Мицкоски: Народот очекува резултати, неморал и потфрлања нема да толерирам
- Враќање на довербата во институциите, елиминирање на корупцијата и криминалот и економско заживување, најавува мандатарот на идната Влада Христијан Мицкоски, кој денеска од собраниската говорница рече дека е време татковината да направи повеќе за секој граѓанин. Во своето експозе, Мицкоски најави во вторник нова инвестиција од повеќе од 400 милиони евра, намалување на даноците и зголемување на пензиите и платите, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот, градење на добри односи со нашите соседи и негување на меѓуетничките односи.
Скопје, 22 јуни 2024 (МИА) - Враќање на довербата во институциите, елиминирање на корупцијата и криминалот и економско заживување, најавува мандатарот на идната Влада Христијан Мицкоски, кој денеска од собраниската говорница рече дека е време татковината да направи повеќе за секој граѓанин.
Во своето експозе, Мицкоски најави во вторник нова инвестиција од повеќе од 400 милиони евра, намалување на даноците и зголемување на пензиите и платите, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот, градење на добри односи со нашите соседи и негување на меѓуетничките односи.
- Работата на сите предложени кандидати за јавни функции ќе биде предмет на постојана ревизија и евалуација и ќе има место само за тие со јасна волја, кои се посветени на државата и народот и кон исполнување на програмата, и кои ќе бидат блиски до народот и ќе имаат јасен, морален и професионален компас. Накусо оние кои ќе бидат луѓе. Јас разбирам дека грешки се возможни, но грешки кои ќе се исправаат затоа што динамиката која ја планирам е пеколна, темпото ќе биде силно затоа што народот очекува од нас резултати, одговорноста која ја имаме е огромна. Се работи за нашиот образ. И за нашата чест. Неморал и потфрлања нема да толерирам. Кој нема да може да се носи со тоа не е погрешно ниту грев да каже, или заедно да утврдиме, и да ја промени позицијата или да биде реконструиран од постојната. Ова важи за сите функционери кои ќе бидат именувани од нашата коалиција без разлика од која партија доаѓаат, истакна Мицкоски.
Посочи дека ќе бара од секого да го даде максимумот и дека се потребни брзи резултати.
- Од она што го дознаваме за состојбите во државата, ситуацијата е рамна на клиничка смрт во повеќе клучни области, девастирана до мера на непрепознатливост каде институциите се доведени пред буквална пропаст и незапаметена нефункционалност. И за се ќе биде известена јавноста, и ова не го говорам дека имам намера да смислувам изговори или да плачеме над лошата состојба, туку дека одлучно ќе одговориме, затоа што оваа генерација нема опција за неуспех и заедно ќе мора да направиме големи чекори напред. И затоа нема да барам никакви 100 дена меден месец, туку најавувам фуриозен почеток на проекти и нови инвестиции веднаш. Впрочем немавме ниту една секунда изминатиов период, рече Мицкоски.
На опозицијата и порача дека има подадена рака и дека е подготвен да разговара за сите отворени и важни прашања.
- Јас ќе се однесувам со должна почит кон вашите предлози и не очекувајте политички хајки затоа што нема да го трошам времето на тоа што го трошевте вие. Но ќе има одговорност за секој криминал, рече Мицкоски.
Додаде дека владата ќе остане посвеена на европските интеграции и дека ќе работи ангажирано на усогласување на политиките со европските стандарди, унапредувајќи ја целта за полноправно членство во Европската Унија.
- Продолжуваме и понатаму да стоиме заедно со нашите партнери од ЕУ и заедно ќе усогласуваме заедничката надворешна политика со ЕУ. Продолжува и поддршката на Украина да се брани и да го одбрани својот суверенитет и територијален интегритет, рече Мицкоски.
Централно место во мисијата на владата, како што посочи, ќе биде економското заживување најавувајќи силен циклус на економски раст, поттикнат од стабилни јавни финансии, поддршка за конкурентен приватен сектор и значајни инвестиции во иновациите и во информатичката технологија.
- Мора да постигнеме раст на БДП до 5 проценти годишно. Ниска стапка на инфлација не повеќе од 2,0%- 2,5% годишно. Намалување на невработеноста до 7,5%. Односно создавање на нови 55 илјади работни места. Ќе ги намалиме даноците. Ќе обезбедиме секое дете да оди во градинка. Инвестиции во инфраструктурата од над 2 милијарди евра за 4 години, завршување на автопатот Кичево – Охрид, реконструкција и рехабилитација на железничкиот коридор 10 и набавка на возови, како и 250 милиони евра капитални инвестиции во општините. Ќе работиме на децентрализацијата. Ќе направиме формирање на посебен фонд за врвна наука преку кој ќе фатиме чекор со светските истражувачки центри, обнова и реновирање на училишта, како и зголемување на платите во образованието согласно со Колективниот договор, зголемување на буџетот во образованието, силни инвестиции во здравството и нови болници и многу други работи. И конечно одговорност и фронт против корупцијата, прочешлување на имотот на судиите, обвинителите и функционерите, рече Мицкоски.
Во тек е расправата по предлогот за избор на владата. Пријавени се околу 60-тина говорници. Според собранискиот Деловник, седницата трае два дена и се очекува да заврши најдоцна до утре на полноќ.
Денешната собраниска седница ја следат претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова и претставници на дипломатскиот кор.
Во новата влада ќе има вкупно 20 министерства, четири повеќе од досега. Владата ќе брои 24 члена. Покрај премиерот, ќе има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор. Мицкоски ќе има пет заменици односно вицепремиери, а еден од нив ќе биде „прв вицепремиер“. Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ. бак/
Фото: МИА