• недела, 22 декември 2024

Полската армија нуди летни кампови како алтернативна сезонска работа

Полската армија нуди летни кампови како алтернативна сезонска работа

Варшава, 17 мај 2024 (МИА) – Војската на Полска ја проширува доброволната програма за воена обука за граѓаните и воведува летни кампови, со цел да регрутира војници со скратено работно време во неизвесните времиња по руската инвазија врз Украина.

-  Првпат летово стартува програмата наречена „Одмор со армијата“, соопшти полското Министерство за одбрана.

Мажите и жените на возраст од 18 до 35 години, кои имаат полско државјанство можат да се пријават за 27 дена основна воена обука во една од 70-те воени бази, за што ќе добијат плата од 1.520 долари.

- Понудата првенствено е наменета за матуранти, но и за студенти и лица кои бараат работа за време на празниците. Воениот рок може да стане алтернатива на сезонската работа, се наведува во соопштението.

Обуката ќе се состои од гаѓање, ориентација на терен, блиска борба, ракување со радиоопрема и воени возила.

Граѓаните кои ќе ја завршат програмата можат да одлучат дали ќе станат професионални или резервни војници или членови на волонтерски единици за национална безбедност.

Понудата е дел од проширувањето на еднодневните цивилни курсеви кои се организираат од 2022 година под името „Тренирај со армијата“ и се многу популарни. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан