Блиски Исток: Дали Катар ќе го промени односот кон Хамас?
- Неколку дена откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври 2023 година, малиот емират зазеде позиција на посредник меѓу двете земји. Дел од заложниците кои ги зеде Хамас беа ослободени со помош на дипломатските напори на Катар. Отворањето на граничниот премин меѓу Појасот Газа и Египет за странци и ранети беше организирано и со помош на Катар, како и други земји.
28 април 2024
Дојче веле
Катар ги преиспитува сомневањата за својата улога во војната на Блискиот Исток, пишува германскиот јавен сервис АРД. Неколку дена откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври 2023 година, малиот емират зазеде позиција на посредник меѓу двете земји. Дел од заложниците кои ги зеде Хамас беа ослободени со помош на дипломатските напори на Катар. Отворањето на граничниот премин меѓу Појасот Газа и Египет за странци и ранети беше организирано и со помош на Катар, како и други земји.
Катар имаше големи надежи
На почетокот, главниот преговарач од Катар, Мохамед ал-Хулаифи, тврдеше дека целта на емиратот била да ги ослободи цивилните заложници и дека работи со сите сили за да го оствари тоа.
Сепак, денес, повеќе од шест месеци подоцна, преговорите се во ќорсокак. Има одредено разочарување во земјите од регионот. Катарскиот премиер и министер за надворешни работи Мохамед бин Абдулрахман ал Тани пред неколку дена изјави дека посредништвото на Катар за жал се користи за политички цели. Поради ова, емиратот сака да ја преиспита својата улога во конфликтот.
Емиратот веќе е уморен од критиките
Во Катар се нервозни. Наместо да жнее медиумски успех, емиратот сега е на удар од сите страни. Израел јавно се жали на блискоста на емиратот со Хамас, критики доаѓаат и од САД. Се чини дека властите во Доха веќе се уморни од оваа ситуација, пишува АРД.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Катар рече дека емиратот е „екстремно разочаран од овие наводи“. Затоа и Катар бара промена во улогата на посредник, а Хамас се чини дека станува товар.
А Катар, всушност, е исклучително соодветен како посредник во овој случај. Емиратот има врски со Израел, но одржува односи и со радикалната исламистичка организација Хамас. Од 2012 година, Хамас дури има своја политичка канцеларија во Доха. Но, ова наскоро може да се промени, пишува АРД. Според политикологот Мохамед Елмасри, присуството на лидерите на Хамас во Катар е товар за емиратот и создава тензија која може да има негативни последици за интересите на Катар.
Дали Хамас треба да се пресели?
Хамас веќе бара нова локација за своите политички канцеларии, велат медиумите. Се зборува за Оман, Египет или Турција, забележува АРД. Анкара во моментов се чини дека се обидува да се позиционира како нов важен посредник меѓу Израел и Хамас. Затоа, не е чудно што Ал Тани своето незадоволство од актуелната ситуација го изрази токму во присуство на неговиот турски колега Хакан Фидан.
Турција и Катар долго време се сметаат за сојузници во регионот. Сега се поставува прашањето дали Турција е на страната на Катар? Според француската новинарка Лила Жасинто од „Франс24“, тоа што Ал Тани ја коментирал темата во присуство на турскиот министер за надворешни работи е „сигнал за регионот дека Катар и ја предава посредничката палка на Турција“, пишува АРД. Таа потсетува и дека лидерот на Хамас Исмаил Ханије се сретнал со турскиот претседател Реџеп Ердоган. Според новинарката, шансите за долготрајно примирје се исклучително мали. „Израел нема да ја слуша Турција, улогата на САД е ослабена, а Палестинците страдаат“, вели новинарката Лила Жасинто.
Релевантна е и финансиската поддршка за Хамас
Во меѓувреме, Катар даде јасен сигнал: додека Емиратот прави напори да посредува во конфликтот, лидерите на Хамас може да останат во Доха. Но, радикалите најверојатно нема да се преселат од Катар, предвидуваат некои набљудувачи. Причина: Емиратот со години финансиски го поддржува политичкото крило на организацијата. Мустафа Камал ал-Сајед од Универзитетот во Каиро верува дека Турција или Оман веројатно нема да можат финансиски да го поддржат Хамас на долг рок. Затоа исламистите најверојатно ќе останат во Катар.
И покрај се, сегашната улога на посредник може да испадне претешка за малиот емират, пишува АРД. Нејасно е колку долго Катар ќе може да ги исполнува овие обврски во отсуство на какви било дипломатски успеси. Лидерите на земјите од регионот сакаат по секоја цена да избегнат една работа - нивната улога во конфликтот на Блискиот Исток да им носи повеќе негативни отколку позитивни поени. Целта е да се претстави Катар во очите на светот како носител на мирот. ссм/
фото: ЕПА архива