• петок, 22 ноември 2024

Азески одржа средба со раководството на „Костал“

Азески одржа средба со раководството на „Костал“

Скопје, 15 мај 2024 (МИА) - Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески вчера во Охрид одржал работна средба со раководството на мултинационалната компанија „Костал“ од Германија. Од „Костал“ на средбата изразиле благодарност за поддршката, но посочиле дека моменталните економски трендови во Германија и во автомобилската индустрија се проблематични и неизвесни што влијае врз нивната инвестициска активност, оценувајќи дека набрзо ќе дојде до зголемување на предвидливоста.

Раководството на „Костал“ на средбата беше предводено од Андреас Костал, претседател на Управниот одбор и сопственик на „Костал Групацијата“ и Хансјорг Херман, извршен оперативен глобален директор и претседател на „Костал Европа“.

На средбата, раководството на „Костал“ изрази благодарност до раководството на Стопанската комора за поддршката што ја добива во однос на своите активности и операции во земјата. Тие информираа дека моменталните економски трендови во Германија и во автомобилската индустрија се проблематични и неизвесни што влијае врз нивната инвестициска активност. Меѓутоа нивната оценка е дека во наредниот период ќе дојде до зголемување на предвидливоста, подобрување кај клучните проблеми на работењето, како што се побарувачката и цената на суровините.

Од Кабнитетот на претседателот на Стопанската комора соопштија дека во однос на конкретната соработка и услугите во земјава нивните видувања се идентични во последните неколку години и се сконцентрирани на состојбите со работната сила, функционирањето на правната држава и имплементацијата на договорените работи со Владата на Северна Македонија.

На средбата со претседателот на Комората, од раководството на „Костал“ уште еднаш ја потенцираа долгогодишната соработка и нивната намера да останат на македонскиот пазар и да продолжат со своите инвестициски активности, а работењето на менаџерскиот тим на „Костал“- Македонија го оценија како многу професионално, стручно, во согласност со времето во кое живееме.

Групацијата „Костал“ е германска семејна компанија која глобално вработува повеќе од 21.000 вработени на пет континента ширум светот.

Во Охрид, „Костал“ е присутна од 2016 година и е една од најбрзорастечките странски инвестиции присутни во Републиката.

Во моментот фабриката во Охрид брои 1.050 посветени вработени, сите професионалци во својот домен на работа. бт/нд/

Фото: Стопанска комора на Северна Македонија

 

Остани поврзан