• четврток, 25 април 2024

Годинава реконструкција на Студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид

Годинава реконструкција на Студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид

Охрид, 30 март 2023 (МИА) – Условите за сместување и престој на ученици и студенти во Студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид не се идеални, но се сосема пристојни, дури над стандардите кога станува збор за објектите за ученичко сместување во државата.

Објектот каде е сместен домот е изграден во 1964 година како депанданс на поранешниот хотел „Палас“, а како студентски дом со почнува да функционира од 1998 година.

- Она што во моментов можам да го кажам е дека студентскиот дом е во добра кондиција, за годините колку е во функција. Објектот е во поодминати години, но добро е одржуван. За изминатите четири-пет години доста е вложено во него, како во осветлувањето со замена на енергетски ефикасни лед светилки, така со поставување безичен интернет во целиот објект и телевизори со сателитска програма на првиот кат, изјави за МИА директорот на Студентскиот дом, Жарко Куциноски.

Тој истакна дека собите за сместување на студентите се пристојни, загреани, сите со сопствен санитарен јазол и топла вода.

- Во договор со самите студенти, топлата вода им е обезбедена секој ден во периодот од 16 часот попладне се до наутро. Сметам дека децата се задоволни, како со сместувањето така и со исхраната, рече Куциноски.

Кога станува збор за исхраната, домот располага со соствена кујна и ресторан, каде за студентите секој ден се приготвуваат и сервираат свежи оброци.

- И во исхраната има ред, во договор со студентите се изготвува менито, со различен оброк секој ден. Самите оброци сметам дека ги задоволуваат деневните потреби на еден млад човек. Инаку, покрај секојдневното миење, најмалку трипати месечно спроведуваме генерално чистење на кујната и просториите каде се чува и приготвува храната, истакна тој.

Во соработка со Центарот за јавно здравје од Охрид, се спроведува и дезинфекција, дезинсекција и дератизација на целиот објект, како во заедничките простории, така и во собите за сместување.

Самите студенти генерално задоволни од сместувањето и условите во домот. Велат дека условите не се лоши, храната е пристојна, а за хигиената свесни дека тоа зависи најмногу од нив самите.

Студентскиот дом „Никола Карев располага со 240 легла, а моментално во него има 120 студенти, како и стотина ученици од Регионалниот центар за стручно образование „Ванчо Питошески“ чиј интернат моментално се реконструира.

Инаку, зградата стара речиси шест децении е меѓу осумте објекти за сместување студенти и ученици кои преку проект на Министерството за образование и наука со финансиска поддршка на Германската развојна банка ќе бидат целосно рекунструирани.

Директорот Куциноски истакна дека од обезбедените средства за реконструкција токму на објектот во Охрид се предвидени два милиони евра. Реконструкцијата се очекува да почне во октомври и според проектот да трае 18 месеци.

Според него, објектот ќе биде целосно реконструиран со нова енергетски ефикасна фасада, централен систем за затоплување и климатизација, со нова електрична и санитарна инсталација, модернизација и современо ентериерно уредување. 

Александар Бачиќ

Остани поврзан