• недела, 22 декември 2024

Група демократски конгресмени го повикаа Бајден да се откаже од кандидатурата за реизбор

Група демократски конгресмени го повикаа Бајден да се откаже од кандидатурата за реизбор

Вашингтон, 20 јули 2024 (МИА) - Група демократски конгресмени го повикаа американскиот претседател Џо Бајден да се откаже од својата кандидатура за реизбор, иако претседателот е категоричен дека е подготвен да се врати на изборната патека следната недела за да се спротивстави на, како што вели, „мрачната визија“ за развојот на земјата, претставен од републиканецот Доналд Трамп. 

Во моментов, Бајден останува изолиран во неговиот дом во државата Делавер, откако му беше дијагностициран Ковид-19. Претседателот инсистира дека може да го победи Трамп и се спротивставува на обидите на неговите сопартијци да го дисквалификуваат од кандидатурата.

Самиот Бајден рече дека говорот за прифаќање на Трамп на републиканската национална конвенција претставува „мрачна визија за иднината“. Во меѓувреме, тој рече дека планира да се врати на кампањата и инсистираше на тоа дека постои начин да се победи Трамп и покрај загриженоста на некои високи партиски членови.

-Заедно, како партија и како земја, можеме да го победиме на гласачките кутии, рече Бајден. „Влогот е голем, а изборот е јасен. Заедно можеме да победиме“, додаде тој.

Претходно, претседателката на неговата кампања, Џен Дилион, призна за пад на поддршката за претседателот, но додаде дека тој останува во трката.

Лекарот од Белата куќа Кевин О'Конор рече дека американскиот лидер се уште има сува кашлица и рапав глас, но неговата состојба се подобрува.

Во исто време, потпретседателката Камала Харис ги увери главните донатори на демократската кампања дека партијата ќе победи на изборите. 

-Знаеме кој кандидат на изборите го става американскиот народ на прво место: нашиот претседател Џо Бајден, рече таа. мс/

Фото: МИА архива

Остани поврзан