• сабота, 22 јуни 2024

Високите температури ги зголемија интервенциите на штипската Брза помош

Високите температури ги зголемија интервенциите на штипската Брза помош
Штип, 21 јули 2022 (МИА) - Здравствените работници во Брзата помош во Штип деновиве поради високите температури имаа и по над 20 интервенции, само во една смена. Драгана Величковска лекар во Брзата помош при ЈЗУ Здравствен дом „Панче Караѓозов“-Штип за МИА вели дека деновиве имаат и чести повици од пациенти со симптоми на коронавирусот и дијареи. - Еден апел до граѓаните, пациентите кои ги повикуваат нашите екипи да носат заштитни маски, со цел да го заштитиме и здравјето на здравствените работници, кои веднаш излегуваат и пружат медицинска помош, вели Величковска. Александар Стојанов, специјалист по медицина на трудот за МИА вели дека градежните работници, потоа  работниците во јавните претпријатија и сите останати кои претежно работат на отворено, најмногу ќе ги почувствуваат екстремно високите температури. Посочи дека топлотниот бран на мета ги има и работниците во неклиматизирани простории, како што се некои од текстилните фабрики, но и оние кои патуваат со јавен превоз или одат пеш до работа и назад. Стојанов смета дека над 60 проценти од работниците деновиве ќе бидат значително изложени на портокаловата фаза на високи температури, за што следат и соодветни препораки за заштита. - Должност на работодавачите е да обезбедат подобри услови на работното место. Просториите да бидат климатизирани, да ги предупредат работниците за физичките, хемиските и биолошките штетности на работното место, да користат повеќе паузи во текот на работното време. Исто така, треба да има голема претпазливост при одењето на пауза, влегувањето и излегувањето од работното место или јавниот превоз, затоа што температурата е една внатре, а надвор е друга, вели Стојанов. Укажува дека колапси и удари се најчестите последици при премин од неклиматизирани во климатизирани простории и обратно. Лекарите советуваат дека во таков случај треба да се побара медицинска помош, но и да се земат многу течности. -Исто така во овој период треба да се пие многу течности, да се носи светла облека. Работодавачот треба да на работниците да им даде соодветна опрема и тие треба да ја користат, а се препорачува луѓето да не излегуваат без потреба, особено хроничноболните, бремените жени, додава  Стојанов. Препораки за заштита од високите температури вчера објавија ресорните министерства, кои  препорачуваат ослободување од работните обврски на бремените жени и хронично болни лица, работодавачите да ги почитуваат законските прописи од оваа област и да не се излегува на отворено во периодот од 11 до 17 часот доколку за истото нема потреба. вдј/цр

Остани поврзан