Мицкоски за состав на новата Влада, по конституирањето на Парламентот. Оттогаш почна да тече дваесетдневниот рок за формирање нова Влада. ев/лв/

 

Остани поврзан