• петок, 17 мај 2024

Борел: Очекувам лидерите на ЕУ да повикаат на одржлив прекин на огнот во Газа

Борел: Очекувам лидерите на ЕУ да повикаат на одржлив прекин на огнот во Газа

Брисел, 21 март 2024 (МИА) – Очекувам Советот на ЕУ денеска да донесе заклучоци со кои ќе биде изразена поддршка на УНРВА, но ќе биде и упатен повик за одржлив прекин на огнот во Газа, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел пред почетокот на денешниот Самит на Унијата во Брисел.

- Ќе побараме и ослободување на заложниците од страна на Хамас, но ќе изразиме и сериозна загриженост за состојбата во која се наоѓаат луѓето во Газа. Таа е неприфатлива, а тоа што е неприфатливо, не смее да биде прифатено, во спротивно тоа е чиста реторика. Она што денес се случува во Газа е неуспех на хуманоста. Тоа не е хуманитарна катастрофа, тоа е неуспех на хуманоста. Тоа не е земјотрес или поплава, тоа е бомбардирање. Единствен начин да се запре оваа хуманитарна криза, криза на човештвото е Израел да ги почитува цивилите и да обезбедиме хуманитарна поддршка, додаде Борел. 

Според него, луѓето во Газа гладуваат, посебно децата, а потребна им се и лекови и медицинска помош. 

- Се надевам дека Советот ќе му испрати јасна порака на Израел да престане да блокира и да спречува храната да стигне до Газа и да води сметка за луѓето, бидејќи сите тие не се Хамас, тоа го говорам со месеци, потенцира Борел. 

Тој нагласи дека министрите за надворешни работи на ЕУ разговарале за евентуална суспензија на Договорот за асоцијација со Израел, но дека засега не постои консензус за ова прашање меѓу земјите членки. 

- Израел има право да се брани, но не да се одмаздува. Секако, велиме дека Израел има право да се брани, но тоа треба да го прави согласно меѓународното право и хуманитарното право. Но, не гледаме дека тоа навистина се случува, истакна високиот претставник на ЕУ. 

Борел најави дека ќе побара од специјалниот претставник на ЕУ за хуманитарни прашања да подготви извештај за тоа што се случува во Газа и да го достави до Советот за надворешни работи на Унијата. 

- Не смееме да ги затвораме очите и да не преземаме ништо, истакна Борел, изразувајќи задоволство од најавата од САД дека во ОН ќе предложат резолуција во која првпат ќе се побара прекин на огнот во Газа, заедно со ослободување на заложниците. 

Борел истакна и дека очекува лидерите да го одобрат неговиот предлог за користење на профитите од замрзнатите руски средства, кои се проценти на три милијарди годишно, за одбраната на Украина, потенцирајќи дека според најновите пресметки за воената поддршка од ЕУ за земјата таа достигнала до 31 милијарда евра. 

- Од почетокот на војната обезбедивме 31 милијарда за воената поддршка на Украина и за оваа година се планирани уште 20 милијарди. Продолжуваме да ја подржуваме Украина со муниција и опрема, истакна Борел, додавајќи дека европската одбранбена индустрија во најголем дел работи за поддршка на Украина. 

Тој нагласи дека ЕУ верува во мирот и затоа мора да продолжи со поддршката за Украина, но и да работи на зајакнување на своите одбранбени капацитети за во иднина. 

- Но, да не ги плашиме луѓето. Војната не е неизбежна. Неизбежна е поддршката на Украина, додаде Борел. 

На прашање дали може да се очекува одлука на лидерите на ЕУ за почеток на преговорите за членство со БиХ, Борел само кусо одговори - „не знам, ќе видиме“. сп/

Фото: МИА АРхива

Остани поврзан