• петок, 17 мај 2024

Белгиската Католичка црква осомничена за кршење на Регулативата за заштита на податоците на ЕУ 

Белгиската Католичка црква осомничена за кршење на Регулативата за заштита на податоците на ЕУ 

Брисел, 1 октомври 2023 (МИА) - Католичката црква во Белгија се соочува со истрага од страна на белгиската Управа за заштита на податоци поради сомнеж дека ја крши европската Општа регулатива за заштита на податоците (ГДПР), со тоа што продолжува да ги чува личните податоци на оние кои решиле да ја напуштат верската заедница. 

Станува збор за процес, неофицијално наречен „дебаптизација“, односно барање на поединци да бидат избришани од црковниот Регистар на крстени, со што практично ја напуштаат Црквата.  

Како што јави телевизијата ВРТ, „дебаптизацијата“ се врши така што во Регистарот на крстени покрај името на барателот се запишува „излезе од црковната заедница“, но неговите податоци остануваат во записот. Црквата својата постапка ја правда со ставот дека според доктрината на верата, „дебаптизација“ не е можна, бидејќи „пренесената света тајна не може да се отповика“.  

Поранешен портпарол на Европскиот парламент, Јан Де Зутер во изјава за весникот „Стандард“ оценува дека е неприфатливо Црквата само да додава „забелешка“ во Регистарот , нагласувајќи дека таа не смее да ги чува податоците и евиденцијата на оние кои побарала да ја напуштат, бидејќи на тој начин ја прекршува Општата регулатива за заштита на податоците на ЕУ. 

Меѓутоа, црковниот портпарол Герт Де Керпел изјави дека според експерти за ГДПР, Црквата со ваквата постапка на ја прекршува Регулативата, додавајќи дека податоците не се чуваат во електронска форма или централно, туку на ниво на парохии. 

- Регистарот за крштевање е книга што се води по парохиите во која имињата и датумите се впишуваат рачно. Кога некој ќе биде крстен, се додава во Регистарот, изјави Де Керпел, додавајќи дека запишаните имиња не може да се пречкртаат  или избришат, бидејќи тоа би значело „уништување на историски документ“. 

Коментирајќи ја изјавата на Де Керпел, предавачот на Универзитетот за применети науки „Томас Мор“ од белгискиот град Мехелен и експерт за ГДПР, Барт Ван Бајтенен оцени дека станува збор за „прилично креативен изговор“, додавајќи дека Општа регулатива за заштита на податоците се применува и на физички документи 

- Колку што знам, Црквата мора да се придржува и кон тоа, изјави Ван Бајтенен. 

Белгиската европратеничка Кетлин Ван Бремпт од редовите на фламанската социјалдемократска партија Напред, оправданието на Црквата го оцени како „глупост“. 

- Совршено е можно да се прекријат имињата со црн маркер или лепенка без да се оштети остатокот од документот. Црквата само бара изговори, смета Ван Бремпт. 

Управата за заштита на податоците на Белгија засега одбива дополнително да го коментира случајот, додека не заврши истрагата и нејзиниот Истражен совет не излезе со став, што се очекува да се случи за неколку недели. Доколку се потврди прекршување на ГДПР, Управата би можела да и наложи на Црквата бришење на податоците или парични казни. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, белгиските медиуми посочуваат дека по неодамнешното емитување на документарниот филм на ВРТ под наслов „Заборавив на Бога“, кој говори за она што го преживеале неколку жртви на сексуална злоупотреба од страна на црковни лица и кој предизвика жестоки реакции во јавноста, се бележат зголемен број на барања за бришење од Регистарот на крстени.  

Како реакција на документарецот, политичките партии во белгискиот Парламент се согласија за формирање парламентарна анкетна комисија што ќе ги истражува појавите на сексуална злоупотреба во Католичката црква, а според „Брисел Тајмс“, регионалните власти на Фландрија размислуваат за намалување на субвенциите од општините за верските заедници.  

Регионалниот министер за соживот Барт Сомерс за Фламанското радио изјави дека локалните власти годишно ги субвенционираат верски заедници во Фландрија со околу 60 милиони евра, од кои најголемиот дел завршува на сметката на Католичката црква. 

Тој посочи дека најголем дел од овие субвенции се наменети за покривање на трошоците за сметки за струја и греење и за одржување на верските објекти. 

Според белгискиот закон, општините се обврзани да и помогнат на локална верска заедница доколку таа не е во можност да ги одржува своите објекти. 

Партија Отворени фламански либерали и демократи (Опен ВЛД) на белгискиот премиер Алекнсандер де Кро, која е дел од владината коалиција и во Фландрија, веќе иницираше измени на оваа регулатива. 

Сомерс, кој е член на Опен ВЛД, побара од Универзитетот во Антверпен да изработи студија за реформи на законодавството за субвенционирање на верските заедници, која треба да биде завршена до следната пролет. 

Според Сомерс, една општина не може да биде должна да ги надоместува загубите на верските заедници со пари од даноците на оние што не се религиозни, туку треба да и се остави можност на локалната самоуправа сама да решава дали ќе даде субвенции или не.

- Тоа е дел од автономноста на општинскиот Одбор. Ако општината смета дека е важно да донира пари, тоа би можела да го стори, додаде Сомерс. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан