• вторник, 14 мај 2024

Предлог законот за помилување на комисиска расправа во Собранието

Предлог законот за помилување на комисиска расправа во Собранието

Скопје, 6 февруари 2024 (МИА) -  Предлог законот за помилување, во прво читање, на предлог на Министерството за правда, денеска е на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, која треба да расправа и за предлог законите за изменување и дополнување на Законот за народниот правобранител и на Законот за извршување на санкциите, исто така во прво читање. Закажани се седници и на собраниските комисии за прашања на изборите и именувањата, за одбрана и безбедност,  на Буџетски совет и на Законодавно-правната комисија.

Причините за донесување нов закон за помилување, според предлагачот, произлегуваат од недостатоците и правните празнини во постојниот Закон за помилување од аспект на неговата практична примена, како и од потребата за попрецизно нормирање на одредени прашања регулирани со законот.

-Со Предлог  закон за помилување се уредуваат поимот и видовите помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени за поднесување молба за помилување, како и постапката и актите на надлежните органи во врска со помилувањето. А, една од најзначајните измени во законот е тоа дека претседателот на државата може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица. Исто така се разработува постапката за помилување, при што клучни се и одредбите за одговорност на лицата кои постапуваат по предметите, како и на нивните претпоставени, информираше владината прес-служба по седницата на Владата на која беше утврден текстот на Предлог законот.

Членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувањата ќе одлучуваат за утврдување предлог-одлуки за именување член на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, за избор на членови на Државниот совет за превенција на детско престапништво, за изменување на одлуките за именување на претседател и членови на Oдборот за доделување на државната награда „23 Октомври“, за разрешување и именување на претседател и членови на Oдборот за доделување на државната награда „11 Октомври“, за именување претседател и членови на одборите за доделување на државните награда „Св. Климент Охридски“ и „22 Ноември“....

На дневен ред се и предлог-одлуките за изменување на Одлуката за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, за изменување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието, за изменување на Одлуката за основање на пратенички групи на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со парламенти на други држави и избор на претседатели и членови на пратеничките групи на Собранието за соработка со парламенти на други држави,...

На седница на Комисијата за одбрана и безбедност за расправа се предлог - одлуки за испраќање припадници на Армијата за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина, како и за Предлог - одлука за изменување на Одлуката за испраќање припадник на Армијата за учество во меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации „УНИФИЛ“, во Република Либан (ноември 2023 година до ноември 2024). 

Буџетскиот совет на Собранието, пак,  треба да расправа за Предлог-одлука за давање на согласност за дополнување на Буџетот на Собранието на Република Северна Македонија за 2024 година.

Пред Законодавно-правната комисија се три граѓански иницијативи за собирање на 150000 потписи за распишување референдум на кој граѓаните на Република Северна Македонија ќе можат да се изјаснат со ЗА или ПРОТИВ на референдумските прашање: Дали сте за или против донесување на закон за државна пензија со кој сите пензионери со ист стаж ќе имаат иста пензија, а пензиите согласно  стажот ќе бидат пресметани според табелата дадена во прилог, преку овластениот предлагач Страшо Јованов,  „Дали сте за или против донесување на закон за обесштетување со кој се овозможува исплата на неисплатени плати за сите кои биле во работен однос во претпријатие кое пред донесување на законот за приватизација било општествена сопсптвеност, а исплатата ќе се изврши во рок од две години од посебен државен фонд формиран за таа намена“  и „Дали сте за или против за донесување закон за промена на закон за стечајци со кој се овозможува материјална помош во висина   од 40 проценти од просечната плата за сите невработени на кои им престанал работниот однос врз основа на стечај, ликвидација или технолошки вишок, а имаат најмалку пет години работен однос во претпријатие кое пред донесувањето на законот за приватизација било во општетсвена сопственост, остварување на правото го има секое лице со навршени 54 години (мажи) и 52 години (жени), преку овластениот предлагач Горан Зафировски.

Во Собранието денеска ќе се одржи и работна средба на Клубот за младински прашања и политики со претставници од Европската комисија, Европска соседска политика и преговори за проширување (DG NEAR). лв/ац/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан