• среда, 04 декември 2024

Германија: Вратата кон ЕУ останува отворена за Грузија, но е потребна поддршка од владата

Германија: Вратата кон ЕУ останува отворена за Грузија, но е потребна поддршка од владата

Берлин, 2 декември 2024 (МИА) - Германските власти денеска изјавија дека Европската Унија и натаму е отворена за Грузија, при што ја повикаа тамошната Влада да го поддржи овој пат, во време кога земјата сведочи на масовна проевропска мобилизација на улиците.

- Вратата кон Европа останува отворена за Грузија, но важно е Грузија да оди по тој пат, а луѓето што ги гледаме на протестите го сакаат токму тоа, изјави портпаролот на германското Министерство за надворешни работи, Себастијан Фишер, на редовна прес-конференција.

Грузија официјално доби статус на кандидат за членство во ЕУ во декември 2023 година, но Брисел го замрзна процесот, обвинувајќи ја извршната власт за сериозен демократски пад.

- Целта за конечна интеграција во европското семејство е заштитена со грузискиот устав и тоа првично беше цел на сегашната влада, која од тој пат отстапи, додаде Фишер.

Тој истакна дека „масовните протести последниве денови јасно покажуваат дека многу луѓе во Грузија сакаат иднина во рамките на ЕУ.“

Грузија, поранешна советска република, е во турбуленции по парламентарните избори одржани на 26 октомври, на кои победи владејачката партија „Грузиски сон.“ Меѓутоа, опозицијата ги осуди изборните неправилности и го бојкотира новиот парламентарен состав.

Уличните демонстрации, кои собраа илјадници демонстранти неколку ноќи по ред, беа предизвикани од одлуката на владата да ги суспендира на четири години преговорите на земјата за членство во Европската Унија, односно до 2028 година. ссм/

фото: ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан