• среда, 15 мај 2024

Во Штип се одржува натпреварот „Лего лига“

Во Штип се одржува натпреварот „Лего лига“

Штип, 24 февруари 2024 (МИА) - Над 180 учесници, 22 тима од четири града од државата денеска беа дел од шестиот Лего лига натпревар, кој се одржа во спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип. Директорот на Лего лигата, Гордан Анастасов вели дека подготовките започнале во ноември минатата година, а учесниците имаа за цел да направат проект, наменет за рекреација.

-Ова натпреварување е под капата на Обединетите нации и темите се бираат од таму. Учениците треба да направат иновативни проекти од места како рекреација, сали, спортски терени, кина и слично,  вели Анастасов.

По првпат годинава како коорганизатор на натпреварот се јавува Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип, а учествуваа и од Машинскиот факултет.

Продекан на Електротехничкиот факултет при УГД-Штип, Тодор Чеќеровски вели дека годинава е една од најуспешните, а тоа се гледа низ бројот на учесници.

-Со сигурност можам да кажам и тврдам дека оваа година е една од најуспешните, а тоа го покажува самиот број на учесници, над 180. Овој натпревар се организира во светот во преку 120 држави, вели Чеќеровски.

Учесниците задоволни од организацијата, велат дека на ваков начин младите, пред се, децата учат да развиваат разни вештини и да учат преку забава. Децидни се дека интересот е голем од страна на младите да бидат дел и да земат учестви на ваков натпревар. Тенденција е ваквиот натпревар да прерасне во традиција, која ќе се одржува секоја година, со што ќе се овозможи поголема забава за децата и можност на креативен начин да научат нешто ново.

-Штип е домаќин на овој настан што само по себе го потврдува тоа дека Штип е образовен центар, а знаењето е најсилно оружје на еден човек, изјави градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Тимот кој ќе победи оваа година продолжува на Светско првенство од 7 до 9 јуни во САД, а дополнително уште еден тим ќе биде испратен на Националното првенство во Грција кое ќе се одржи на 9 и 10 март. вдј/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан